Во согласност со Член 10 од Договорот, Алијансата останува отворена за
приклучување на други европски држави кои се во можност да ги унапредат
нејзините принципи и да придонесат за безбедноста во северноатлантската
област. Алијансата сега поврзува 17 европски земји со САД и Канада.
Република Македонија своите аспирации ги гледа токму во своето полноправно
членство во НАТО.
ОЦЕНКИ
Со ставот дека "реформите во одбраната и во Армијата се од особено
значење за Македонија, бидејќи на тој начин ќе обезбедиме цивилна и
демократска контрола врз нивната работа", премиерот Бранко Црвенковски, го
отвори Форумот. Тој оцени дека демократската контрола е половична доколку
помине само низ филтерот на легално избраните органи, заобиколувајќи го
мислењето на јавноста, потенцирајќи го фактот дека во Македонија е неоспорен
консензусот на сите политички фактори за наше интегрирање во евроатланските
безбедносни структури.
Владата е свесна за новите безбедносни предизвици и определби за членство
во НАТО и во ЕУ, но самата трпеливо работи на тешките реформи во одбраната.
Во моментов е финализирана првата фаза, односно се привршува текстот на
политичката рамка за изградба и трансформација на одбраната и вооружените
сили. Со таквата вооружена сила ќе можеме да дадеме вистински придонес во
НАТО-операциите, истакна Црвенковски, потенцирајќи дека "современата
армија што го отсликува етничкиот состав на граѓаните не е ни малку лесна
задача, туку треба да се направи согласно со сопствените ресурси и потреби".
Организатор на Форумот беше Министерството за одбрана,
Младински Евро-Атлантски Форум и Филозофскиот факултет - Скопје
Стратегиските насоки се поставени. Поддршката од граѓаните е искажана. Ги
спроведуваме внатрешните реформи и ја засилуваме дипломатската комуникација.
Македонија е во акција што треба да го направи нашето членство во НАТО во
2006 извесно, рече во својот говор министерката за надворешни работи,
Илинка Митрева, на отворањето на тридневниот Форум "Македонија во НАТО
2003-2006".
Оваа Влада, на годишнината од изборите со кои го доби мандатот да ги
спроведува нужните и тешки реформи, останува поуверена од кога и да е дека
секоја реформа, преземена денес вреди двојно повеќе од реформата преземена
утре, потенцира Митрева.
Шефот на македонската дипломатија се надева дека зачленувањето на
Македонија во НАТО до 2006 година ќе биде потврда дека земјата е внатрешно
стабилна држава која придонесува за безбедноста во регионот и држава во која
владее правото поткрепено од силни политички институции. Во вкупниот
корпус подготовки за членство во НАТО-реформите на Армијата имаат високо
место, но од витална важност е политичко-економската рамка, бидејќи НАТО е
повеќе од воен сојуз - сојуз на просперитетни држави на слободни граѓани што
споделуваат исти вредности, оцени Митрева.
СОМНЕВАЊА
Во моментално поставениот релативно политички и стратешки амбиент може да
не се стигне во НАТО само ако се случат нови конфликти од поголеми размери
во регионот или ако радикално се намали ентузијазмот на политичката елита за
спроведување на реформите, оцени Стево Пендаровски, советник за
национална безбедност на претседателот Борис Трајковски, на последниот ден
од Форумот "Македонија во НАТО 2003-2006“.
Во обраќањето "Регионалниот пристап и приближување на Република
Македонија кон евроатлантските институции" тој посочи дека на луѓето треба
да им се каже оти е можно Македонија во целост да ја исполни својата задача,
но повторно да не биде поканета за членство во Алијансата во оној период во
кој претпоставуваме.
Политичките причини имале секогаш поголема специфична тежина од
имплементацијата на формално техничките стандарди, рече Пендаровски,
констатирајќи дека никогаш не постоеле временски однапред зададени циклуси
за проширувањето на НАТО, како што се смета во некои кругови кај нас и во
регионот како однапред дадена аксиома од која нема отстапување.
Според него, регионалниот пристап, како една од темелните категории на
доктрината на Алијансата, во изминатите 10 години на Балканот во целина е
прифаќан со сериозни резерви и само формално поддржуван од политичките
авторитети. Пендаровски оцени дека позитивните придвижувања во регионалната
соработка се должат, меѓу другото, на фактот што безбедносниот амбиент
доживеа суштинска трансформација со завршувањето на серијата внатрешни
конфликти и војни меѓу државите.
Советникот за национална безбедност на претседателот на државата
осврнувајќи се на геостратешките позиционирања на Балканот потенцира дека "финалниот
статус на Косово, неспорно ќе има влијание на крајната слика на Балканот".
Владимир Ѓоревски, пак, го образложи "Стратешкиот одбранбен преглед",
политичка рамка која за првпат јавно се изнесува. Овој Преглед, според него,
меѓу другото, има за цел да ги преоцени досегашните и идните состојби во
одбранбениот сектор и вооружените сили.
Крајна цел на "Стратешкиот одбранбен преглед", истакна Ѓоревски, е да се
дадат препораки од нормативно-правната регулатива во одбраната согласно
новите стратегиски околности и потреби на Република Македонија преку
дефинирање на точните мисии на одбраната и задачите на Армијата, завршувајќи
со структурата на силите и најважно проценка на расположивите ресурси и
потрошувачката на буџетските средства, како и нивната локација кон насоки за
развој на вооружените сили.
ПОРАКИ
НАТО е првиот чекор во нашето интегрирање во евроатлантските системи. Со
добивањето покана за членство во НАТО, ширум ни се отвораат портите и се
зајакнуваат нашите позиции да станеме членка на Европската унија. Ако е НАТО
наш стратегиски интерес, што досега повеќе декларативно се повторуваше, наша
цел и желба која не ја криеме, треба многу повеќе да направиме за да ги
промовираме вредностите и предностите што Република Македонија би ги имала
ако станеме членка на НАТО, подвлече во својот говор министерот за
одбрана Владо Бучковски како еден од организаторите на Форумот.
Немојте да им верувате на ветувањата за брз прием, политичарите го
зборуваат тоа што сакате да го чуете. Сами треба да ја завршите работата -
НАТО дава совети, но вие донесувате одлуки. Алијансата бара сојузници, а не
слуги, порача амбасадорот Иштван Ѓермати од Центарот за демократска
контрола на оружените сили, говорејќи за унгарското искуство во подготовките
за членство во НАТО.