|
ПОЛИТИКА
Случаите “гимназиска албанска паралелка” и “Арсени Јовков” и понатаму ја
разбрануваат јавноста
СОМНЕЖ ВО ПОНУДЕНИТЕ РЕШЕНИЈА НА ВЛАДАТА
Пишува: Жаклина МИТЕВСКА
- Заменик - министерот за образование, Тале Герамитчиоски, им порача на
битолчани дека нема да има гимназиска парелелка на албански јазик во
Битола, а гимназијалците - Албанци своето образование ќе го продолжат во
некоја друга општина.
- Министерот за образование не чувствува никаква одговорност за
настанатите проблеми. Надлежните "топката" се уште ја префрлаат на
различни страни, а учениците наместо да седат во училишните клупи,
протестираат по улиците.
О бразовниот систем во Република
Македонија веќе одамна се соочува со проблеми од меѓуетнички карактер.
Актуелната владејачка гарнитура не го реши случајот со македонските ученици
во селото Шемшево. Се уште се влече проблемот со кумановските средношколци.
Изминативе денови во образованието се појавија нови проблеми за кои
министерот Азис Положани не чувствува никаква одговорност. Станува збор за
неговите одлуки да отвори гимназиска паралелка во Битола на албански јазик и
да ги префрли албанските паралелки од населбата Автокоманда во Чаир. Ваквите
желби на Положани предизвикаа остри реакции во македонската јавност.
Надлежните "топката" за настанатите проблеми се уште ја префрлаат на
различни страни, а учениците наместо да седат во училишните клупи,
протестираат по улиците.
По објавувањето на идеите на Положани, Владата, најпрво се обиде да ги
смири нараснатите тензии и донесе решение за привремено стопирање на
претходно донесените одлуки на Положани. Но, учениците во Битола и учениците
од “Арсени Јовков”, побараа министерот за образование, писмено да ги повлече
решенијата.
УЛТИМАТУМ
За сето време додека траеа протестите, Азис Положани беше надвор од
државата, односно објасувањето за неговото отсуство беше дека е на службен
пат. Обвинувањата на битолчани упатени на негова сметка, тој ги нарече
“шпекулативни и неосновани, мотивирани од политички причини”.
Кога нешто е со Закон предвидено, не можноста на реализиција на тоа право
треба добро да се аргументира. Јас би сакал да ги слушнам “аргументите” на
оние што промовираат некакви возвишени цели и кои играат некакви заткулисни
игри, изјави за еден од македонските медиуми, Азис Положани.
Тој дури запраша: Зошто, министерот да не може да реализира законски
аргументиран чекор, туку уште треба да дава отчет за нечие неосновано
однесување.
Го прашуваме и ние него, ако не пред граѓаните, тогаш пред кого тој треба
да дава отчет за своите постапки?
Објаснувањето на Положани за случајот “албанска паралелка” беше дека во
Битола и битолските општини има околу 30 деца, Албанци кои сакаат да го
продолжат образованието и со тоа законски се исполнувал условот за формирање
паралелка. Тој негираше дека формирањето албанска паралелка е начин да се
избегне образованието на мајчин јазик.
Најновото решение за овој случај е дека: гимназиска паралелка на албански
јазик наместо во Битола ќе биде отворена во некој од соседните градови, ако
учениците, Албанци сакаат таму да го продолжат своето школување. Таквата
одлука во Битола ја соопштил заменик- министерот за образование Тале
Герамитчиоски. Тој во интервју за битолската телевизија “Орбис” потенцирал
дека на министерот за образование навреме му укажал дека воопшто не е
неопходно во Битола формирањето на таквата паралелка, и со оглед на бројот
на децата од албанска националност и со оглед на тоа што кадровски не е
можно овој град да обезбеди нејзино нормално функционирање.
Но, како што потенцирал Герамитчиоски, очигледно министерот добил
поинакви информации.
Не држат ултимативните барања на битолските средношколци за оставка на
министерот за образование, Азис Положани, бидејќи тоа веќе ги турка во
политички води. Впрочем, постојат и сознанија дека во нивните протести, има
вмешано свои прсти и опозицијата и не е невозможно децата да биле политички
инструирани во политичка мера, изјавил Герамитчиоски.
Учениците од сите средни училишта во Битола најавија дека ќе го прекинат
својот протест и дека ќе се вратат на настава, но поставија нов ултиматум.
Тие бараат просветниот инспекторат и полицијата, во рок од десет дена да ја
отселат нелегално формираната гимназиска паралелка на албански наставен
јазик од старата административна зграда на ЈП “Водовод” каде што е нелегално
вселена.
Заменик - министерот за образование, Тале Герамитчиоски, потврдил дека
барањето за отворање гимназиска паралелка на албански наставен јазик во
Битола, во јуни, годинава, до Министерството за образование го поднеле
триесетина битолски Албанци, родители на туку што завршени осмооделенци и
дека веќе по првиот уписен рок нивните аргументи претрпеле клучни промени,
бидејќи децата во мнозинство се запишале или во тамошната гимназија или во
другите средни училишта во Битола, без да им пречи тоа што ќе учат заедно со
своите врсници од македонска и од другите националности. Министерот Положани,
пак својата одлука ја донел во август кога критериумите за гимназиско
образование дури и да сакале не можеле да ги исполнат повеќе од 11 Албанци
од битолско.
Иако, Министерството за образование тврди дека албанската гимназиска
паралелка во Битола, веќе не постои, Илчо Димовски, претседател на
Координативното тело за протести на битолските средношколци, изјави дека таа
фактички продолжува со редовна настава.
Албанската гимназиска паралелка е диво вселена во старата административна
зграда на ЈП "Водовод". Началникот на ПЕ на Министерството за образование,
Соколе Штрковски и директорот на ЈП "За стопанисување со станбен и деловен
простор", Методија Јовчевски, изјавија дека, ниту некој побарал, ниту некому
му бил доделен деловен простор во тој објект, ниту пак просветните
инспектори воопшто се известени дека во него се изведува средношколска
настава.
КОНТРАДИКТОРНОСТ
Во училиштето “Арсени Јовков” веќе подолго време не се одржува настава.
Проблемите започнаа кога министерот Положани реши во него да префрли седум
албански паралелки, од училиштето “8 Септември”. На ваквите одлуки, се
спротивстави Координативното тело на Одборот на родители од “Арсени Јовков”,
а сите нивни обиди за продолжување на наставата беа безуспешни. Министерот
Положани, даваше различни објаснувања за неговите желби, односно зошто сака
да ги префрли албанските паралелки од Автокоманда во Чаир. Неговото првично
образложение беше дека тоа се прави поради немање соодветни услови, но потоа,
неговото објаснување беше заради безбедноста на децата во Автокоманда за да
на крајот каже дека учениците барале да учат во Чаир зошто училиштето им
било поблиску до домовите. Координативното тело на Одборот на родители од
училиштето “Арсени Јовков”, го демантираше последното објаснување на
министерот и кажа дека во прва година само 28 ученици се од општина Чаир, а
останатите 107 живеат во другите делови од градот. За случајот “Арсени
Јовков”, министерот Положани го обвини директорот на училиштето, за кого
рече дека им давал контрадикторни информации на родителите. Подоцна во
училиштето “Арсени Јовков” беше испратено решение, со кое во мирување се
стави првичната одлука на министерот за образование, Азис Положани, за
префрлање на седум паралелки од Автокоманда во “Арсени Јовков”.
На Координативното тело на Одборот на родители на учениците од ДСУ
“Арсени Јовков” во понеделникот од страна на полицијата не му беше дозволено
да влезе во училишните простории, за да продолжи со разговорите, за како што
велат родителите мирно разрешување на настанатиот проблем. Новинарите
останаа без одговор на прашањето кој ја викнал полицијата. Истиот ден мала
група Албанци од училиштето “Осми септември” дојде до училиштето “Арсени
Јовков” со барање да влезе во него, но полицијата не го дозволила тоа.
Учениците од "Арсени Јовков" треба да се вратат на настава. Решенијата на
министерот Положани се повлечени и тие немаат обврзувачки карактер. Владата
ќе го аплицира решението за кое ќе се договорат родителите и учениците од
двете страни, соопшти владиниот портпарол Сашо Чолаковски.
|