Ова е мошне значајно
прашање кое бара поширок и подлабок одговор. Со оглед на ограничениот
простор, овде ќе нагласам само неколку такви покарактеристични тенденции без
да се навлегува во нивно образложение. Процесот на глобализирачката
економија се повеќе го глобализира и образованието што резултира и во поимот
"глобално образование". Во такви услови трудот добива повисока вредност и се
повеќе е преобразуван со посредување на знаењето. Во развиениот свет се
повеќе се инвестира во образованието и во истражувањето. Кај нас стагнира
инвестирањето во образованието, а исто така се помалку се инвестира во
истражувачката работа.
Следната тенденција е поврзана со претходната и се состои во создавање и
ширење на општеството на образованието и знаењето, продолжување, а
нескратување на образованието, слабеење или отфрлање на неговото тесно
стручно обучување за определени работни места, дури и занимиња и ориентирање
кон процесите на поопшто образование. Во образовниот систем во Македонија,
посебно во средното образование тенденцијата е обратна: значително поголем
број ученици се запишуваат во училиштата за занимања и четиригодишните
стручни училишта отколку во општите (гимназиите). Понатаму, во развиениот
свет постои тенденција кон широко применети "клучни квалификации", да го
употребам терминот на познатиот германски социолот У. Бек. Тој под овој
термин подразбира не само еластичност или "учење што трае цел живот", туку
во него ги вклучува социјалната компетентност - способноста за совладување
на конфликтни ситуации, разбирање на различни култури, комплексно мислење,
занимавање со несигурноста и парадоксите на посмодерната. Ваквите знаења во
нашиот образовен систем изостануваат или незначително се застапени. Во
повеќето земји на ОЕЦД, реформите на образованието во 90-тите години на
минатиот век суштински се инспирираа од теоријата на човековиот капитал со
изразена тенденција на "приватизација" и "маркетизација" (пазарна
ориентација) на образованието. Училиштата и универзитетите добија третман на
претпријатија не само според нивната организација, туку и со нивната
конкуренција на образованиот пазар. Тоа овозможи нивно опремување со висока
софистицирана наставна и информатичка технологија и учење на дистанца;
настапува "трет бран" во идеологијата на образованието, како што тврди
Лојдер кој означува заменување на "меритократската" идеологија, (образовно
подигнување на индивидуата зависи од неа самата): родителски избори,
стандарди и пазар итн.
Во сите овие димензии тенденциите во Македонија се спротивни: во
основното образование според Уставот не може да се формираат приватни
училишта. Во средното се формирани две три училишта, а пред две - три години
отпочна формирањето на приватни високообразовни институции во Македонија.
Овие тенденции во Македонија оневозможуваат преку конкуренцијата меѓу
приватните и државните училишта да се дојде до подобар квалитет.
Се повеќе се инсистира врз европска димензија во образованието на
наставниците (Ф. Ванискот) која им нуди нов начин на воспитно образовна
работа, заснована врз перманентното образование и иновација кое се
постигнува преку организирање на семинари и самообразование, не само од
својата дисциплина, туку со широки знаења од психологијата на образованието,
социологијата на образованието, теоријата на воспитанието, дидактиката,
историјата на педагогијата, компаративната педагогија, предметните методики
и професионалната ориентација. Кај нас овие знаења се добиваат само преку
општата педагогија, општата психологија и соодветната методика, што е
недоволно. Понатаму, обучување за водење и управување со училиштето во
развиениот свет е компетенција заснована врз знаења и обученост, а кај нас
се врши врз основа на политичко партиска припадност, што доведува до
намалување на самиот квалитет во раководењето во образованието.
ВОЛУНТАРИЗАМ
МС: Дали одредени реформи кои се спроведуваат во нашиот образовен систем
се во согласност со оние кои се спроведуваат во Европа?
ГЕОРГИЕВСКИ: Практикуваните реформи во образовниот систем и
образовната политика во минатата транзициска декада во Македонија ги имаат
следните карактеристики: прво, тие реформи беа и се парцијални, иницирани и
преземени од соодветните партиско-политички елити што изразува иста
тенденција со различна форма од претходната еднопартиска политичка елита.
Политичко- партиската моќ и одлучување се наметнува над сите други сфери на
општествената организација на животот на луѓето. Но, кога реформите се
иницираат или диктираат одгоре и кога се однесуваат само на одделни
компоненти, а не на целината на образовниот систем и без да се земе предвид
и чуе гласот на наставниците, учениците, студентите и нивните родители,
тогаш неуспехот на образовната реформа е предвидлив.
Второ, таквите реформи претежно се одвиваа и се одвиваат на
волунтаристички начин, т.е. претходно не беше вклучено научното истражување
на образованието за да може да се согледаат традициите и предностите и
недостатоците на претходниот и актуелниот систем на образование во
Македонија.
Трето, недостасуваше компаративно проучување на образовните системи,
тенденции и реформи во земјите на ЕУ и развиениот свет со цел да се создаде
современа и реална визија и стратегија кон реформите, како што на пример
постапија реформаторите на образовниот систем во Словенија.
Четврто, поради политизацијата и партизацијата во образованието, се
повеќе се изразува процес на сегрегација (раздвојување) на децата,
почнувајќи од градинките, училиштата, и сега и во високото образование по
етнички принцип, посебно меѓу децата и учениците од македонско и албанско
етничко потекло, со што значително се ослабува општествената интегративна
функција на образовниот систем.
Петто, училиштето не се трансформира во централно воспитно образовна
институција каде ученикот ќе го поминува најголемиот дел од своето време.
Напротив, неговата воспитна функција ја преземаат групата на врсници, мас
медиумите и ноќниот живот во кафулињата.
Шесто, универзитетите веќе ни стануваат повеќе предавачки, а помалку
истражувачки и се повеќе се разликуваат од универзитетите од светот.
МС: Во моментов во Македонија се актуелизираат неколку прашања што
добиваат одредена политичка конотација. Еден од проблемите е легализација на
тетовскиот универзитет во Мала Речица. Какви последици и проблеми ќе
предизвика легализирањето на овој универзитет?
ГЕОРГИЕВСКИ: Како што се одвиваат работите на политички план, тој
универзитет не само што се легализира, туку ќе стане и државен универзитет,
односно ќе се финансира од државниот буџет, иако тоа не го бара "Рамковниот
договор". Пред некој ден преку средствата за јавно комуницирање слушнавме
изјава на еден од раководителите на една од партиите од албанскиот блок дека
легализацијата на универзитетот во Мала Речица е втора победа на Албанците
во Македонија, покрај онаа во конфликтот во 2001 година. Тој универзитет се
предвидува да има четири факултети, но веднаш уште нелегализиран се постави
прашањето за многу други факултети што наводно тој треба да ги има. Но, ако
на ова се додаде дека уште една година "Штуловиот" универзитет ќе се
финансира од странски донации веќе следната година се најавува барање и овој
универзитет да стане државен односно да се финансира од државниот буџет. Тоа
означува паралелен образовен систем што води можеби прво, кон федерализација
на државата, а потоа и до сукцесија на албанското население, тогаш кога ќе
се создадат услови и за територијално разграничување. Со тоа образованието,
иако осиромашено, ќе стане уште повеќе сиромашно и ќе биде проследено со "одлевање
на мозоците", на квалитетниот наставнички и истражувачки кадар во други
земји, како и до енормна инфлација на дипломи на млади луѓе со високо
образование за кои не ќе има потреба на пазарот на трудот. Тоа ќе ги зголеми
социјалните и меѓуетнички тензиии и конфликти со силна тенденција на
дезинтеграција на македонското општество.
ПРОБЛЕМИ
МС: Министерот за образование, Азис Положани, иако беше задолжен не го
реши проблемот со Шемшево и кумановските средношколци. Зошто?
ГЕОРГИЕВСКИ: Ова прашање треба, се разбира, да му се постави на
актуелниот министер. Но, претпоставувам дека тој нема искрено да одговори
бидејќи истиот Господин го запознал поранешниот претседател на
парламентарното собрание на Советот на Европа, лордот Џонсон со тоа дека
наводно Албанците во Македонија се дискриминирани и не се почитувааат
нивните права и слободи, што самиот Џонсон го изјави кога престојуваше во
Собранието на Република Македонија. Настаните во училиштето во Шемшево и во
Куманово се вклопуваат во политиката на сегрегација меѓу учениците од
македонска и албанска припадност што е дел од политиката на создавање на
чисто етнички средини, што соодвествува и на етничкото чистење на
Македонците во северозападниот дел, чистење предизвикано со конфликтот од
2001 и признаено од претставниците на ОБСЕ. Формите на етничкото чистење
може да се разликуваат, но суштината останува иста, злосторство против
човештвото. Оттука произлегува дека ниту на претходниот министер за
образование, а уште помалку на актуелниот не им беше до тоа да го
реформираат образованието според светските стандарди, туку тие се извршители
на партиската политика и што на одреден начин ја покажува нивната
некомпетентност за водење на образованието.
МС: Освен, претходно споменатите проблеми, министерот Положани со
одредени свои одлуки предизвика остри реакции кај македонските средношколци
и пошироката јавност. Станува збор за префрлањето на албанските паралелки во
скопското училиште "Арсени Јовков" и отворањето на албанската гимназиска
паралелка во Битола. Како, Вие гледате на овие две прашања?
ГЕОРГИЕВСКИ: Овие прашања, како и претходните, не треба, а и не можат
да се разгледуваат одвоено, како "чисто образовни прашања", туку во одреден
политички и општествено - историски контекс. Во однос на училиштето "Арсени
Јовков" од кажувањето на наставниците и написите во средствата за
инфомрирање дознаваме дека тоа е мултиетничко училиште, т.е. училиште
составено од паралелки од ученици од повеќе националности: Македонци,
Албанци, Турци, Срби. Тоа треба да биде правило во училиштата во етнички
мешаните средини, т.е. учениците да комуницираат да се дружат со што би се
надминувале меѓусебните предрасуди и меѓусебното затворање во етнички
граници. Што значи учењето во исто училиште со етнички различните ученици е
слично на примерот со искуството со средношколците во јужните држави на САД,
кој беше изразен во средината на шеесетите години од минатиот век. Тогаш
овие училишта беа сегрегирани врз расна основа (во едни училишта учеа
учениците од белата раса, а во други учениците од црната раса), дотогаш
постојано во тие средини имаше демонстрации и конфликти меѓу учениците. Кога
почна практично да се спроведува решението на државната администрација
учениците од белата и од црната раса да учат во исти училишта, конфликтите и
демонстрациите исчезнаа. Иако ситуацијата кај нас не е иста како во САД,
сепак е значајно тоа дека меѓусебната комуникација и другарување во исти
училишта без мешање на политиката и идеологијата за големи држави може да
биде основата за решение на овој проблем. Прашањето за настанатиот проблем
за пренесување на неколку паралелки на учениците Албанци од друго училиште
во училиштето "Арсени Јовков" , дали тоа ќе ја зголеми несигурноста кај
учениците од македонско и друго неалбанско етничко потекло и дали тоа е
водено од некоја "повисока политика" може да се одговори
.
Што се однесува до второто потпрашање, гимназиската паралелка во Битола
не може да се разгледува само како чисто образовно прашање истргнато од
поширокиот општествено - политички контекст. А, каков е тој контекст? Ако
учениците и нивните родители преку радиото, телевизиските емисии и весниците
ги слушаат и ги читаат изјавите на одредени политичари од т.н. албански блок
партии, а и од поранешниот ректор на парауниверзитетот во Мала Речица дека "Битола
е најпросветниот албански град", (наводно поради создавањето на албански
јазик од една група Албанци што е и соодветно одбележано); понатаму, ако во
одделни седишта на раководствата на одделни партии од албанскиот блок
телевизиските емисии прикажуваат карти на "Голема Албанија" во која е
сместена и Битола; ако во северозападниот дел на Македонија се вејат знамиња
на соседна држава, а не на Република Македонија (треба ли да се напоменува
дека државните знамиња означуваат територија, не национален белег), ако
протераните лица Македонци не можат од безбедносни услови да се вратат на
своите вековни огништа, ако секојдневно преку средствата за масовно
комуницирање граѓаните се информираат за пукотници и се влева страв кај
населението во средините и во регионите каде што преовладува албанското
население, тогаш може да се разбере реакцијата на средношколците и нивните
родители во Битола. Тука постои јасна организирана неодговорност која се
однесува на структурата на моќта во државата и на "меѓународната заедница"
која беше еден од основните креатори на таквиот општествено - политички
контекст, веројатно со цел да ја оправдаат и својата присутност.
Пропагандата која се шири преку мас - медиумите за Македонија на глобално,
регионално и локално рамниште е еден од основните фактори во создавањето на
ваквиот општествен контекст и на искривеното јавно мислење. Во ваквата
пропаганда жртвата се покажува како насилник, а насилникот како жртва, и
работите добиваат превртен лик. Македонската држава и нејзиниот унитарен
карактер се убиваат. Зошто? Одговорот можеби, покрај другото лежи и во
идикативниот наслов на книгата на Александар дел Валд: "Борбите против
Европа" и со поднаслов - "Чеченија, Босна, Косово..." (овде би додал и
Македонија), книгата излезе во 2000 година во Париз, пред конфликтот во
Македонија. Се поставува прашањето дали администрацијата на Европската унија
почна тоа да го сфаќа по нападот на САД и Велика Британија врз Ирак, а беше
соучесник и на македонското државно разнебитување, како и учесник во
создавањето "крпеници на протекторати во западен Балкан", како што изјави
шведскиот дипломат Карл Бил и во кое тој не сака да учествува, времето ќе
покаже.
РАМНОДУШНОСТ
МС: Во одговорот на едно од претходните прашања спомнавте дека
образовната политика и решенија во последната деценија води кон создавање на
паралелен образовен систем. Какви ќе бидат последиците?
ГЕОРГИЕВСКИ: Не само што таквата политика води кон создавање на
паралелен образовен систем, туку тој е веќе создаден, иако таквиот систем се
уште во целина не е заокружен. Дека таквата политика и барања водеа кон
паралелен образовен систем мошне јасно и прецизно објасни Јенс Ројтер,
експерт на Институтот за стратегиски истражувања од Минхен. Тој во едно
интервју, дадено уште кон средината на 90-те години, во ("Нова Македонија"
од 5 јули 1995 г.) со кое се согласувам, изјави: "Мислам дека Албанците овде
(во Македонија - П.Г.) ги имаат сите права како малцинство. Кога бараат
статус на народ во Македонија каде што мнозински народ се Македонците, тоа е
како увертира во сецесија. Соживотот во една држава не го подразбира таквото
барање како ни инсистирањето на паралелен систем на образование. Мора да се
инсистира на единствен систем на образование и воспитување, се разбира со
употреба на албанскиот јазик, култура, историја, но не во смисла тоа да води
кон оддалечување и разединување, односно во најлошо да стане сакан и
планиран апархејд".
Токму тоа е суштинското прашање: се сака ли заедничко живеење (соживот) и
ако не се сака, кој тоа не го сака, и зошто? Во едно интервју за вашиот
неделник пред склучувањето на "Рамковниот договор" истакнав дека не станува
збор за загрозени човекови права и слободи на Албанците во Македонија, туку
станува збор за територијално разграничување и присвојување, односно
остварување на идејата за "Голема Албанија". "Рамковниот договор" помина, а
проблемите останаа со фоскулата: не се остварува "Рамковниот договор". А што
значи тој да се остварува ако претходно не се решат следните прашања:
воспоставување на правниот и институционалниот систем на целата територија,
отстранување на симболите на друга држава во тој регион и враќање на
протераните лица на своите огништа, расчистување со терористичките групи во
Македонија и заживување на македонската економија, и реална ориентацијата
кон европската интеграција на Македонија? Без ова, реализирањето на "Рамковниот
договор" кој не е легитимно донесен (донесен во конфликт, врз основа на
притисок на "меѓународната заедница" и без референдумско изјаснување на
населението како најдемократска форма на одлучување), би значело само и
институционално демонтирање на македонската држава со несогледливи последици.
Одговорноста за ова е мошне голема и на владејачките елити и на
интелектуалците и на сите други мислечки луѓе. Нивното непреземање на
соодветни постапки и нивната индиферентност (рамнодушност) кон овие проблеми
ги прави соучесници на злото што реално виси како Дамаклов меч над
Македонија.