о Светата Земја, во Назарет, на
21.09. се раѓа Дева, противничката на прародителскиот блуд и "се дава Таа за
Невеста на Самиот Бог". Се раѓа Божјата Мајка, изворот на Животот, Која ќе
го уништи проклетството што почиваше врз светот. Се отвара вратата на
светлината. Се раѓа Мајката на Сецарот Бог! Таа ќе има живот што ја победува
природата. Нејзиното име е Марија. "Името ти е како разлеано миро". Се
радува Бог Творецот.
Секоја твар нека го празнува раѓањето од светата жена, Светата праведна
Ана. Сиот човечки род нека го воспева раѓањето на радоста на целиот свет.
Дојдете сите народи да го прославиме роденденот на Пресвета Богородица преку
Која смртниот човечки род стана бесмртен. О блажени сопрузи, Јоакиме и Ано!
Сето создание ви е должно. Вашиот богоугоден живот беше достоен за Онаа,
Која се роди од вас, Онаа Која во својата пречиста утроба го прими Бога и во
Која се соединија боженственото и човечкото, страдањето и радоста, смртта и
животот.
ЧУДА
Благословени сопрузи, Јоакиме и Ано, вие го исполнивте законот на
природата-целомудрието и заслуживте надприроден дар: ја родивте на светот
Мајката Божја, вечната Дева, поголема од анѓелите. Пречиста Дево Маријо,
благороден и царски Давидов корен, Ти изврши измена на законот. Како
прекрасен крин расцутен меѓу трње, како ружа израсната од трњето на
јудејството, ја исполни вселената со богоугоден мирис. Богодостојна Дево, Ти
си красота на човечката природа, ти си украс на светот. Ќерко Пресвета на
Јоаким и Ана, ти ги уништи вжештените стрели на сатаната. Првата Ева & стана
слугинка на змијата и преку неа влезе смртта во светот, оти беше виновна за
гревот. Но, Ти Божја Мајко & стана вечна слугинка на Божествената волја. Ти
ја измами лукавата змија, го уништи проклетството што почивало врз жената,
ја победи смртта и засекогаш ја воведе бесмртноста во светот.
Раѓање на Пресвета Богородица
Навистина си Ти највеличествена, најдостоинствена, најмилостива и
најпочитувана Дева на светот. "Навистина си Ти поскапоцена од сите твари
зашто од Тебе самата Творецот ги доби првите плодови на нашата човечка
природа. Неговата плот настана од Твојата плот, Неговата крв - од Твојата
крв. Бог се хранеше од Твоето млеко и Твоите усни ги допираа усните Божји.
Какви неискажливи Божји чуда! Богородице, свет храм си Божји. Ти му го
донесе на светот најценетиот Бисер, Источникот, Спасителиот на светот Господ
Исус Христос.
Да го воспеваме заедно со Отецот и Светиот Дух повикувајќи: Свет е Бог
Отец, зашто по Неговата волја и милост, а во согласност со Твојата волја во
Тебе и преку Тебе благословил да се изврши Тајната, чувана и предодредена
уште пред вековите. Свет е Силниот, Единородниот Бог, Синот Божји, "Кој
денес Те раѓа Тебе", првородната и единствена ќерка на Света Ана. Свет е
Господ Свет Дух, Бесмртниот, Кој живот твори и излегува од Бога Отецот.
ПРЕГРАТКА
Возљубена Мајко Божја, Ти се роди од Анината утроба во нејзините
подоцнежни години. Од нејзината утроба ти расцуте. Колку неизмерна љубов кон
Тебе, кон Бога и кон светот во душите на Твоите родители. Блажени се нивните
раце во кои Те носеле, блажени се "усните што се насладувале на Твоите
непорочни бакнежи-единствено усните на Твоите родители за да бидеш во се
Приснодева (секогаш Дева)".
Светата Црква не поучува дека Ти зачна безсемено, надприродно. "Зашто
Оној Кого Го зачна Ти, има вечен Отец. Ќерко на човечкиот род, Која Го
понесе Творецот во Твојата богородна прегратка!
Вековите се натпреваруваа за да дознаат кој од нив ќе биде почестен да го
види Твоето раѓање. "Затоа со радост да ја испееме Божествената химна на
Рождеството на Богородица: “Твоето раѓање, Богородице Дево, радост му јави
на целиот свет, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата - Христос, Бог наш;
уривајќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смртта, ни дарува
живот вечен.”
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд