Пропустот на Владата

Македонска алијанса рагира и е разочарана, бидејќи Република Македонија не беше поканета да присуствува на Форумот за новите патеки во Југоисточна Европа, организиран од Колумбија универзитетот во Њујорк. Учесници на Форумот кој се одржа на 24-ти септември беа Алфред Мојсиу, претседател на Албанија, Светозар Маровиќ, претседател на Србија и Црна гора, Младен Ивановиќ, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина и други.

Македонска алијанса би сакала да знае дали е ова нов пропуст на македонската Влада и кои се причините за тоа?

Научена лекцијата од Брест

Македонските власти ја научија лекцијата од Брест и сега постои заедничка решителност кај сите политички партии во земјава да се излезе на крај со оние што користат етничко насилство за покривање шверц и секаков вид криминални активности, изјави за Дневник генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон.

Со насилство не се остваруваат политички цели

Ако не се врати безбедноста, вие, сите тие ваши придобивки од охридскиот Договор може да ги закачите на мачкина опашка. Никој не може со насилство да остварува политички цели и секогаш кога ќе се повикувате дека не се исполнува некој дел од него, ќе мора да се вратите на основните принципи на овој Договор, и порача на ДПА, министерот Хари Костов.

Фрчкоски непожелен во Битола

Најголемата опозициска партија ВМРО - ДПМНЕ и претставниците на битолските средношколци, како и повеќе граѓански здруженија и асоцијации, побараа јавно извинување од министерот за внатрешни работи, Хари Костов, кој рече дека се срамел од она што се случува во Битола. Битолчани бараат Фрчкоски, да биде прогласен за "персона нон грата" и да му се забрани пристап во Битола, затоа што тој во емисијата "Чуму" на А1 телевизија ги обвинил дека сакале Битола да стане град-држава.

ДПА се заканува со нови конфликти

Пристапот на Владата, занимавање со последиците, наместо со причините за кризата е погрешен. Целосниот суверенитет и мирот во државата не се вратени затоа што не се имплементира Рамковниот договор. Правата на Албанците добиени со војна и крв се преполовени. Само законите кои се однесуваат на овој етникум не се почитуваат. Ова ќе предизвика последици. Доколку не се излекува изворот на незадоволство тогаш последиците ќе бидат уште поголеми, порача координаторот на ДПА, Замир Дика.

Политички разлики за конкретни потези

На средбата во Маврово на претставниците на СДСМ, ЛДП и ДУИ и меѓународните амбасадори било заклучено дека меѓу коалициските партнери во Владата постојат проблеми и политички разлики за конкретни потези, но нема несогласување и разлики за главните прашања и стратегиските правци.

Дополнителна амнестија на припадници на ОНА

Најмалку 15 поранешни припадници на ОНА за кои се водат судски постапки, може веднаш да бидат амнестирани ако со изјава пред истражен судија го потврдат својот идентитет, тврди републичкиот јавен обвинител Александар Прчевски.

Претседателот покровител на "Детско село" во Мариово

По американскиот амбасадор Лоренс Батлер, кој стана мариовски ловџија и сака да гради дипломатска вила на Ниџе и претседателот Борис Трајковски се заинтересирал за Мариово. Трајковски ќе биде покровител на "Детско село" во мариовското село Градешница.

"Албанците се незадоволни"

“Охридскиот договор не ги исполни очекувањата на мнозинското население, а во исто време етничките Албанци изразија незадоволство од договорот и презентираа нови барања и закани за кантонизација и за бинационална етничка држава”. Ваквата оценка ја изнесе поранешниот македонски претседател Киро Глигоров во Њујорк говорејќи на меѓународната конференција "Влијанието на Илинден 1903 врз македонската национална свест" каде што имаше свое излагање на тема "Македонија од Илинден до денес".

"Тетово табак" нема да биде универзитет

Потпаролот на Владата, Сашо Чолаковски на прашањето дали е можно по една година тетовскиот универзитет да "се најде" во зградата на тетовскиот тутунски комбинат одговорил со "не". Според него она што како документ е поднесено од страна на малоречанскиот универзитет во процесот на негово признавање и ставање под државна капа не вклучува ништо што е сопственост на "Тетово табак".

Фетаи не се откажува од докторската дисертација

Поранешниот министер за економија, Бесник Фетаи, осомничен за криминална приватизација на НИП "Нова Македонија", до Кривичниот совет поднел комплетна документација во која пишувало дека во Словенија пријавил докторска дисертација од областа на економијата.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"