СПОРТ

Срамните резултати се одраз на состојбите во организацијата

ФЕДЕРАЦИЈАТА ЈА УРИВААТ ФОТЕЛЈАШИТЕ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Таа не е некоја богата федерација, но сепак претседателската фотелја по се изгледа дека се уште е актуелна и привлечна, па така се појавија две фракции кои си тераа некое право. И двете мислеа дека имаат легитимност да ја водат атлетската федерација на Македонија и да ги уживаат бенифициите кои одат со раководењето на една спортска федерација.
  • Со еден крпен состав од двајца атлетичари и водени од мотото дека е важно да се учествува, на првенството настапивме со атлетичар на сто метри кој бил само четврти на македонското атлетско првенство (изгледа првите тројца се пресилни во една таква светска конкуренција) и со атлетичарка која имаше премалку настапи за да се наоѓа во една форма која е доволна за една светско првенство.

Македонската атлетика дефинитивно трча наназад. Тоа најдобро можевме да го видиме на неодамна одржаното светско првенство во атлетика во Париз, Франција. На светскиот самит, македонската атлетика дефинитивно го доживеа својот досега најтежок и најсрамен удар. Едноставно на најдобар можен начин покажавме и докажавме дека не ни е местото на едно такво големо натпреварување, бидејќи се додека дома не седнеме и самите не си ги решиме работите, дотогаш ќе бидеме само амбасадори на Македонија и на македонската атлетика, во негативна смисла на зборот.

РАКОВОДЕЊЕТО

Проблемите во македонската атлетика не се ниту нови ниту пак така наивни за да се седи незаинтересирано и со скрстени раце, нешто што беше практика досега. Имено, проблемот кој се појави и во другите спортови, за жал, не ја одмина ниту кралицата на спортовите. Таа не е некоја богата федерација, но сепак претседателската фотелја по се изгледа дека се уште е актуелна и привлечна, па така се појавија две фракции кои си тераа некое право, и двете мислеа дека имаат легитимност да ја водат атлетската федерација на Македонија и да ги уживаат бенифициите кои одат со раководењето на една спортска федерација. Секако дека и двете нудеа нешто што е неизбежно во вакви случаи, а тоа се ветувањата и подобрите денови за македонската атлетика. Но, по се изгледа дека иако се имаше заедничка цел, секој сметаше дека само тие можат да донесат нови ветришта за македонската атлетика, а не се сакаа да ги слушнат предлозите на спротивната страна, па така во Македонија се оформија две атлетски федерации. Атлетичарите, и тие малку ентузијасти што ги имаме, се поделија, секој на еден чуден начин си тераше своја правда.

Во една таква состојба се заборави и на натпреварите што секој атлетичар мора да ги има за да може да напредува, а се заборави и на мизерните услови за тренирање на спортистите, бидејќи и оние малку стадиони кои ги имаме немаат атлетска патека. Притоа, жално е што мораме да потенцираме дека времињата на атлетичарите се уште се мерат на штоперица. Во меѓу време за сите оние кои се бореа за фотелјата им беше важно да ја добие функција.

КРПЕН СОСТАВ

Во една таква ситуација на поделеност и раскараност меѓу челниците така и меѓу атлетичарите светското првенство го дочекавме крајно неподготвени. На собирот на најдобрите атлетичари на светот можеше да учествува само федерацијата која на некој начин беше призната од светската атлетска федерација. Но, признатата федрација ги немаше најдобрите атлетичари, па така со еден крпен состав од двајца атлетичари и водени од мотото дека е важно да се учествува, на првенството настапивме со атлетичар на сто метри кој бил само четврти на македонското атлетско првенство (изгледа првите тројца се пресилни во една таква светска конкуренција) и со атлетичарка која имаше премалку настапи за да се наоѓа во една форма која е доволна за една светско првенство. Резултатите и настапите таму беа срамни. Кога секој на едно такво првенство се труди да го собори државниот рекорд, или барем да го собори своето најдобро постигнување - нашите атлетичари успеаја да остварат времиња кои се далеку под времињата со кои беа пријавени како нивни најдобри постигнувања.

После еден таков настап остана да лебди прашањето што всушност се постигна со учеството на светското првенство.

РЕШЕНИЕ

Излезот од ваквите состојби во македонската атлетика треба да се бараат во волјата на двете страни да седнат на една маса и заедно да изнајдат решение за сите проблеми. Исто така за да не дојде проблемот до светската атлетска федрација, па таа да дојде да ни ги решава состојбите, или да ни се заканува со исклучување. Проблемот треба сериозно да го разгледа и Агенцијата за млади и спорт.

Во секој случај тој треба под итно да биде решен за потоа мирно да се седне и да се изготви програма како нашите атлетичари да дојдат до олимписка норма.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"