|
ЕКОЛОГИЈА
Последиците од хаваријата во рудниците “САСА” допрва ќе следуваат
ТЕшКА И НЕИЗЛЕЧЛИВА РАНА ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Пишува: Жаклина МИТЕВСКА
- Градежните екипи почнаа да го санираат тунелот во рудникот за олово и
цинк "Саса" кај Македонска Каменица и да ги чистат деловите од течението
на Каменичка Река, каде што по хаваријата јаловината направи најмногу
проблеми.
- Според експертите, најлошото допрва може да се случи оти постои
опасност да се загади водата во браната Калиманци, од која се наводнуваат
Овчеполието и Кочанско поле.
В о Република Македонија се случи
еколошка катастрофа, но виновниците не се најдоа пред лицето на правдата.
Како и секогаш, и овојпат, тие вината си ја префрлаа од една на друга страна,
а на сметка на тоа страдаа граѓаните, во случајов настрадаа земјоделските
култури. Станува збор за хаваријата во рудниците за олово и цинк "Саса" од
Македонска Каменица, кога поради недоволна грижа се изли јаловиштето на "Саса",
оддалечено 12 км од Македонска Каменица. Отпадните води се слеаа во
Каменичка Река, која минува низ малото рударско гратче и се влеаа во
хидроакумулацијата Калиманци. Иако, градежните екипи почнаа да го санираат
тунелот во рудникот за олово и цинк "Саса" кај Македонска Каменица и да ги
чистат деловите од течението на Каменичка Река, каде што по хаваријата
јаловината направи најмногу проблеми, оваа катастрофа, како што констатираа
и експертите, отвори голема и тешка рана за животната средина, која нема да
може да се излекува. Според нив најлошото допрва може да се случи оти постои
опасност да се загади водата во браната Калиманци, од која се наводнуваат
Овчеполието и Кочанско поле.
Земјоделците се прашуваат кој ќе го купи оризот наредната година ако се
каже дека има олово во него и коментираат дека има двојна штета, оти не само
што им е загадено земјиштето, туку и нема кој да им ги купи производите.
Поради излевањето на јаловината, разочарани се и локалните земјоделци, кои
со нетрпение чекаа да почне доделувањето на "социјалните пакети", односно
петте хектари државно земјиште, кое, според најавите, ќе им се додели во
наредните пет години. Тие се откажуваат од тоа дека ќе печалат од нивите што
се наводнуваат од Калиманци.
ОПАСНОСТ
Иако поминаа десетина дена од излевањето на јаловината, Македонска
Каменица се уште е во шок. Експертите коментираат дека загадувањето на
водата може да се очекува за една до две недели. Толку време, наводно, било
потребно за тешките метали да продрат во подземните води.
Не може ни да се претпостави колкави ќе бидат штетите од хаваријата ако
дојде до загадување на водата во акумулацијата, зашто станува збор за тешки
метали - олово, ванадиум, железо. Но, факт е дека е загрозен животинскиот
свет околу Каменичка Река, која е затруена со јаловината. Може ли да
претпоставите што ќе се случи кога ќе се исуши јаловината? Ако не се исчисти
коритото на реката, отровниот прав ќе се разнесе насекаде. Тогаш тешко дека
некој ќе може да спречи појава на тешки заболувања, како што е силикозата
- изјави рударскиот инженер Миран Митревски, секретар на еколошкото друштво
"Здравец" во Македонска Каменица.
Олово-цинковата јаловица од рудникот "Саса" во Македонска Каменица му
внесе страв в коски на локалното население. Двете села близу рудникот беа
пеплосани. Сивата густа маса влезе и во дворовите на куќите кои се наоѓаат
веднаш до течението на Каменичка Река. Во дел од домовите на жителите од
селата Саса 1 и Саса 2 секнаа чешмите. Министерот за екологија Љубомир Јанев
изјави дека "хаваријата е еколошка катастрофа, но според првите анализи,
засега нема загадување на езерото Калиманци".
Но, луѓето на теренот се уште не веруваат во таквите изјави, а пак
стручњаците признаваат дека треба да очекуваме да се родат "оловни" култури.
По катастрофата беше формиран Кризен штаб од сите надлежни структури, а
голема поддршка вети месното население. Се претпоставува дека хаваријата
била предизвикана како последица на поројните дождови што го зафатија тој
крај, но и поради оштетувањата на каналот низ кој треба да истекува
јаловината. Тоа го признаа и одговорните во Кризниот штаб, но немаа
конкретен одговор на прашањето зошто досега не бил саниран тунелот, иако
опасноста се заканувала години наназад. Пред две години дури биле одобрени и
пари за реконструкција на тунелот. Геолозите тврдеа дека хаваријата
настанала поради неколкугодишна негрижа на одводните канали, тие не се
сеќаваат кога последен пат е извршена санација на сега уништениот тунел и
колекторот кој минува под јаловиштето. Но, министерот за животна средина
Љубомир Јанев, имаше свое оправдување на обвинувањата на поранешниот
министер за екологија Марјан Додовски дека актуелната власт го запрела
проектот за поправка на јаловиштето, поради што била предизвикана еколошката
катастрофа. Јанев коментира дека откако бил одобрен проектот да го реши
проблемот Додовски имал пет месеци.
Ако Додовски има некои информации, тој треба да ги прикрие, зашто се
однесуваат на него, а не на новата структура. Иако Додовски потпишал договор
со рудниците "Саса" за санација на јаловиштето во износ од околу 3 милиони
денари, тој не исплатил уште 2 милиони денари. Не знам зошто тие пари не се
исплатени и немам податоци зошто раководството на рудниците не направило
ништо, иако 30 отсто од парите биле префрлени. Сега тој треба да каже дали
чувствува барем морална одговорност - изјави Јанев.
ПОСЛЕДИЦИ
Експертите што се задолжени за отстранување на последиците од хаваријата
во рудникот за олово и цинк "Саса" во Македонска Каменица, подолго време
расправаа кој е најдобриот начин за да се спречи излевањето на јаловината во
Каменичка Река. Додека тие се договараа какви мерки ќе бидат преземени,
јаловината продолжуваше да ја труе реката, а со тоа и браната Калиманци.
Проструија информации и дека имало предлог да се пренасочи реката за да се
избегне слевањето на јаловината. Селаните, од селата Саса 1 и Саса 2, долго
време беа оставени сами на себе и обвинуваа дека никој од надлежните не
дошол да поразговара со нив, ниту да им понуди помош за расчистување на
јаловината. Реагираа и стручњаците на тврдењето на Министерството за
земјоделство и екологија дека е завршена сезоната за наводнување и
коментираат дека треба да очекуваме "оловни" култури.
Не е точно дека сезоната за наводнување е завршена бидејќи се уште се
наводнуваат оризот, пченките, доцните домати и пиперки. Не е можно да нема
загадување на средината оти јаловината на дното од браната ги уништува
растителниот и животинскиот свет. Штетите се неминовни и ќе има нарушување
на целата екологија во тој регион - тврди Гоце Василевски, професор на
Земјоделскиот факултет.
Тој објаснува дека не може да се тврди дека нема загадување таму каде што
има олово.
Еколошката катастрофа е голема за Кочани, Виница, Штип и Овче Поле, кои
се наводнуваат од Калиманци. Среќа во несреќа е што излевањето на јаловината
се случи сега, пред крајот на сезоната, кога има само малку култури за
наводнување, вели Вељо Тантаров, претседател на Здружението на
земјоделците на Македонија.
Браната Калиманци засега нема да биде затворена, иако јаловина од
рудникот се таложи во водата на влезот на акумулацијата, а граѓаните ќе може
да го користат езерото за наводнување, рече Љубомир Јанев, министер за
животна средина и просторно планирање.
Тој потенцира дека Калиманци ќе биде затворена само ако мострите од
водата на влезот на браната што ќе бидат анализирани покажат дека има големо
присуство на олово. Јанев тврди дека бунарите околу Каменичка Река не се
загадени и дека водата е исправна за пиење.
При голем ризик, рудари на "Саса" успеале да откријат дека јаловината
избила преку шахта за атмосферски води. Во Министерството проценуваат дека
поправката на шахтата и на мрежата дренажни цевки ќе чини околу 10 милиони
денари. Јанев вели дека за заживување на почвата во коритото на Каменичка
Река ќе бидат потребни уште пари. Трошоците за санација на јаловиштето ќе ги
покрива Владата.
Хаваријата се случила кај протечниот тунел кој минува помеѓу две стари
јаловишта и активниот канал што се употребува за депонирање на јаловината
која пробила преку дивоизградена шахта над тунелот со димензии од околу 0,8
квадратни метри. Поради нестручна изградба на шахтата дошло до мешање на
јаловината со водата од реката. Екипи деновиве работат покрај реката за да
се спречи евентуално излевање на атмосферски води. Деновиве се земаат мостри
од излезот на јаловиштата, од излезот на Каменичка Река и на влезот на
езерото Калиманци - вели Јанев.
Одамна е познато дека надлежните во оваа држава воопшто не се грижат за
животната средина и за здравјето на луѓето. Алармантен е податокот за
новороденчињата во Велес кои се раѓаат со аномалии. На неодамнешниот семинар
на тема “Приватизација и животна средина” кој го организираше Министерството
за животна средина беше констатирано дека продажбата на загубарите ќе биде
успешна ако тие решат и еколошките проблеми. Со тоа ќе ја зголемат
конкурентноста кај можните инвеститори и цената на претпријатието, а
државата ќе ги избегне понатамошни проблеми со загадувањето на животната
средина. Според истражувањето на Министерството за животна средина, едни од
најголемите загубари во земјава, рудниците за олово и цинк, фирмата “Годел”,
велешката топилница и фабриката за ѓубрива од Велес се директни загадувачи
на околината. Тие немаат станици за пречистување на отпадните води, ја
загадуваат околината со хемикалии и со опасен отпад, немаат одредби за
здравствена заштита и за безбедност на вработените. Во заклучоците од
ревизијата на загубарите пишува дека таму треба да се направат државни
капацитети и лаборатории што постојано ќе ги контролираат фабриките и
погоните. Во Министерството за екологија коментираат дека Македонија добила
меѓународна помош за зајакнување на законската регулатива, но дека
резултатите се минимални бидејќи се уште не се разјаснети надлежностите на
министерствата.
|