КОМЕНТАР

Македонски плурализам

НАИВНА НАДЕЖ НА БАЛКАНЦИТЕ!!!

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Рокадите кои се обидува да ги направи Буш преку Пентагон наидуваат на нови турбуленции не само на европскиот југоисток, туку и во центарот во Брисел. Сите си го поставуваат прашањето: што сега наумиле Јенките? Дали станува збор за нова стапица која треба да ја ослабне зајакнатата Европа или нешто друго е во прашање?
  • Европските аналитичари се повеќе со скепса и песимизам гледаат на најновите потези на американскиот естаблишмент кон Балканот и доаѓаат до заклучок дека европските партнери повторно ќе го добијат морковот, а балканците стапот.

Последниве неколку месеци во јавноста кружеа информации, шпекулации, потврде-ни и непотврдени искази за новата стратеги-ја на американската администрација на балканските простори. Поголемиот дел од нив останаа само шпекулации, а само мал дел времето ги верификува. Србија и Косово како дел од неа беа во центарот на интересирањето на западната хемисфера и се уште го имаат приматот споредбено со останатите земји од опкружувањето. Прашањето за статусот на Протекторатот останува статус кво, нерешливо барем во овие моменти. Секоја државна минијатурна творба на поделениот полуостров се надева на позитивен резултат кај Вашингтон, отстапувајќи речиси се што може да се оди во прилог на Американците само да се извлече одредена корист. Србија бара финансии и дел од Косово, официјална Приштина пак не прифаќа ништо друго освен независност, Македонија коленичи за влез во НАТО и ЕУ заедно со Хрватска и Албанија и се така во недоглед. Интересите се различни, а американската надворешна политика на сите мора да им одговори со извесен прогрес во тој правец кој земјите од нашиот регион го зацртале во својата национална стратегија. Но, сепак и натаму се скептични поради политиката на двојни стандарди кои ги применува секоја американска власт, без разлика дали станува збор за републиканци или демократи. А, тоа досега многупати се покажало во минатото. И Клинтон и Буш ги менуваа своите балкански сојузници најпросто речено како износени чорапи. И око не им трепнуваше на двајцата. Иако европските и балканските стратези и аналитичари во денешницава поверуваа дека по 11 септемвриските настани Американците ќе завртат нова страница во својата надворешна политика кон останатиот свет сепак тоа краткотрајно траеше. Се повеќе се убедени дека волкот го променил крзното, но не и карактерот. Кога интересите се во прашање тогаш моќниците газат преку се, па ако треба и врз грбот на пријателите и сојузниците.

ПОДМЕТНУВАЊЕ

Се претпоставува дека во моментов дуваат некои потопли ветришта на Балканот кои ќе ги растераат тмурните облаци од деведесетите. Се претпоставува дека големците ја научиле лекцијата која ги натера да паднат на испитот по меѓународно право и дека сега потрезвено и подипломатски ги водат работите за стабилизација на овие простори. Рокадите кои се обидува да ги направи Буш преку Пентагон наидуваат на нови турбуленции не само на европскиот југоисток, туку и во центарот во Брисел. Сите си го поставуваат прашањето: што сега наумиле Јенките ? Дали станува збор за нова стапица која треба да ја ослабне зајакнатата Европа или нешто друго е во прашање? Во политиката како и вообичаено никогаш не се игра со отворени карти, па оттука не зачудуваат и последните препирки и несогласувања на стратешките партнери во меѓународните односи. Европа и Америка за многу прашања од светски интерес се препукуваат. Европските аналитичари се повеќе со скепса и песимизам гледаат на најновите потези на американскиот естаблишмент кон Балканот и доаѓаат до заклучок дека европските партнери повторно ќе го добијат морковот, а балканците стапот. Дали тоа значи дека европските сојузници не можат да ги осуетат плановите на официјален Вашингтон за понатамошно владение на просторите од југоисточна Европа или пак, се знаат, а се немоќни да преземат контра чекори?

Сознанијата кои деновиве се пласираат не кажуваат ништо друго освен американски план за кукавичко подметнување на јајцата на помалите "сојузници". Доколку балканските народи не бидат крајно внимателни и навреме не ги откријат постапките на Бушовата администрација, тогаш никој не гарантира дека работите би се одвивале во полза на легалните државни субјекти на полуостровот. Ова го предупредува директорот на угледниот американски институт Рокфорд, Томас Флеминг. Тој категорично смета дека позицијата на Вашингтон кон балканските земји воопшто не е променета, а новите сигнали кои се пуштаат во последно време кон Скопје и Белград претставувале само стапица за кревките власти во Македонија и Србија и тест за нив, колку се способни да опстојат во формата во која денес функционираат. Интересно. И повторно се споменуваат економските и бизнис сферите по кои со децении мечтаат американските компании по овие предели. Единствениот интерес кој ги врзува САД за овие европски простори е изградбата на енергетскиот пат кој ќе го поврзе Каспискиот басен со Медитеранот. А многу богати и значајни американски глави меѓу кои и државниот секретар, Колин Пауел имаат солидни инвестиции во тие компании. За да можат полесно да го контролираат тој коридор ќе го држат регионот во што послаба состојба, бидејќи само така можат да дојдат до целта за профит. Американскиот експерт од Институтот меѓу другото предупредува дека Вашингтон дури е подготвен во наредните неколку години да го поддржи отцепувањето на Црна Гора од Србија и да стекне независност. Тоа би го направиле со цел да дојде до јакнење на исламските екстремистички движења во самата Србија кои со своите активности би ја ослабнале државата одвнатре. Целта на САД е албанските радикали повторно да посакаат нов дел од територијата на Србија. На ова се додава дека овој план не е желба на официјалната администрација, туку на некои т.н. илегални организации кои работат во сенка, но имаат огромно влијание врз надворешниот свет. Ако Србија и Македонија и натаму слабеат на политички, безбедносен и економски план со ова темпо со кое денес се движат, тогаш Американците ќе кренат раце и од Скопје и од Белград и ќе побараат нови решенија, па во краен случај и територијални само да дојдат до својата цел. Стратезите предупредуваат дека Македонија и Србија се најпогодени балкански земји со исламскиот фундаментализам. Доколку навреме не се елиминираат опасностите од исламскиот фактор обете земји би можеле да бидат преполовени и на работ на исчезнувањето од геополитичките карти. Што сега треба да сторат засегнатите субјекти за да ги елиминираат опасностите кои ги демнат ? Одредени аналитички групи и институции предлагаат воздржаност и дипломатско решавање на проблемот зошто во спротивно ќе го предизвикаат гневот на т.н. меѓународна заедница која може да се реши на повторно воведување санкции поради прекумерна употреба на сила во справувањето со тероризмот. Но, ваквите половични решенија досега се покажаа како мошне непрактични поради што и двете земји мораа да ги сменат Уставите по пат на сила. Некои предупредуваат на поголема внимателност кога е во прашање имиграционата политика, но тоа секако е само еден од методите за намалување на влијанието на исламскиот фактор и не е доволен. Американците сметаат дека токму погрешните избрани методи на македонските власти изминатата деценија ја доведе Македонија во ваква состојба во каква што е денес. Речиси сите американски стручњаци од полето на разузнавањето и воената област сметаат дека Република Македонија е веќе преполовена и стојат на тој став. Истите тие аналитичари ги предупредуваат и Србиај и Црна Гора да преземат нешто за да не им се случи македонското сценарио. Оттука, може да се протолкува дека позицијата на Македонија во однос на САД е речиси никаква. Македонските политички личности се премногу наивни во поглед на улогата што вашингтонската администрација ја има кон нас како држава и народ. Значи потребна е слаба Македонија, слаба Србија за реализирање на големоамериканските интереси во овој дел од Европа. Косово е посебна приказна. Од речиси стопроцентна независност денес протекторатот спадна на утописка сувереност. Буш и неговите советници сега сметаат дека Косово како независен субјект би бил изворот на тероризмот во Европа, па затоа сега прават напори да го ослабнат во секој поглед и така изнемоштено да го држат уште неколку години без да се реши неговиот конечен статус. Освен тоа таквата солуција е и добар изговор за понатамошно воено присуство таму. Американците засега се категорично против и поделбата на Косово онака како што заговараше покојниот премиер на Србија, Зоран Ѓинѓиќ, бидејќи таквото решение би можело да стане своевиден пример насекаде во светот, проблемите да се решаваат со етничко разделување на две заедници. Тоа би било и опасен преседан за американската надворешна политика. Впрочем, преседан е целокупната денешна американска надворешна политика посебно кога станува збор за борбата против глобалниот тероризам. Муслиманите на Балканот повеќе не и се потребни на Америка.

ЕМИГРАНТИ

Но, официјалните власти и натаму ги поддржуваат барем во областите на докрај развиени и почитувани т.н. човекови права. Американците не преземаат никакви мерки и против муслиманските екстремисти во Пакистан, Арабија, Филипините. Се додека имаат интерес за нафтата, се дотогаш ќе ја практикуваат политиката на двојни стандарди. А, самата Америка денес се плаши од муслиманите кои живеат на нејзино тло. Таа се плаши од имиграционите процеси, па затоа речиси секојдневно администрацијата во Вашингтон од земјата протерува неколку илјади нелегални или легални емигранти. Ако подлабоко се согледаат последиците од таа неколкугодишна борба низ целата планета тогаш ќе се согледа дека Американците со своите потези го суспендираа и уништија сопствениот Устав. Имено, денес американските граѓани живеат со рестриктивни човекови права, ги немаат повеќе оние демократки вредности својствени за американското општество. Сега со новите закони можат да ги прислушуваат телефоните, полицијата да ги следи на секој чекор, а борбената готовност на безбедносните органи да биде подигната на озлогласеното и ризично портокалово ниво. Американците живеат секојдневно во вонредна состојба стравувајќи за сопствената иднина и безбедност, за просперитетот на новите генерации. А, секако тоа е последица од погрешното водење на надворешната политика на нивните власти. И ние денес како Балканци живееме со суспендирани Устави и со намалени човекови права. Исто како и Американците. Не тиштат истородни проблеми кои ни ги задаваат нивните моќни политички машинерии. Граѓаните и никој друг се вистинскиот двигател на демократксите процеси. Граѓаните треба да престанат да ги поддржуваат проектите кои им ги наметнуваат нивните политички "миленици". Истите тие "галеничиња" почнаа да не водат во пропаст.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"