КУЛТУРА

Ликовните мотивации на Мустафа Асим, 1952-2003

БУРНА И РАЗНООБРАЗНА КРЕАТИВНА КАРИЕРА

Пишува: Ричард ИВАНИШЕВИЌ

  • Во својата ликовно-жанровска кариера, креираше низа сценографии на македонските и екс-југословенските театарски сцени.
  • Апсолутната арт(и) сторија во уметниковиот опус на сликарот е естетика на раскошот, поетиката на убавините на портретираните убавини, прекрасни ликовни-хипнотично сместени во метафоричните форми на имагинарните огледала.

Неговите ликовни патешествија ги следам, уште пред триесет и повеќе години, кога како соседи, страсно ја идеализиравме уметноста.

Но, уште тогаш веќе бевме свесни дека таа ќе ни биде пришествие, исповед. Се импресионирав од цртежот посебно: портретот, знаменитите урбани панорами. Оттогаш го паметам по блоковите исполнети со цртежни сеанси што набрзо ги облагородуваше со сликарските страсти, во акварел, пастел, темпера, масло.

Страственоста на уметниковите сновиденија - пленителноста на погледите се пасија и опсесија на уметникот кој обожаваше на хартија и платно да ги овековечува бележитите убавини, физиономиите, фигурите на оние што се издвојуваат и го освојуваат неговото уметничко внимание, внимателно следено од усетот да допре до шармовите на раскошите кон кои чувстуваше опседнатост од духовноста која служи: За посветување на инкогнито - интимите, емоциите што ја мотивираат уметничката харизма.

ЛИКОВНИ КОЛОНИИ

Прв идол и учител, ликовната легенда, Тоде Ивановски, првиот ликовен идеал, уметникот Кондовски, доајенот на македонското современо сликарство, во чија класа дипломира Мустафа Асим. А потоа, во почетокот неизвесна, но брза, бурна и разнообразна креативна кариера, портретист ширум земјава и странство, илустратор, графичар, слободен уметник од средината на деведесетите, од 1993 до неодамнешната смрт, живееше и твореше во Истанбул. Токму кога почина, Мустафа Асим, како претставник на македонската уметност имаше групна изложба во САД, заедно со академискиот сликар Симеон Силјановски, со академик-скулптор Томе Серафимовски и уште неколку уметници.

И покрај десетгодишниот постојан престој во Република Турција каде се здоби и со интернационална репутација, која потекнува уште кога создаваше кај нас, излагаше самостојно и групно во сите позначајни ликовни центри во некогашна Југославија, Мустафа Асим, цела таа декада по неколку пати или излагаше самостојно или учествуваше на ликовни колонии како во село Нижополе, каде твореше во инспиративниот амбиент со познати битолски и македонски ликовни уметници, како со Васко Таковски, Павле Кузмановски, Гоце Божурски, Драган Најденовски, членовите на ликовната група "77"...

Во својата ликовно-жанровска кариера, креираше низа сценографии на македонските и екс-југословенските театарски сцени.

Сепак апсолутната арт(и) сторија во уметниковиот опус на Мустафа Асим е естетика на раскошот, поетиката на убавините на портретираните убавини, прекрасни ликовни-хипнотично сместени во метафоричните форми на имагинарните огледала, дијадеми, гривни, па харизматичните движења на балерините, превезени со мистиката на волшебната лирика и романтика. Впрочем апсолутниот романтизам на естет, романтичар-илузионист, на видното пренесено и вознесено во уметничкото сновиденото, низ симболичноста на шареноликите ликовни убавини што кога се гледаат поттикнуваат да се чувствува и почувствува чувствителниот чудесен сликовен ars poetikus.

ГРАФИЧКИ ЦРТЕЖИ

Во ликовниот салон на ЗЛУБ, пред љубителите на уметноста се претстави младиот ликовен уметник Мустафа Асим, со камерна поставка од петнаесет графики и цртежи, работени во комбинирана техника, која има специфични естетски елементи што е и основна карактеристика за сите изложени дела.

Творецот е мотивиран од имагинарните глетки што постојат врз ѕидовите, пејзажите и бреговите, предели доловени низ силуетните сенки и луцидните светлости, во нивното јавување од насетени ноќносиви и белоденвни слики, кои само се претчувствуваат и претскажуваат како непредвидливи ликовни мигови, меѓу чии загадочности се вишнеат мракот и блесокот на осенчаните нијанси врз нејасните детали од претставите.

Во овие творби се провлекуваат шармантните таинствености на просторите, видени некаде во скриените чувства на времето, каде столетните облици на архитектурата се обликуваат и ускладуваат во сликовити облици на вечноста што ја носат во себе, пренесувајќи ја истата низ рабовите на градбите, чемерните плочници, преку тивките светлосни треперења на фенерите, или пак низ тивките крајбрежја пред чии прагови поигруваат нежните бранови.

Сите претстави поседуваат прозрачно модри сенки, со сиви бронзени хоризонти, а меѓу овие фрагментарно се најавуваат колоритни преливи.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"