Според последните информации од Црвениот крст на Македонија, во државава
има уште 3.154 протерани лица, од кои 1.089 се сместени во колективни центри,
а 2.065 во семејства. Во Куманово вкупно има 406 лица од кои во "Дом за
стари" има 15, во "Интернат" има 66, камп "Кристал" 161, во "Куба" има 143 и
во ученичкиот дом сместено е 21 протерано лице. Во Скопје во "Чичино село"
има 69 лица, "25 мај" 5, "Детска амбасада Меѓаши" 24, во камп "Димитар
Влахов" 12, "Олимписко село" 66, "Партенија Зографски" 98, "Пелагонија" 30,
во кампот "Ранка Милановиќ" 88, во "Стив Наумов" 60, "Томе Стефановиќ-Сениќ"
106 и 125 протерани лица се сместени во кампот "Здравко Цветковски".
Опожарување и оштетување на веќе реконструирани куќи и продавање обновени
домови се два проблематични процеса кои го отежнуваат враќањето на
протераните лица. Бројките велат дека 21 веќе обновени куќи повторно биле
оштетени. Од нив осум во Опае, по три во Думановце и во Једоарце. За Опае е
карактеристична и појавата на продавање на реконструираните куќи.
Според владините податоци, 20-тина македонски семејства им ги продале
своите домови на Албанци.
ДОВЕРБА
"Приоритет на МВР и на Владата е изградба на полициските станици во
Арачиново, Матејче и во Теарце и враќање на довербата", изјави пред извесно
време владиниот портпарол Сашо Чолаковски, заборавајќи притоа да каже за
каква доверба станува збор имајќи го предвид повампирувањето на АНА која
прави 'ршум во кумановско. Но, планираната изградба на полициски станици во
Теарце, во Арачиново и во Матејче се уште не почнала. Во тек е само
реконструкцијата на станицата во Жеровјане.
Проблем за враќањето на протераните е и одбивањето на сопствениците на
147 оштетени куќи во Матејче и на 37 во Арачиново да ги потпишат
таканаречените трипартитни договори со изведувачите и со Министерството за
транспорт и врски, за да може да почне обновата. Ако тоа не се случи во
блиска иднина, странските донирани пари наменети за ова би можеле да бидат
пренасочени во други земји.
Децата, сведоци на немили настани
Во “Стив Наумов” сe уште живеат 23 протерани семејства
За да го стимулира враќањето на протераните, Кабинетот на Црвенковски
планира да им помогне на стопанските субјекти во поранешните кризни региони.
Заживување на стопанските субјекти ќе се врши со доделување кредитни
линии. Владата ќе ги помага оние кои ќе побараат таква помош, изјави
пред извесно време владиниот гласноговорник Чолаковски.
Како пример се споменува можноста за рестартирање на конфекцијата "Матекс"
во Теарце, која пред да биде уништена во конфликтот, вработуваше околу 200
лица.
Владиниот портпарол вели дека за дел од нив има услови да се вратат, но
дека Владата не може да ги присили да го направат тоа. Колку на број има
такви, Чолаковски нема сознанија.
ЗАБОРАВЕНИ
Во текот на наредната недела според најавите на роднините на 12-те
киднапирани Македонци ќе биде отворена и канцеларијата на здружението "Надеж"
кое го формираа роднините.
Изминаа две години, а надежта на роднините на 12-те киднапирани Македонци
за време на воениот конфликт во 2001 година се уште не исчезнува. Тие
веруваат дека своите најмили повторно ќе ги видат. Пред околу месец дена
нивните активности и барања до надлежните органи за расветлување на
судбината на нивните најблиски беа мошне интензивни, иако без резултати.
Успеаја да остварат средба собирајќи ги на едно место претседателот Борис
Трајковски, премиерот Бранко Црвенковски, првиот полицаец Хари Костов,
министерката за надворешни работи Илинка Митрева, како и првиот човек на ДУИ,
Али Ахмети. Роднините очекуваа многу од присуството на Ахмети на овие средби.
Очекуваа дека тој ја знае вистината и конечно ќе им ја открие. Од средбата
останаа само ветувањата и очекувањата.
По средбите со претставниците на највисокиот државен врв, за жал нема
ништо ново во врска со нашиот случај. На средбите беше присутен и Али Ахмети
кој не кажа ниту збор. Со ескалирањето на проблемите во кумановско, со
појавувањето на АНА, нас повторно не заборавија, ни изјави Војо Гоговски,
еден од роднините на 12-те киднапирани Македонци.