|
ИСТОРИЈА
Мартин Вучиќ, млад пејач со многу хитови
МУЗИЧКИОТ ГЕН ГО НАСЛЕДИВ ОД РОДИТЕЛИТЕ
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- На неодамнешниот фестивал “Охрид фест”, Мартин со песната “Коси од
злато” успеа да се закити дури со четири награди и покрај силната
конкуренција како од македонски пејачи така и од колеги кои имаат успешни
кариери во поранешна Југославија.
- Тие лобирања на фестивалите надвор од Македонија ги памтам како нешто
лошо, но тука не сум почувствувал такво нешто, затоа што кај нас можеби го
ценат квалитетот, а надвор си ги ценат своите.
Р ано е да се врзам", "Кажи ѕвездо",
"Не се каам што те сакав", "Не се лути најмила", и ред други како и сега
поновите "Запали светло" и "Коси од злато", го вивнаа во светот на
популарноста младиот и перспективен пејач Мартин Вучиќ. Песните станаа
хитови, се вртеа и се вртат на многу електронски медиуми благодарение на
неговиот квалитетен глас и добар вкус да одбере она што е добро за увото на
љубителите на добрата песна. Зад себе има издадено е едно ЦД кое доживеа
успех, а во подготовка е веќе и второто на задоволство на обожвателите на
неговата музика.
Покрај ангажманите како пејач, тој успешно се соочува и со испитите на "Факултетот
за музичка уметност", а секако не ја заборава и неговата "прва љубов"-
ударалките. Својата кариера извесно време ја градеше и како дел од групата "Арија",
која исто така стана популарна благодарејќи на бројните хитови кои беа
забележани и потпевнувани од бројните љубители на естрадата.
ПОДЕМ
На неодамнешниот фестивал "Охрид фест", Мартин со песната "Коси од злато"
успеа да се закити дури со четири награди и покрај силната конкуренција како
од македонски пејачи така и од колеги кои имаат успешни кариери во поранешна
Југославија.
Ако кажам дека не очекував награда на "Охрид фест" ќе излажам, но сепак
не очекував и дека ќе победам, вели Мартин. Очекував песната да
доживее успех затоа што навистина е певлива и хитовска, но да добијам четири
награди ...! Неочекувано ми дојде првото место од жирито и од публика,
и од телевоутингот, како и трето место во последната интернационална вечер.
Не е нескромно да се каже дека очекував награда затоа што секој што ја
работи оваа работа сака песната да се слуша, секој пејач работи за да
постигне некаков поголем успех. Грев е да се каже дека ако се настапи на
некој фестивал дека не се очекува нешто.
Музиката на победничката песна "Коси од злато" е на Лео, многу познат
пејач од Хрватска, текстот е на Владо Јаневски, а аранжманот е на Мартин
Вучиќ.
Песната беше специјално наменета за овој фестивал. Со Лео сме пријатели
многу години, честопати се гледаме и во Македонија, или пак кога сум јас во
Хрватска, додава Мартин. Неодамна бевме на фестивал во Зрењанин и
таму всушност се договоривме со него да направиме нешто интересно, некоја
летна песничка.
Тој не соработува конкретно со одреден тим со кој работи кога станува
збор за одредена песна. Онаа песна која ќе му допадне не е важно дали е од
Лео или пак од некој трет, едноставно ја купува. Мартин се има опробано и
како композитор како за себе така и за некои негови колеги и докажа дека и
тоа успешно го работи. Во 2002 година Мартин го промовирше неговото првенче
- ЦД. Оттогаш е помината една година, така што доцна е да се прави муабет за
него. Но, сепак Мартин е задоволен од продажбата.
Многу луѓе го имаат моето ЦД и многу ми е драго поради тоа, објаснува
Мартин. Беше шанеролико, за сечиј вкус, но тоа не значи дека и следното
нема да биде такво. Новото, второ ЦД планирам да излезе некаде на крајот на
оваа година, или пак почетокот на следната.
ФЕСТИВАЛИ
Според Мартин македонските фестивали се добро организирани, но од негова
страна искрено кажано заостануваат во споредба со фестивалите кои се
одржуваат на простори од поранешна Југославија.
Тие навистина имаат некои погледи кон естрадата и работата онака како што
треба односно црпат искуства од Запад, вели Мартин. Треба и
македонските организатори, а и ние пејачите да се ориентираме и да учиме од
нив. Организацијата како организација околу престојот, извештајот за
медиумите го имаме и ние, меѓутоа главниот проблем е визуелноста на тој
фестивал односно сцената. Треба полуксузно да се направи. Неможе никој да ми
каже дека нема пари. Пари има, само некој треба тоа да го направи. Имаме
навистина силни фирми коишто сигурен сум дека би донирале кога станува збор
за фестивали од ваков тип. Проблем има и околу преносот на фестивалите на ТВ
екраните. Оваа година "Охрид фест" имаше значаен чекор напред во тој поглед.
Имаше пет камери, кран и специјална камера за случките позади сцената, и тоа
треба да се применува и кај другите фестивали. Токму Глигор Копров, директор
на "Охрид фест" кој е присутен на сите фестивали, "Зрењанин", "Сунчане скале",
учејќи од нив го примени нивното искуство и кај нас.
Мартин има настапувано и на "Зрењанин" и "Сунчане скале" и секогаш од
публиката бил добро примен. Таа веќе добро го познава. Како дел од тие
музички настани Мартин го издвојува "Зрењанин" како најдобро организиран
фестивал кога станува збор за сместување на пејачите, за информациите, за
како што вели тој нивно "тинтрање" од страна на одговорните.
А за организацијата зад сцената секако води фестивалот во Будва затоа што
феноменално изгледаше на телевизиските екрани, додава Мартин. И двата
фестивала се натпреваруваат кој подобра сцена ќе направи. Бев и во Бихаќ на
едно скромно фестивалче коешто многу ми остави впечаток затоа што е еден од
ретките фестивали на кој што сум настапувал, а да не е наместен. Нема
никакви задкулисни игри. Луѓето буквално беа отворени. За разлика од другите
фестивали каде што директорите обично се затворени и прават муабети во
четири очи, на овој фестивал немаше такво нешто. Тие беа постојано со
пејачите. И во Македонија ги има тие задсценски игри и зошто да ги нема, но
не во голема мера. Кога ги има надвор, зошто ние да заостануваме во тој
поглед. Тоа е составен дел од фестивалите. Тие лобирања на фестивалите
надвор од Македонија ги памтам како нешто лошо, но тука не сум почувствувал
такво нешто, затоа што кај нас можеби го ценат квалитетот, а надвор си ги
ценат своите.
Следен фестивал на кој ќе настапи Мартин е "Макфест" во Штип, а на крајот
на октомври ќе биде гостин на фестивалот во Бања Лука. Има понуда да настапи
и на Задарскиот фестивал, но се уште не се знае дали ќе ја прифати поканата.
ПОПУЛАРНОСТ
Иако и неговите родители потекнуваат од музички семејства, сепак тие не
се "виновниците" кој го натерале и тој да го одбере патот на естрадата.
Веројатно влијаеше генот што го носам, вели Мартин. Сам си ја
одбрав оваа професија и немам никакви притисоци ниту од мајка ми ниту пак од
татко ми. За него можам да кажам дека тој многу придонесува со самото негово
искуство како музичар и пејач. Сепак оваа професија ми го смени начинот на
функционирање преку денот. Повеќе ангажмани, снимање, но тука е и факултетот,
така што слободното време ми е сведено на минимум. Не се сметам себе си за
популарен, затоа што јас навистина не знам што значи тоа. Не ја сфаќам така
работава, не се сметам себе за популарна личност, дека сум некоја ѕвезда.
Ниту сум се сменил како личност, ниту пак моето однесување се смени кон
вистинските пријатели. Исто така и тие се однесуваат со мене како и пред да
ме има толку често на екраните и фестивалите.
За во иднина на Мартин единствена желба му е, веќе и планира тоа да го
изведе, а тоа е да ја применува неговата прва струка - ударалки.
Сакам да приредам едно шоу свирејќи со нив, да направам нешто што никој
досега не ја имал таа можност досега да го работи кај нас. Веќе петнаесет
години свирам со ударалки и се чувствувам подготвен да ги комбинирам со
пеењето, додава Мартин.
|