Албански илегалци вратени назад

Тетовската полиција во Мала Речица откри десет државјани од Република Албанија кои илегално ја минале границата на Албанија и влегле во Македонија. Македонската полиција ги врати во нивната матична земја.

Подготовки за нова полициска мисија

Според извори од Брисел “Конкордија” ќе ја заменат европејци. Брисел се подготвува за повлекување на воената мисија на ЕУ во Македонија, а во комитетите и Советот на Европа во тек се подготовките за нова полициска мисија.

Полицајци суспендирани од работа

Началникот на СВР Велес издал решенија со кои биле отстранети од работа деветмина полицајци под обвинение дека фалсификувале дипломи за завршено средно образование. Седуммина од нив биле вработени во велешката, а двајца во кавадаречката полиција.

Профункционира центарот за собирање оружје

Започнаа да функционираат оперативниот центар и прес -службата на Координативното тело за спроведување на Законот за доброволно предавање и собирање на оружјето.

Олеснување на визниот режим

Унгарскиот министер за надворешни работи, Ласло Ковач, укажал дека Унгарија е подготвена да даде олеснување за визниот режим за македонските граѓани. Ова било истакнато при посетата на министерката за надворешни работи, Илинка Митрева на Будимпешта, Унгарија.

Средба на министрите од Јадранската повелба

На трилатералната средба во Тирана меѓу министрите за одбрана од Јадранската повелба; Албанија, Македонија и Хрватска, Пандели Мајко, Владо Бучковски и Жељка Антуновиќ, беше усвоен Протоколот за соработка на трите министерства. Притоа, министерот Бучковски изјавил дека во ниту еден момент не би требало да се комплицираат работите со желби на поединци за дополнително присуство на албански војници во мисијата “Конкордија”.

Николовска обвинета за измама

Во Основниот суд во Охрид почна нов судски процес против сопственичката на пропаднатата штедилница ТАТ, Соња Николовска, која сега се товари за измама што ја направила во периодот од 1993 до 1997 година, при што од 12 илјади штедачи остварила противправна корист од над две милијарди денари.

ОКТА демантира

Рафинеријата “ОКТА” демантира дека има каква било врска со исчезнатите цистерни по кои Министерството за внатрешни работи трага веќе два месеца. Во демантот се нагласува дека дериватите на пат кон крајната дестинација се обезбедувани од полицијата и од царината кои се надлежни да го обезбедат нивното преминување на државната граница.

Гранд од 12,5 милиони франци за ЕСМ

"Електростопанство на Македонија" од швајцарската Влада доби помош од 12,5 милиони швајцарски франци, кој се инвестираат во намалување на загубите на електрична енергија во дистрибутивната мрежа. Најголем дел од помошта ќе отпадне на софистицирани броила, а остатокот ќе се реализира преку друга техничка помош и едукација.

Земјоделците бараат помош од Владата

Сојузот на земјоделците и даде на Владата рок најдоцна до 5 октомври да најде решение за земјоделските проблеми, во спротивно ќе организира масовни протести, најави претседателот на сојузот, Вељо Тантаров.

Продажба на државните стада овци

Бирото за стоковни резерви кое функционира во рамките на Министерството за финансии неодамна распиша тендер за продажба на државните стада овци. Со негова реализација во државната каса ќе се обезбеди дополнителен прилив на средства од најмалку 1,5 милион евра.

ЦИП-продукт бара обештетување од Владата

Сопствениците на “ЦИП-продукт” кои се официјални купувачи на битолски “Лозар”, поднесоа официјално барање до Владата за финансиско обештетување во случајот со купување на овој комбинат и неможноста за управување со приватизирана фирма. Тие бараат од државата исплата на обештетување во износ од 10 милиони евра.

Кредитна линија за мали и микро бизниси

Малите и микро фирми од земјава набргу ќе можат да ги користат заемите преку кредитна линија која ја обезбеди Македонската развојна фондација за претпријатија во соработка со Кралството Холандија. Овие кредити ќе се доделуваат преку четири финансиски институции: “Извозна и кредитна банка” - Скопје, “Стопанска банка” - Битола, “Тутунска банка” и преку штедилницата “Можности”.

СТО не направи чекор во Мексико

На конференцијата на Светската трговска организација во мексиканскиот град Канкун, не е направен значаен чекор, а ставовите меѓу богатите и сиромашните земји и натаму се спротивставени по прашањето за земјоделските субвенции, изјави портпаролот на СТО, Кит Роквел во пресрет на последната рунда преговори.

Рубинчо останува на функцијата

Рубинчо Заревски останува директор на Фондот за здравство. Управниот одбор на оваа институција го разгледувал предлогот на антикорупциската комисија за смена на Заревски, но засега одлуката на сите нејзини членови е тој да остане на оваа функција.

Железница ќе отпушта вработени

Околу 900 вработени во јавното претпријатие "Македонски железници" од почетокот на следниот месец ќе бидат прогласени за технолошки вишок, тврди претседателот на независниот синдикат на МЖ Марјан Ристевски, појаснувајќи дека оваа информација на синдикалците во Железници им ја презентирал генералниот директор Стојан Наумов.

Туберкулозата се шири во Гостиварско

Од туберкулоза во Гостиварско годинава заболеле 53 лица. Алармантно е тоа што три лица боледуваат од најтешката форма на болеста - "милијарната туберкулоза". Во 2001 и 2002 година од туберкулоза починале три лица. Резултатите се загрижувачки и последниве четири години бројот на заболените расте.

Сини картони за загубарите

Вработените во претпријатијата - загубари ќе почнат да добиваат сини картони, бидејќи Владата уплатила пари на сметката на Фондот за здравствено осигурување. За сини картони за околу 7.600 вработени во претпријатијата - загубари Владата месечно ќе му префрла на Фондот по околу осум милиони денари.

Циле најавува трет пат

Демократската алтернатива работи во насока на формирање трет политички блок, најави претседателот на партијата Васил Тупурковски. Тоа нема да биде собир на две-три партии, вели овојпат Тупурковски, туку политички блок кој ќе собере многу граѓани.

Шок за новите студенти

Бруцошите годинава, првпат немаат право да конкурираат за стипендија ниту за студентски кредит. Така одлучил министерот за образование Азис Положани пред објавувањето на конкурсот за нови корисници за студентска стипендија и кредит.

Парауниверзитетот ќе се легализира

Од постојните 11 со легализација на тетовскиот универзитет ќе бидат признаени четири факултети и една виша школа. Со предлог - законот за основање трет државен универзитет што Владата неодамна го усвои, се предлага тоа да бидат правниот, економскиот природно-математичкиот и факултетот за општествени и хуманитарни науки како и вишата политехничка школа. Владата пресметала дека една учебна година на тетовскиот универзитет државата ќе ја чини 1,6 милиони евра.

Семинар за царинско работење во Охрид

Обезбедување поефикасна царинска контрола на сите видови нелегална трговија и забрзан протек на граничните премини е главна тема на семинарот што се одржа во Охрид на кој учествуваа царински експерти на земјите од Југоисточна Европа и САД.

RED HOT и Самсунг поблиски до корисниците

"Мобимак" од 15 септември започна нова промотивна кампања насловена RED HOT преку која националниот мобилен оператор на своите корисници им го приближува сервисот на дополнителни услуги. RED HOT на корисниците им нуди информации за услугите кои за почеток се групирани во пет категории: инфо, зона, космос, спорт и новости. Големата промотивна кампања е проследена со караван на "Мобимак" и RED HOT и ќе трае до 15 октомври.

Мобимак започна и нова промотивна кампања со која ги збогатува своите сервиси и пакети во продажните салони и која нуди многу нови бенефиции за корисниците. Корисниците за првпат ќе можат да добијат пакети со телефонски апарат Самсунг по промотивни цени како и специјални попусти за моби + пакетите со СИМ картичка и моби карта.

МНТ без вода

Македонскиот народен театар неколку дена е без вода. Ова се должи поради неплатени сметки кои изнесуваат околу 30 илјади евра.

Мајка Тереза - национален празник за Албанците

Албанската влада донесе Одлука со која 19 октомври, денот кога се очекува беатификацијата на Мајка Тереза во Ватикан, да биде прогласен за албански национален празник. Според Владата на Албанија периодот од 19 октомври 2003 до 19 октомври 2004 година го прогласува за година на Мајка Тереза во Албанија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"