СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

Житијата на сите досега познати македонски светители (20)

НЕНАДМИНЛИВИ МИСИОНЕРИ НА БОЖЈАТА ПОРАКА И СЛОВО

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • И свети Христодул пострадал во Солун во одбрана на христијанството!
  • Со кирилицата денес пишуваат повеќе десетици народи!
  • Постојат малку податоци за животот на свети Јоаким Осоговски

Продолжуваме со Свети Христодул. Неговиот празник се слави на 27 јули (стар стил), т.е. на 9 август (нов стил). Свети Христодул бил родум од Касандра крај Солун. Уште како дете дошол во Солун каде го изучил шивачкиот занает. Како занаетчија многу патувал, продавајќи ги своите производи. Еден ден стигнал на островот Хиос. Таму купил дрвен крст и го донел во Солун, а потоа го дал на некој зограф да го наслика. Тогаш слушнал дека некој христијанин во градот сакал да помине во исламот. Го зел назад крстот, се уште ненасликан, и влегол среде толпата токму во времето кога се правеле церемониите за преведување на христијанинот во исламот. Тогаш свети Христодул почнал да го убедува несреќниот христијанин да не се откажува од христовата вера. Турците многу се налутиле и почнале да го тепаат преподобниот, а потоа го однеле на суд. Судијата почнал да го убедува да го прими исламот, а свети Христодил му одговорил: "Ајде ти напушти го исламот, па стани христијанин." Тогаш судијата наредил да го тепаат и да го влечат врзан по улиците. На крајот бил обесен пред црквата "Свети Мина" во Солун. Тоа се случило во 1777 година.

Веќе спомнавме дека во 18 век во Македонија владеела вистинска анархија предизвикана од слабеењето на Османлиската империја. Најзначаен настан на црковен план во тоа време било укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година (десет години пред маченичката смрт на Свети Христодул).

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Неговиот празник се слави на 27 јули (стар стил), т.е. на 9 август (нов стил), но се слави и на неговиот именден на 25 ноември (стар стил), т.е. 8 декември (нов стил). Свети Климент Охридски (840 - 916 година) е еден од најпознатите македонски светители, чиј култ трајно се вгнездил во народното паметење и во фолклорот. За свети Климент Охридски досега многу е пишувано во нашата и во странската наука, па овде ќе ги спомнеме само најважните моменти од неговиот живот и дејност.

Свети Климент се родил околу 840 година некаде во Македонија. Некои историчари сметаат дека се родил во Солун, или во неговата околина, а тоа го поврзуваат со фактот дека уште како млад бил повикан од Светите браќа Кирил и Методија во нивната мисија (што значи дека најверојатно живеел во нивна близина). Свети Климент ги придружувал светите браќа за време на нивната мисија во Венеција и во Рим каде бил ракоположен за свештеник. По смртта на Свети Методија, неговите ученици Климент, Горазд, Наум и Ангелариј биле прогонувани и малтретирани од страна на латинското свештенство во Моравија. Прво биле затворени и мачени, а потоа биле прогонети од државата. Така тие, преку Белград, дошле кај бугарскиот кнез Борис, кој многу добро ги примил и ги искористил за ширење на писменоста. Во 886 година Свети Климент бил испратен во областа Кутмичевица во која главни места биле Девол, Главиница и Охрид. Овде Свети Климент останал 23 години и за тоа време го ширел Божјото Слово и описменил околу 3500 луѓе преку Охридскиот универзитет што го основал и водел. Овој универзитет е еден од првите во Европа и во светот. Во 893 година Свети Климент бил поставен за епископ на новосоздадената епархија Велика, каде останал се до својата смрт. Пред својата смрт Свети Климент го завештал дел од својот имот на епархијата, а дел на црквата што ја изградил во Охрид.

Свети Климент се смета за првиот македонски средновековен поет. Тој составил низа беседи, молитви, химни, пофални слова и други псалмоподобни творби во чест на Господ Исус Христос, Света Богородица, Свети Јован Крстител и други светители. Сепак негово најзначајно дело е создавањето на кирилицата. Денес со ова писмо пишуваат неколку десетици народи меѓу кои: Македонците, Бугарите, Србите, Црногорците, Русите, Украинците, Белорусите, Татарите, Чечените, Чувашите, Абхазите, Молдавците, Туркменците, Узбеците, Јакутите, Осетите, Казахстанците, Гагаузите, Карелците, Киргистанците и други. Постојат голем број преданија и легенди за чудесата што ги правел Свети Климент за кои досега многу е пишувано во нашата наука. Овој светител денес е прифатен како патрон на Македонската Православна Црква. Огромна е неговата улога во ширењето на христијанството и на писменоста среде Македонците, но и пошироко, а неговиот култ извршил големо влијание и во градењето цркви и манастири.

Сметаме дека нема достаточно простор во овој напис за да се опишат макар и најбегло сите заслуги и величината на Свети Климент Охридски како духовник, мисионер, беседник, проповедник, богослов, учител, просветител и писател, па затоа овде се задржавме само на најосновните податоци од неговото житие и дејност. За подетални информации за неговото дело најтопло ја препорачуваме книгата "Библијата во делата на Свети Климент Охридски" од протоѓакон д-р Ратомир Грозданоски (Скопје, 2001 година). Во оваа книга на над 400 странци студиозно е направен преглед на најзначајните дејанија на овој најпознат македонски светител.

СВЕТА ТЕОДОТИЈА И НЕЈЗИНИТЕ ТРИ ДЕЦА

Нивниот празник се слави на 29 јули (стар стил), т.е. на 11 август (нов стил). Во нивното кратко житие читаме дека Света Теодотија била вдовица со три деца и дека живеела во Солун. Заедно со Свети Атанасие му служела на Бога и ја проповедала Христовата вера. За време на владеењето на Диоклецијан, Света Теодотија и нејзините три деца биле осудени на смрт и биле живи фрлени во запалена печка. Така нивните свети души се вивнале во својата небесна татковина.

За овие маченици од Солун може само да се заклучи дека биле погубени или во третиот или во почетокот на четвртиот век. Доказ за ова е спомнувањето на римскиот цар Диоклецијан (245 - 313 година). Веќе наведовме податоци за состојбата во Македонија во ова време.

СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ

Неговиот празник се слави на 16 август (стар стил), т.е. на 29 август (нов стил). Има малку податоци за животот на Свети Јоаким Осоговски. Во неговото житие читаме дека тој живеел во исто време со Свети Јован Рилски, свети Прохор Пчињски и Свети Гаврил Лесновски. Свети Јоаким Осоговски се восхитувал од подвизничкиот живот на Свети Игнатиј Богоносец. Еден ден тргнал кон планината Осогово за да се подвизува таму. Првата вечер стигнал во селото Градец, каде бил примен во домот на некој благоверен и богат болјар. Во разговорот со болјарот Свети Јоаким Осоговски му рекол дека дошол да се подвизува на Осогово и го прашал дали знае некое погодно место. Болјарот му одговорил дека во планината е опасно да се живее, но дека на падините имало некое место погодно за подвизување. На тоа место имало пештера, а во близина течела реката Скупица. Свети Јоаким се заблагодарил за овие информации и тргнал на посоченото место подготвен да се подвизува преку постојани молитви и пост, преку трпење на глад, жед и студ и секакви други непријатности. Целта му била што побргу да го помине краткиот земен живот за да го добие вечното небесно богатство. Така се подвизувал до крајот на својот земен живот.

Еден ден случајно наишле кај него некои ловџии, кои биле разочарни затоа што немале успех во ловењето. Свети Јоаким им покажал каде да ловат и тие навистина тој ден го завршиле со богат улов. Воопшто, целиот нивни живот им тргнал на подобро по средбата со Свети Јоаким и добивањето благослов од него. Затоа по извесно време пак решиле да го посетат во пештерата. Но, кога дошле виделе дека свети Јоаким веќе ја предал својата душа на Исус. Достојно ги погребале неговите чесни мошти во пештерата, а подоцна честопати оделе и палеле свеќи на неговиот гроб.

Педесет години по овој настан свештеникот Теодор од селото Осмирдол се населил на истото место во кое се подвизувал Свети Јоаким Осоговски. Таму се замонашил. Неколкупати на сон му се јавил Свети Јоаким Осоговски и му рекол да ги извади оттаму неговите мошти. Монахот така и направил. Подоцна изградил манастир во близина на гробот на Свети Јоаким и го посветил на овој светител. Со текот на времето во манастирот се случиле бројни чудесни излекувања.

Најстариот текст за житието на Свети Јоаким Осоговски потекнувал од 15 век. Селото Градец се наоѓало на десната страна од Крива Река под планината Осогово. Иако за Свети Јоаким Осоговски има малку податоци, врз основа на податокот што монахот, кој ги пренел неговите мошти, живеел во времето на византискиот цар Мануел (кој владеел од 1143 до 1180 година) и врз основа на еден друг податок спомнат во житието (според кој Свети Јоаким умрел осум години пред сончевото затемнување, кое се случило во март 1113 година), пресметано е дека тој починал во 1105 година. Тоа значи дека Свети Јоаким бил роден во 11 век и во овој век го проживеал најголемиот дел од својот живот. За приликите во Македонија во 11 век веќе пишувавме во житието на Свети Прохор Пчињски.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"