ИСТОРИЈА

План за повторна изградба на "Света Богородица"

ВРАЌАЊЕ НА СЈАЈОТ НА УНИШТЕНИОТ БОЖЈИ ХРАМ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Дрвениот иконостас претставувал вистинско ремек-дело, а бил изработен од мајсторот Димитрија, зет на познатиот мајстор Петре Филиповски од селото Гари, во периодот од 1838-1842 година.
  • Од сведоци на тој настан, дознаваме дека остатоците од објектот постоеле скоро една година по пожарот и дека по тој период се отстранувале остатоците од објектот, а некои граѓани дури и го користеле каменот од црквата како градежен материјал за свои потреби.

Од црквата "Света Богородица" (наспроти МАНУ) која некогаш претставувала величествен верски симбол на град Скопје, денес се назираат само темелите. Црквата била изградена во 1835 година, но во 1943 година ја зафатил пожар, потоа била урната во педесетите години, за да на крај во шеесетите години, врз нејзините остатоци биде изграден Младински дом на Скопје, кој само што бил изграден, од нејасни причини, исто така бил срушен.

Во внатрешноста на црквата се забележува богат ентериер

Наскоро на ова место ќе започне изградбата на нов храм, кој според плановите, покрај името ќе го задржи и автетничниот изглед.

ПРВОБИТЕН ИЗГЛЕД

Црквата "Света Богородица" била изградена во 1835 година, а за почетокот на нејзината изградба, според пишани документи, е заслужен еден угледен граѓанин од тоа време, Аџи Трајко, вели Константин Димитровски, архитект конзерватор, ко-проектант и надзор во Заводот за заштита на спомениците на град Скопје.

Проектот го направил Дамјан Дамјанов, кој ја започнал црквата, но за време на градбата починал, па работата ја продолжиле неговите синови Андреја, Коста, Никола и Ѓорѓи. Коста и Никола се зафатиле со каменорезачките и ѕидарските работи, а главната работа околу довршувањето на проектот и објектот во целина ја водел Андреја Дамјанов. Оваа црква се смета за прв објект на кој работел овој наш најзначаен архитект (неговата дејност продолжува со изградбата на велешката, штипската, кумановската црква, а познати се неговите цркви и во Ниш, Пирот, Сараево, Мостар и на други места).

Должината на црквата изнесувала 30,50 метри, а широчината 17 метри. Висината на средниот дел изнесувала 11 метри, а на бочните кораби 7,50 метри.

Инаку, самиот објект однадвор бил многу скромно решен како трикорабна базилика со припрата на западниот дел, објаснува архитектот Димитровски.

Иконостасот бил направен во два појаса

Резбата ја покажува вештината на тогашните мајстори

Во приземјето на припратата имало 22 столба направени од мек камен, по 6 на северната и јужната и 10 на западната страна на која се наоѓал и главниот влез, додека на катот на кој била сместена галеријата со женската црква имало и два параклиса. Припратата претрпела неколку промени во третманот на надворешниот изглед, така што во почетокот тремот во приземјето бил отворен, а подоцна бил застаклен, а од надворешната страна била поставена железна ограда. Лаците меѓу четириаголните столбови, кои во почетокот биле празни, подоцна биле заѕидани со тенки ѕидови во чија што средина биле направени прозорски отвори во крстовидна форма. Катот кој во почетокот бил со мали прозорци, во втората фаза бил решен со по три поголеми прозорци од јужната и северната страна и пет на западната, а фасадата била обоена црвено. Главната врата на западниот ѕид на црквата била изработена од бел мермер, така што претставувала портал висок 4,50 метри.

Треба да се напомене дека во ентериерот на објектот, за разлика од екстериерот (кој бил резултат на ригорозниот однос на тогашните локални турски власти), нашите мајстори успеале да ја покажат целата своја вештина преку изработката на прекрасниот иконостас, царскиот трон, певницата и останатиот црковен мебел.

ВНАТРЕШНОСТ

Според кажувањата на архитектот Димитровски иконостасот бил направен во два појаса. Долниот појас бил изработен од мермер, а горниот од дрво. Мермерниот бил висок 3,5 метри и бил составен од 14 колони помеѓу кои биле сместени престолните икони, а завршницата била од богато украсен венец. Дрвениот иконостас претставувал вистинско ремек-дело, а бил изработен од мајсторот Димитрија, зет на познатиот мајстор Петре Филиповски од селото Гари, во периодот од 1838-1842 година. Подот во црквата бил од бели мермерни плочи со различни димензии.

Ѕидовите биле дебели преку еден метар, а столбовите по должината на двете страни од средниот кораб биле изработени од дрво, премачкани со гипс и обоени со изглед на мермер, додава Димитровски.

Имало седум пара столбови и сите биле со различно решени капители. Висината на столбовите изнесувала 6 метри. Таваните на црквата биле рамни, дрвени, обоени, и испресечени со тенки летвички во права линија, или брановидно. Во средината на централниот кораб била изведена скриена или т.н. слепа купола со пречник од 5 метри, фрескоживописана. Оградата на галеријата била дрвена и била изведена во брановидна форма. Сето ова црквата ја правела во внатрешноста да изгледа раскошно. Постоел фрескоживопис, но само на одредени места, и тоа на главната олтарска апсида и ѕидовите на средниот кораб кои се потпираат на столбовите, како и во скриената купола во централниот дел на средниот кораб. Авторите, за жал не се познати.

ИДЕЕН ПРОЕКТ

Постојат најразлични кажувања околу тоа како оваа црква настрадала. Факт е дека била опожарена, но исто така е факт дека во тој пожар настрадала само кровната конструкција која била дрвена.

Од сведоци на тој настан, дознаваме дека остатоците од објектот (фасадните ѕидови, апсидата, припратата) постоеле уште скоро една година и дека по тој период се отпочнало со отстранување на остатоците од објектот, така што некои граѓани дури и го користеле каменот од црквата како градежен материјал за свои потреби, вели архитектот Димитровски.

Пожарот се случил во 1943 година, црквата се рушела во педесетите години, а интересен податок е дека во шеесетите години, врз остатоците од црквата е изграден Младински дом на Скопје, кој само што бил изграден, од нејасни причини, исто така е срушен. Во меѓувреме неколкупати е покренувана иницијатива за обновување на црквата. Зошто досегашните обиди не вродиле со конкретен резултат, не ми е познато, вели Димитровски.

Последната иницијатива потекнува од Одборот за обнова на црквата "Света Богородица" во Скопје, кој на ден 10.04.2003 година во просториите на скопската митрополија одржа седница на која е донесена Одлука за реконструкција на црквата "Света Богородица" во Скопје и Одлука со која работите околу реконструкцијата на црквата ги презема Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје.

Станува збор за процес кој се состои од неколку фази. За жал, времетраењето на тие фази е невозможно однапред точно да се одреди поради низа објективни причини, што е чест случај при конзерваторско-реставраторските интервенции, во чиј состав спаѓаат и археолошките истражувања, објаснува соговорникот. Тоа можам да го илустрирам со досегашните работи на локацијата. Имено, периодот од две недели кој беше предвиден за расчистување на теренот се одолжи непланирано, од причина што под површината на теренот се појавија огромни бетонски остатоци од срушениот Младински дом, за чие што расчистување требаше да се вклучи и градежна оператива, која пак, мораше исклучително внимателно да работи поради опасноста да не се оштети нешто од автентичните темелни зидови на црквата. Тоа, во голема мера го успори целиот зафат.

Во меѓувреме, како што биле откривани остатоци од автентичните ѕидови, се вршеле и детално архитектонско снимање на целата локација, врз основа на кое се изработени и идеен проект на автентичната состојба на црквата. Со целосното расчистување на локацијата на ниво - 20 см под котата на остатоците од автентичниот под на црквата, како и расчистувањето на целата непосредна околина на објектот во широчина од 5-6 метри, со што целосно се презентираа откриените остатоци, била завршена првата фаза од Проектот. Следи изработката на Главен проект во соработка со ИЗИИС (Институт за земјотресно инженерство и сеизмологија) чии што стручни лица се задолжени за конструктивниот проект, а третата фаза е отпочнување со изградбата на објектот врз остатоците од автентичните темелни ѕидови. Можеби наскоро ќе отпочнат и преостанатите две фази, па ќе може да се постави и долгоочекуваниот камен-темелник на овој, за граѓаните, многу значаен објект.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"