ЕКОЛОГИЈА

“Еко караванот” патува низ Македонија

ЗДРАВА ЖИВОТНА ОКОЛИНА - ТЕМЕЛ ЗА ЕКОНОМСКА И СОЦИЈАЛНА СТАБИЛНОСТ

Пишува: Ружица ГОЧЕВСКА

  • Министерството за животна средина и просторно планирање се стреми кон блиска соработка со соодветните министерства посебно во полето на управување со води, шуми, комунални работи, како и со локалните самоуправи, приватниот и невладиниот сектор.
  • Македонија е на пат да стане членка на Европската унија. Ова членство ќе донесе многу промени за граѓаните, како за јавниот така и за приватниот бизнис сектор. Заштитата на животната средина е една од уставните обврски на нашава земја.

Со цел да се поттикне еколошката свест на луѓето пред извесен период Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамките на вториот дел од својот проект "Знаеш ли колку си зелен", започна со својот Еко караван. Станува збор за автобус излепен со пропаганден материјал со еколошка содржина, кој ќе тргне на пат низ Македонија.

Министерот Љубомир Јанев, на промоцијата на “Еко караванот” во Скопје

Еко караванот ќе отседнува во градовите по еден или два дена каде што се очекува помош и поддршка од самите општини и од НВО кои работат во конкретниот град. Во самиот автобус ќе се прикажуваат документарни филмови со еколошка тематика, снимени акции за чиста животна средина и слично. Оние кои ќе го посетат еко - автобусот ќе имаат можност да видат фотографии од чистите средини, како и од еколошки загрозените простори во Македонија.

Караванот е финансиран преку проект на Европската агенција за реконструкција "Зајакнување на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање", чија цел е креирање правна и административна програма во согласност со европската легислатива, како и подобрување на комуникацијата во Министерството и подигање на јавната свест за животната средина во Република Македонија.

АКТИВНОСТИ

Еко караванот е подвижна канцеларија за комуникација со јавноста. Уште се нарекува и "комуникациска алатка" за спроведување кракторочни и долгорочни активности за подигање на јавната свест за значењето на здрава животна средина.

Преку овој зелен караван граѓаните најдобро ќе можат да добијат информација за животната средина. Тој ќе придонесе за зголемување на едукацијата на населението, но и ќе го продлабочи дијалогот меѓу нив за приближување на новото законодавство до секој граѓанин. Со овој проект надлежните се надеваат дека ќе се подигне јавната свест кај граѓаните пред се да ја осознаат својата улога и значење во зачувувањето на животната средина.

Министерот за животна средина на Чешка, Либор Амброзек на неодамнешниот престој во Скопје

Националниот парк “Галичица” - еден од следните проекти на Министерството за животна средина

Проектот произлегува од Европската агенција за реконструкција и е финансиран од Европската унија. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како партнер и носител на оваа исклучителна еколошка активност на овој начин ги промовира принципите врз кои се заснива политиката на ресорното Министерство: Заштита на животната средина и одржлив развој која не само што ќе ги задоволат потребите на денешниве генерации, туку ќе се направи идните генерации да можат да живеат многу поздраво, во поздрава околина.

Еко караванот патувајќи низ нашата земја, ќе ги промовира и новините во законската регулатива за заштита на животната средина и трите основни еко кампањи: за националните паркови, за користење на велосипедите и за користење на безоловниот бензин.

Едни од основите цели на Еко караванот се: да ја информира јавноста за животната средина, да ја подигне јавната свест, да промовира образование за животната средина, да ги обедини невладините организации, индустријата и МЖСПП, во заеднички акции за заштита на животната средина, како и да им помогне на граѓаните да ги откријат придобивките од здрава животна средина.

ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

Македонија се наоѓа на прагот на нова и по многу нешта извонредна фаза од својот развој. Токму во овој момент мора да се искористи можноста плановите за економски развој да се постават на принципите на одржливиот развој. Ова значи интегрирање на сите аспекти за зашита на животната средина, во сите области, на сите нивоа, со цел да се обезбедат услови во кои секој што живее во Македонија ќе може да дише чист воздух и да пие здрава вода. Ова значи обезбедување на универзален и достапен пристап до санитарни услуги и од одлагање на цврстиот отпад и зачувување на исклучителното природно наследство на нашата земја.

Мудрото управување со животната средина може и мора да биде еден од темелите на економската и социјалната стабилност и има потенцијал да привлече значителни инвестиции и други форми на соработка од меѓународната донаторска заедница.

Како мала држава, Македонија се наоѓа во особено комплексна ситуација. "Движечките сили" за креирањето, како и за спроведување на политиката за животна средина во нашата земја, може да се групираат во две големи категории: Прво, меѓународниот контекст, особено мултилатералните спогодби во областа на животната средина и Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ; второ, националниот контекст, кој го опфаќа Рамковниот мировен договор, Законот за локална самоуправа, Националниот еколошки план, различните национални стратегии во животната средина и процесот на приватизација.

Политиката за животната средина и нејзината актуелна реализација зависи од широк опсег на субјекти од јавниот и од приватниот сектор, на државно и на општинско, локално ниво. Од витално значење е оваа едноставна, но фундаментална поента да биде осознаена и да се работи според неа, од сите оние кои што се засегнати.

“ВИЗИЈА 2008”

Како потврда за успешно започнатиот проект е и големата поддршка од граѓаните кои активно се вклучуваат во бројните програми на проектот.

Неодамна во Скопје гостуваше и министерот за животна средина на Република Чешка, господинот Либор Амброзек. Официјалните разговори со македонскиот министер, Љубомир Јанев, беа посветени на неколку теми меѓу кои позначајни беа програмските активности во процесот на европските интеграции и приспособувањето на македонската легислатива кон европската.

Исто така беа разгледани и можните заеднички проекти, а се разговараше и за управувањето со отпадот, депониите и пречистилните станици. Чешка е меѓу водечките земји во Европа што го применуваат почистото производство. Проектот за почисто производство во Македонија трае веќе две години, а во негови рамки има и потпроекти на воведување технологија што гарантира чиста животна средина. Како пример за директен проект беше посочена Фабриката за производство на кабли во Неготино.

Посебно значење ќе му биде дадено на институционализирањето на билатералната соработка преку склучување на договор меѓу двете држави.

Македонија е на пат да стане членка на Европската унија. Ова членство ќе донесе многу промени за граѓаните, како за јавниот така и за приватниот бизнис сектор. Заштитата на животната средина е една од уставните обврски на Република Македонија. Министерството за животна средина и просторно планирање ја разви "Визија 2008". Таа е сеопфатна реформска програма за модеренизација на нашата земја во полето на политиките за животна средина. Заштита на животната средина е задача на секој граѓанин, компанија или институција, колку што им дозволуваат можностите, обврските и слободата на дејствување.

Еко караванот е важна алатка за објаснување на "Визија 2008" и за подигање на јавната свест за темите од животната средина. Еколошкиот календар за оваа година е целосно исполнет се до последниот месец, кога ќе може да се сумираат сите активности кои беа преземени и реализирани оваа година. Повеќе од очигледно е дека исходот ќе биде успешен за што сведочат и досегашните позитивни резултати. Сите граѓани се поканети да го посетат Еко караванот кој ќе престојува во повеќе градови од Републиката, во училиштата, спортските објекти, да побараат информации за се она што ги интересира, да поставуваат прашања на кои ќе добијат и одговор. Тој е опремен со богат едукативен материјал кој ќе биде поделен на граѓаните, а стручни лица од Министерството во секое време ќе можат да одговорат на прашањата на граѓаните.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"