осподинот Ицо Најдовски е
професор по македонски јазик на "Килорд Даунс - Секендари Колеџ" и
долгогодишен активист во македонската заедница во Австралија. Водител е на
македонската радиопрограма на радиостаницата “Три пати Зет” во Мелбурн. Тој
е магистар по историја и мултикултура. Магистрирал во1997 година на тема: "Оспорен
идентитет - Македонците во современа Австралија".
МС: Господине Најдовски, кажете ни нешто повеќе за Вашата дејност и за
Вашите трудови?
НАЈДОВСКИ: Имам повеќе научни трудови: "Првата генерација
Македонци во Мелбурн", "Одржување на македонскиот јазик и македонската
младина", "Споредба на три етнички групи, а тоа се Македонците, Либанците и
Холанѓаните". Таа тема ја одбрав за да се пронајде одговор: зошто
Македонците се толку политички расцепкани наназад во македонската историја,
Либанците се религиозно разделени, а пак Холандија егзистира како компактна
и вистинска држава со години наназад, иако дваесет проценти од нејзиното
население е составено од сите религии, атеисти, православни, католици итн.
Во моментот сум претставник на компанијата "Марко Поло", а истовремено
предавам македонски јазик во "Килорд Даунс - Секендари Колеџ", а исто така
сум оценувач на завршните испити по македонски јазик, во четврта година.
ТРАДИЦИЈА
МС: Колку македонскиот јазик се изучува во Австралија?
НАЈДОВСКИ: Структурата на образованието во Австралија е застапена во
сите држави различно. Јас ќе зборувам само за Викторија, бидејќи таму и
најмногу ми е познато. Македонскиот јазик се изучува од основно училиште до
средно, а високо образование на македонски јазик има во Сиднеј. Во државните
училишта во Викторија тоа е дел од наставната програма. Македонскиот јазик е
застапен, некаде на околу 7 до 10 основни училишта, а исто така и на 10
средни училишта. Бројот на ученици- матуранти, секоја година, кои успешно ги
завршуваат испитите по македонски јазик се движи некаде од 160 - 200
матуранти. Покрај изучувањето на македонскиот јазик, ние се трудиме да ја
зачуваме македонската култура, традиции, обичаи, а учениците кои го
изучуваат македонскиот јазик се здобиваат и со 10 отсто повеќе знаење за
упис на високите образовни институции што значи дека имаат предност во однос
на другите ученици, студенти кои не се од македонско потекло. Имаме и едно
двојазично основно училиште каде што наставата се предава на македонски
јазик. Вработени се 7-8 македонски наставници. Во оние места каде што во
училиштата не може да се изучува македонскиот јазик, постојат саботни
училишта кои се во рамките на редовната наставна програма. Таму секоја
сабота четири часа се изучува македонскиот јазик.
МС: Како Македонците во Австралија ја негуваат македонската култура и
традиција?
НАЈДОВСКИ: Македонците во Австралија се доселени некаде по
Илинденското востание и тоа во помал број. Првиот бран, на поголем број
Македонци иселеници беше од Егејскиот дел на Македонија, за време на
Метаксас кога побегнаа од неговиот режим. Вториот бран на Македонци, исто
така од Егејскиот дел на Македонија беше за време на т.н. Граѓанска војна во
Грција, која за нас Македонците во Австралија е востание на Македонците
против грчките монархофашистички власти и добивање на правата на Македонците,
независно дали е тоа во рамките на Грција, или пак Македонија како независна
држава на Балканот. Во седумдесетите години доаѓаат Македонците од Република
Македонија, а исто така имаме и еден мал број на Македонци од Пиринска
Македонија и Македонци од Албанија. Структурата на Македонците во Австралија
и негувањето на македонскиот идентитет и посебност се појави уште пред
Втората светска војна кога се формираа првите македонски политички
организации. Првата политичка организација беше формирана во Перт под името
"Гоце Делчев". Македонците, за кои се знае дека отсекогаш биле пролево
ориентирани учествуваа и во Втората светска војна на страната на Австралија
против Јапонците, така што имаме видни личности во Австралија кои се
признати. Кога дојде до формирањето и зачетокот на посебноста на
македонската заедница во Австралија, се случи забрана на македонскиот
народен сојуз. Излезот за продолжување на македонската етничка група во
Австралија, како посебна, мораше да се бара преку институциите на црквата.
Во 1954 година се формира и првиот одбор, а 1959-60 година проработи првата
македонска православна и афтокефална црква за Мелбурн - Викторија "Свети
Ѓорѓи", која покрај духовната имаше и национална улога. Затоа денес не
можеме да кажеме дека црквите во Австралија имаат само духовна мисија, преку
црковните општини, Македонците демонстрираат култура, обичаи и посебност. Во
рамките на тие црковни општини, веднаш почнаа да се формираат и првите
црковни училишта, каде се изучуваше македонскиот јазик, а првите наставници,
во шеесеттите години биле свештениците. Потоа се формираа културно -
уметнички друштва, писателски друштва, драмски групи, хорови, а во поново
време се случува ренесанса на македонската народна песна. Имаме голем број
на македонски пензионерски групи, а она што е најважно е тоа што Македонците
се организирани и преку образовниот систем на Викторија, односно на
Австралија. Имаме и учителско здружение, а во последните две години јас сум
секретар на тоа здружение. "Просветно дело" и Агенцијата за иселеништво ни
испратија два комплети од прво до осмо одделение и неколку речници за помош
на Македонците, за што ова Здружение им се заблагодарува. Сите тие елементи
нас не прават како посебен народ, нација со сите свои традиции, обичаи.
МС: Колку македонскиот јазик и случувањата во Македонија се застапени на
медиумите во Австралија, односно колку македонски медиуми има во Австралија.
Какви теми тие обработуваат?
НАЈДОВСКИ: Во печатените медиуми македонскиот јазик постои уште со
самото формирање на политичките организации во сите градови во Австралија.
Насекаде каде што имаше политички организации паралелно се формираа и
неделни весници. На почетокот на педесетите- шеесеттите години, бидејќи на
Македонците од Егејскиот дел на Македонија, кириличното писмо не им беше
познато, тие весниците ги печатеа со латинични букви. Во поново време можеме
да кажеме дека егзистираат два водечки неделници: "Австралиско македонски
неделник" и "Македонија денес". Во Сиднеј постои "Македонско време". Кога
станува збор за радијата можеме да зборуваме за повеќе радиопрограми. Во
Сиднеј имаме бум на македонски радиопрограми, некаде ги има над 15. Во
Мелбурн има седум до осум, меѓу кои водечки се “Три пати Зет” и SBS
радиостаницата. Во Сиднеј, Камбера и Мелбурн имаме локална телевизиска
станица која е државна, "Канал 31" и секоја етничка група има право на неа
да си откупи термин и да емитува свои програми. Исто така присутна е и
македонската сателиска телевизија во Австралија за што се плаќа 60 долари
месечно за приклучок. Изборот на темите зависи од тоа кој е уредникот и кој
ја води програмата.
Јас можам да кажам за македонската радиопрограма во Мелбурн на која сум
водител. Редовно имаме репортери од Република Македонија кои ги пренесуваат
настаните во живо, исто така во рубриката актуелности во секоја емисија
редовно имаме соговорници од политичкиот живот на Република Македонија или
пак македонските активисти од Егејска Македонија, на пример од "Виножито",
потоа соговорници од Албанија, Преспа, Голо Брдо, Гора. Одржуваме редовни
контакти со "ОМО Илинден - Пирин" од Пиринска Македонија и со другите наши
активисти. Практично македонската радио програма на радиостаницата "Три пати
Зет", ја покрива целокупната етничка Македонија.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
МС: Какви права има македонско малцинство во Австралија?
НАЈДОВСКИ: Македонската заедница во Австралија е дискриминирана до
ден денес. Во институциите во Австралија, со директивата од 15 март 1994
година бевме прекрстени во Славомакедонци. Таа директива се уште е во сила.
Се направи обид и во државата Викторија беше имплентирано преименувањето на
македонскиот јазик. Меѓутоа, сите заедно, односно, учителското друштво,
Комитетот за човекови права и Советот на македонската заедница, успеавме со
еден судски процес да извојувавме победа во судот во Камбера и тоа на
федерално ниво. Властите во Викторија не сакаа да отстапат од притисокот на
силното гласачко грчко лоби. На крајот го изгубија тој спор и од 2000 година
македонскиот јазик повторно се нарекува македонски јазик. За да не се
случуваат заблуди во македонската јавност во Република Македонија, сакам да
нагласам дека спорот со префиксот Славомакедонци не сме го надминале, затоа
што тоа беше директива, а не закон. По таа директива се дадоа инструкции до
сите влијателни институции во Австралија и насекаде ние да се преименуваме
како Славомакедонци. Во македонската заедница толку многу сме деструктивни и
разрушени со црковните проблеми. Немавме амбасада и поради таквите зафати не
бевме во состојба да го решиме овој спор на ниво на Австралија.
МС: Колку Македонците во Австралија се обединети? И самите споменавте
дека црковните проблеми ве разделиле.
НАЈДОВСКИ: Тоа е едно македонско проклетство - трагедија. Доаѓаат
разни мисионери и мисионерчиња. Не доаѓаат личности кои работат за
македонската кауза, кои можат да го обединат Македонецот во тие структури и
до тоа ниво како што се грчката заедница, еврејската, италијанската. За жал
ние Македонците, пред независноста страдавме од Југославија, Грција,
Бугарија, во овој момент не можеме да се поплачеме дека страдаме од нивните
разузнавачки служби. Нашите разузнавачи во Австралија доаѓат преку црквата,
а исто така и од политичките партии во Македонија. Во Австралија ние не
сакаме политички партии, сакаме присуство на државноста. За нас партија е
нашата татковина. И сите оние кои се надвор од државните институции нема да
најдат во иднина место во Австралија. Особено мислам на онаа разузнавачка
дејност преку Македонската православна црква каде се потрошија околу четири
милиони долари. Страшно ја разорија македонската заедница, македонското
ткиво, македонското единство и сето она што беше градено во изминатите
педесет-шеесет години од вредните Македонци кои работеа по фармите, кои
делеа залак од устата на своите деца и ги оставија животите по фабриките за
да направат цркви, домови, да го направат тој македонски идентитет. За жал
во последните неколку години дојдоа луѓе да го разнебитат сето тоа со
катастрофални последици и на крајот на краиштата да ни се смее австралиската
јавност.
МС: Постојат ли повисоки форми на организации на Македонците во
Австралија каде се разговара за случувањата во Македонија?
НАЈДОВСКИ: Нашите сознанија за настаните во Република Македонија ги
добиваме од електронските медиуми. Знаеме што се случува во РМ и во Пиринска
и во Егејска Македонија и во Албанија. Висока организација на интелектуалци
не постои. Затоа што во последните шест-седум години, од 1996 година наваму,
сите организирани структури се разрушени и не постои таква организирана
форма, каде што Македонците како политичка сила, ќе можат да настапат во
австралиското општество. Во Форумот на интелектуалци, ние преку Интернет, се
информираме за сите настани што се случуваат во Македонија, Австралија,
Америка.
МС: Во 2001 година на Македонија и се случи војна. Како Македонците во
Австралија гледаа на случувањата за време на војната и на потпишувањето на
Рамковниот договор?
НАЈДОВСКИ: Рамковниот договор во Австралија беше примен со огромна
горчина и за нас тој е предавнички договор затоа што за првпат во историјата
на македонскиот народ се случи некој да потпише отстапување на дел од
територијата на Република Македонија. Поминаа две години од тој Рамковен
договор, а видовме дека албанскиот јазик се воведе во Собранието. Албанското
малцинство во Македонија рапидно и брзо напредува и влегува во сите
институции, независно дали е адекватно за тоа место. Со Рамковниот договор
имаме големи отстапки, односно невидена линија, поделеност на Македонците.
Имавме бомби пред Владата на РМ, пред судот, пред касарната Илинден, а уште
повеќе жалосно е што министерот Хари Костов, не беше пуштен во својата
држава да положи свежо цвеќе кај Вејце. Згора на тоа да додадеме дека се
држеа во заложништво македонските полициски сили, тоа е еден голем срам за
една држава. Оној кој ќе посегне по униформата на македонската полиција
значи дека си игра со угледот на државата. Полицијата не може да не знае
дека еден Дилавер Бојку во Велешта се наоѓал со години. Исто така не смее да
дозволи еден Чакала да ја потресува Македонија и да внесува страв меѓу
Македонците. Независно дали станува збор за тероризам во Македонија или
Америка, дефиницијата е иста. Тоа се луѓе кои ја рушат правната држава, ги
рушат институциите. Кон нив мора да се преземат решителни чекори и тука нема
милост.
МС: Како ја коментирате последната акција на македонските безбедносни
сили во Брест и уцените на ДУИ дека ако оваа партија констатира прекумерна
употреба на сила, ќе се повлече од Коалицијата.
НАЈДОВСКИ: Последната акција во Брест донесе една ведрина за сите
Македонци, не само за нас во дијаспората. Тоа е една ведра слика и само така
може да се брани интегритетот и државноста на РМ затоа што само таа нам ни
остана. Ако не ја одбраниме, ние ќе го изгубиме поголемиот дел од РМ, а кога
ќе дојдат нашите внуци тие ќе кажат дека ние не бевме способни да ја
одбраниме држава која ни беше доделена така да речам без војна и не успеавме
да воспоставиме правен и уставен поредок. Али Ахмети слезе од планина и
влезе во Собранието. Тоа е преседан. Сите тие т.н. команданти денес се во
Парламентот, тоа го нема никаде во светот. Може ли еве да речеме Џорџ Буш да
го стави Садам Хусеин и Осама бин Ладен во Конгресот, или во Собранието на
Америка. Не може. Сега имаме Коалиција меѓу ДУИ и СДСМ и оваа уцена на ДУИ,
значи директна поткрепа на терористите. Не се тие криминални, туку
терористички банди. Тие убиваат, колат и уништуваат, тие не признаваат
државност.
МС: Ваша оценка за однесувањето на претходната и актуелната владејачка
гарнитура кон народот? Има ли спас за нашата држава?
НАЈДОВСКИ: Она што се случува во Македонија не може да се случи во
западните држави. Во РМ од независноста до денес сме неуспешни, затоа што не
ги задржавме државните институции, правното уредување, а исто така немаме
контрола на една третина од македонската државност. Еве сега и за осми
септември, денот на независноста, имавме веење на албанското знаме во Тетово,
Арачиново, Гостивар, Дебар, итн. На тие градоначалници кои земаат плата од
сите Македонци, ни влакно не им фали. Дванаесет години, независност е еден
голем период. Еве ќе ги земеме за пример Чешка и Словачка како тие се
интегрираа во европските структури. Или пак да ја земеме Словенија. Ние
можевме да бидеме пример во Европа ако нашите политички структури го
застапуваа интересот на гласачкото тело, на Македонците. Знаеме дека во овој
момент имаме околу 500. 000 невработени. Тоа е една огромна бројка која
треба да претставува страв за оние луѓе кои ја водат државата затоа што во
секој момент може да се случат социјални немири. Од последните избори
видовме дека дојде до елиминирање на третата опција. Ние не се стекнавме со
демократија и не ги оставивме Македонците да размислуваат за својата
политичка иднина. Спасот за РМ треба да го бараме внатре во државата, но
никако не смееме да се откажеме од Македонците во соседството, како што се
откажавме од Македонците во непријателска Пиринска, Егејска Македонија. На
дијаспората не треба да гледаме како на непријателска сила. Дијаспората
никогаш не била против РМ, ниту ќе биде. Таа има да понуди многу нешта. Мора
да постои тесна врска и размена на интелектуалци, и на материјални добра и
советување во сите полиња. Сакам да потенцирам дека ние во Австралија имаме
многу угледни Македонци, кои земаат високи места во австралиското општество
и се ценети, за возврат овде во Македонија не можат да им кажат едно "Добар
ден" на нашите министри. Дијаспората не сака да се наметнува тука да се
соработува на рамноправно ниво. Мораме да покажеме дека сме способни да ја
водиме нашата држава, во спротивно секогаш ќе се сомневаат во нашата
способност и ќе не сметаат дека сме само една вештачка творба и држава од
денес за утре. Треба да им се спротивставиме на деструктивните сили кои
сакаат оваа млада држава која се осамостои пред дванаесет години да ја
уништат. Морам да споменам дека во Австралија допатува господинот Костантин
Дураковски, вршител на должноста амбасадор кој за кратко време успеа да се
сретне со поголем број на македонски друштва и организации. За нас тоа ќе
значи намалување на тензиите во македонската заедница затоа што еве за
првпат имаме присутност на државност на РМ во Австралија.