ИСТОРИЈА

80 години од убиството на Тодор Чопов, револуционер, писател, артист, учител, општественик

ПО СТАПКИТЕ НА ДЕЛЧЕВ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • "Тодор Чопов е македонски револуционер, но и интернационалист. Чесните граѓани и од другите народности го почитуваат. Меѓутоа, тој е постојано изложен на притисок. Реакцијата постојано демне да го убие претседателот на читалиштето, но тој не им се подава, - Тодор е син на македонската револуционерка Руша Чопова и внук на Гоце Делчев! Тој не им се плаши, им зборува дека се непријатели на Македонија и на македонскиот народ, дека се предавници и орудија на бугарскиот дворец..." Лика Чопова - Јурукова, внука на Делчев

Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите" е една од пораките кои апостолот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев им ја остави на своите поколенија. Оваа негова порака ја разбраа многу познати и непознати Македонци по Делчев, но се чини најповеќе до сите неговиот внук од сестра Тодор Чопов. Тој живеел, размислувал и делувал како својот славен вујко, па дури и животот го загубил на сличен начин.

РЕВОЛУЦИОНЕРНО КРШТАВАЊЕ

Тодор Чопов е роден во Кукуш од родителите Доне Чопов, фурнаџија и Руша Делчева, револуционерка, сестра на Гоце Делчев. Датумот на раѓање не е утврден, бидејќи целата документација е изгорена заедно со родниот град во 1913 година, но според сестраму Лика, Тодор бил роден околу верскиот празник Тодорица, некаде во крајот на февруари, или почетокот на март. Тој има уште тројца браќа и три сестри: Владимир (Мирчо), Туше, Ристо, Велика (Лика), Ленка и Магда.

Завршил III прогимназијален клас во Кукуш, а потоа образованието го продолжил во Бугарската гимназија во Солун, каде што имал можност да чита и да се образува. Паралелно со учењето, потресен од смртта на вујковците, Тодор го следел и македонското револуционерно движење. Во тоа време станал раководител на еден таен македонски кружок во гимназијата.

По Младотурската револуција (1908 година), кога Тодор бил на летен распуст, од четата се вратил брат му Владимир. Тој му раскажувал на малиот Тодор за четничкиот живот и за убиството на неговиот војвода Даме Груев. Во таа прилика помалиот брат се заколнал дека ќе се одмазди и ќе ја ослободи Македонија.

Во сепмтември истата година, македонските ученици во Солунската гимназија кренале бунт против егзархиската управа, организирајќи штрајк на учениците и јавни манифестации низ градот. Еден од главните организатори бил Тодор Чопов. А кога стражарот на пансионот сакал да го спречи влегувањето на учениците во затворениот интернат, храбриот Тодор му го одземал револверот и уште повеќе ги разбунтувал учениците. Ова било причина тој со неколку соученици да биде исклучен од Гиманзијата.

Но, како со петокласно образовнаие, по препорака на Јане Сандански, Тодор бил назначен за учител во мелничкото село Оштава. Ги учел и децата и возрасните, им читал книги и весници и ги запознавал со историјата на македонското револуционерно дело, опишувајќи им ги ликовите на истакнати револуционери Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и други.

Кога во април 1909 година македонските доброволци тргнале на помош на младотурците против контрареволуционерниот преврат во Цариград, Тодор Чопов тргнал пеш да им се приклучи, но успеал да стигне само до Серес.

А во октомври 1912 година била објавена Првата балканска војна со нејзините ослободителни задачи. Насекаде во земјата, па и во Кукуш се формирал доброволечки одред. Прв се запишал единствениот останат жив брат на Гоце, Христо Николов Делчев, а по него и Тодор Чопов, брат му Туше и мајка му Руша. Сите заминале на фронтот да се борат против Турците за слободата на Македонија, каде што веќе се наоѓал постариот брат Владимир (Мирчо) Чопов.

По почетокот на Втората балканска војна, 1913 година, Тодор одново доброволно тргнал во одредот со Васил Чакаларов да се бори за конечно ослободување и обединување на Македонија, не знаејќи за плановите и стремежите на балканските монархии. Одредот се борел на страна на бугарската војска против спрските и грчките армии, бидејќи Кукуш бил останат во зоната што ја окупирала Бугарија.

Градот Кукуш бил целосно изгорен во налетот на грчките војски, а населението се разбегало на различни страни. Семејството на Чоповци побегнало во Софија каде што се соочило со голема беда и сиромаштија. Овој период од неговиот живот Тодор Чопов го опишал во повеста "Војна ли".

Тој останал долго време без работа и без основни средства за егзистенција. Од тие причини, заедно со неколку свои другари решиле да направат демонстрација за самоубиството - легнувајќи на трамвајските шини. Овој настан многу реално е опишан во неговиот расказ "Бегалци".

Некое време, со група другари, пееле македонски песни за да заработат за живот. Подоцна, со застапување на познатиот бугарски поет и македонски револуционер Пеју К. Јаворов, којшто долго време бил близок пријател на Делчевото семејство, Тодор добил работа во Централната пошта во Софија, како службеник за разнесување на пакетите и пратките.

Читањето и пишувањето претставуваат голема љубов за 22-годишниот Чопов, кој ја почувствувал суровоста и бесмисленоста на војната и ги гледал страдањата од новозапочнатата светска војна во 1914 година. Го проучувал толстоизмот, а бил близок и до анархизмот. И овој период од неговиот живот им го опишал и на читателите, во бугарското толстоистичко списание "Пререодба" ја објавил војната прва и единствена досега откриена печатена литературна творба, расказот "Војна".

БУРНИ ГОДИНИ

Желбата да се биде поблиску до родниот крај го одвела семејството на Доне и Руша Чопови во Горна Џумаја, во март 1915 година.Во Софија останала само Лика Чопова за да го продолжи образованието и братот Владимир кој се наоѓал во тамошната касарна како бугарски војник.

Тодор Чопов и во Горна Џумаја работи како поштенски службеник. Во периодот 1916-1917 година станал еден од главните иницијатори за обновување на некогашното читалиште "Согласие", а потоа е избран и за негов претседател. Постепено потребата за проширување на читалиштето се зголемувала. Затоа, претседателот Чопов тргнал за Софија и од надлежното министерство успеал да добие дозвола за да може горноџумајските граѓани да ја адаптираат полуразрушената џамија во центарот на градот за дом на читалиштето. Со доброволна работа на младите ентузијасти, под раководство на Тодор Чопов, големата сала на џамијата била адаптирана. Во рамките на читалиштето "Согласие" се организирала богата библиотека, а наскоро се формирала и една аматерска театарска група, составена главно од млади интелектуалци и работници.

Тодор бил нејзин главен раководител, актер и режисер.

Покрај службената работа, Тодор неуморно им помагал на домашните во обработката на тутунот, но истовремено подготвувал театарски претстави и усилено читал и пишувал. Станал љубимец во повеќе средини во градот. Се зближил и со Ромите и се обидувал да влијае за нивното културно-просветно издгинување. Го научил нивниот јазик и работел врз подготовката на ромска граматика со азбуката што самиот ја составил.

Првата светска војна се ближела кон својот крај. Меѓу последните битки загинал Владимир (Мирчо) Чопов, брат на Тодор. По војната во Париз се одржувала меѓународна мировна конференција, а Македонците од сите страни на светот го издигнувале гласот за своето ослободување и обединување во една слободна држава.

Во тој период во Горна Џумаја е формирано Биро на Организацијата, во кое влегува внукот на Гоце Делчев, младиот интелектуалец, револуционер и писател Тодор Чопов. Бирото објавува и "Повик кон Македонците", печатен во Г. Џумаја без означен датум, во кој меѓу другото се вели:

"Драги сотатковинци,

натприродни усилби се направија, безброј жртви се дадоа додека да ја преживееме фазата на нашето разорување. Еден по друг пред нашите очи ни се изредија орудијата на коронуваните балкански крволоци што грабеа, убиваа, палеа безогледно, ни вселуваа смут во душите и наполно ни ја запустија земјата. Помрачено е сонцето над Македонија, а и самата земја болезнено трепери пред спомените за безумствата што се извршија врз неа...

И денеска, пред судбоносниот и трагичен момент, во којшто се решава и судбината на нашиот роден крај, кога срцето на секој Македонец со неопишива возбуда и трепет се свива пред стравот на неопределноста на нашата судбина, - истите тие орудија на досега владеачките камарили не се срамат да го продолжуваат јудинското оро пред нашата света земја...

Покрај ваквата усилена национално-политичка активност, Тодор Чопов не го намалил интензитетот и на полето на литературното творештво, сметајќи го исто така како моќно средство во борбата за Македонија. Театралната аматерска трупа при читалиштето "Согласи" се повеќе ја разгранува својата дејност.

Толстоистот и анархокомунистот Тодор Чопов истовремено продолжувал да биде и национален револуционер. Судбината на неговиот народ и на неговата татковина не му двале спокој. Кога серскиот окружен војвода Алеко Василев во 1922 година објавил дека ги прифаќа основните лозунги на Серската група, кон која припаѓал и Тодор Чопов, тој успал да привлече многумина од нив.

По деветојунскиот преврат во Бугарија, кога бил убиен претседателот на бугарската влада А. Стамоблиски и земјоделската влада била заменета со фашистичката на Цанков, состојбата во Бугарија се комплицирала. Коминтерната во тоа време водела преговори со луѓето на Тодор Александров, а БРП (к) застанува зад настаните од 9 јуни. Но, уште на 12 септември 1923 година деветојунците го затвораат ЦК на БРП (К) и извршуваат прогон на нејзините раководители и членови.Тоа го предизвикало и септемвриското востание.

На 21 септември Велинов ја донел во Горна Џумаја паролата за востание. Образуваниот Револуционерен комитет во Г.Џумаја, чиј член е и Тодор Чопов, изработил план за востаничките дејства.

На 22 септември 1923 година се формирал одредот од околу 150 души, а еден од командантите е Тодор. Започнале нивните активности со пресекување на телеграфските жици и железничките линии. "Автономистичката" ВМРО претставува пречка во нивните акции, па затоа вечерта на 24 септември, Тодор Чопов, како внук на Гоце Делчев и позната личност е испратен на преговори со нив во с.Демирово.

На 25 септември Тодор влегол во врска со околискиот војвода Ангел Коларов, но наместо да преговара - го уапсиле и го спровеле во Горна Џумаја. По изречно барање од Тодор Алекандров, Тодор Чопов е осуден на смрт. На 26 септември кон полноќ чуварот М. Арнаудов му понудил услови за бегство на Тодора, но тој одбил, за да ја сподели судбината со другарите. Во таа прилика тој напишал опширна изјава, која се уште не и е позната на јавноста.

На 27 септември 1923 година во мугрите во полите на Рила Планина е убиен Тодор Чопов. Нешто подоцна, убиени се уште 100 луѓе од неговата востаничка чета.

Дури по подолго време сестра му Лика го пронашла распаднатиот закопан труп на брата си Тодор, пришто ги земала коските од прстите на десната рака. По скоро 22 години од убиството, во 1945 година, коските му се вратени во запустениот гроб.

(При изработка на текстот ја користевме монографијата посветена на животот и делото на Тодор Чопов, од академик Блаже Ристовски).


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"