Република Македонија во моментот има историска шанса да капитализира на
мирот и стабилноста во регионот и на новите економски можности создадени од
билатералните договори за слободна трговија со земјите од ЕУ и од регионот,
со што за инвеститорите се отвора пазар од 55 милиони луѓе. Ова неодамна на
Владата и на странските инвеститори им го порача Проде Мурик, шеф на
Канцеларијата на УНКТАД во Македонија на промоцијата на Светскиот извештај
на УНКТАД за инвестиции за 2003 година. Директните странски инвестиции, во
контекст на развојот, имаат критична улога во промовирање на економскиот
пораст и намалување на невработеноста, во услови кога таа во Македонија се
движи околу 30 отсто, а речиси уште толку од популацијата се квалификувани
како сиромашни или имаат под 70 отсто од просечниот доход.
Еден од приоритетите на Обединетите нации е борбата против сиромаштијата.
Ние го одобруваме планот на Владата за промоција на странски инвестиции,
бидејќи тоа е услов за една ефикасна и одржлива инвестициска програма,
констатираше Мурик.
Сиромаштијата и невработеноста се приоритетни проблеми кои најмногу ги
загрижуваат граѓаните на Република Македонија, изјави при промоцијата на
овој извештај претседателот на државата, Борис Трајковски.
Граѓаните на Македонија со право очекуваат подобра економска ситуација и
животен стандард. Наши приоритетни цели во таа насока се поттикнување на
претприемаштвото и конкуренцијата, особено развојот на малите и на средните
претпријатија, каде што ќе се отворат нови работни места, а со тоа ќе се
намали сиромаштијата. Во остварување на тие цели како главни двигатели на
развојот се странските директни инвестиции кои од осамостојувањето до денес
достигнаа околу 900 милиони долари и се под очекуваното ниво, рече
Трајковски.
Според д-р Зоран Јолевски, генерален секретар на кабинетот на
Претседателот Трајковски, кој го презентираше извештајот на УНКТАД за
странски инвестиции, од 2000 година има значителен пад на странските
директни инвестиции. Тој пад посебно е нагласен кај развиените земји и
земјите во развој, а најмалку е почувствуван во Југоисточна Европа, каде што
се вбројува и нашата земја. Падот на инвестициите на светско ниво се толкува,
пред се, со намалување на спојувањата и преземањата на големите
транснационални компании, падот на акциите на светските берзи и банкротот на
неколку гигантски корпорации кои се и најголеми инвеститори. Вредноста на
ваквите преземања и спојувања се опаднати од 1.100 милијарди долари во 2000
на 370 милиони долари во 2002 година.
Во светот од 1998 година комерцијалните банки повеќе наплаќаа камати и
кредити отколку што пласираа кредитни средства во економијата,
потенцираше Јолевски.
Зголемени се вложувањата во Европската унија поради интегративните
процеси, а од земјите во транзиција најдобро стојат Чешка и Словачка. Во
Македонија најголемиот прилив на странски инвестиции се дојдени преку
процесот на приватизација, а во мала мера преку "грин филд" инвестиции,
односно нови инвестиции.
Најголемите напори треба да ги насочиме кон привлекување на странските
директни инвестиции како клучни фактори на развој на земјата, заклучи
Јолевски.
Македонија е една од земјите со најмал прилив на странски директни
инвестиции во земјите од Југоисточна Европа. Оваа е констатација на
Министерството за економија кои се базираат на некои досегашни истражувања
на ОЕЦД, но и на најновите испитувања на УНКТАД, каде што сме рангирани на
18-то место од 20 земји од Централна и Југоисточна Европа по влезот на
странски директни инвестиции во земјата, со нешто над 70 милиони долари во
последната година.
Има ли нови економски можности за Македонија?
Владините експерти го толкуваат ваквиот низок рејтинг, главно, со
екстерни фактори, неповолно опкружување, кризен регион и висок политички
ризик, иако ниту интерните фактори не се за занемарување. Последната изјава
на британскиот амбасадор во Македонија, Џорџ Едгар, дека најголема пречка за
инвеститорите се судските и легалните процеси, одат во прилог на оваа
констатација. Имено, според него, инвеститорите се загрижени дека
сопственоста ќе им биде ставена под прашалник и дека се сомневаат дека се во
законска релација со законски партнер, односно дека ако се најдат во
тешкотии со бизнисот ќе можат да ги решат низ легалниот систем.
Сепак, кои и да се факторите за нашиот низок рејтинг, според сегашните
услови слаби се шансите за да во скорешна иднина истото се смени во нагорна
линија!
ИНВЕСТИЦИСКИ АМБИЕНТ
Судството е едно од "темните дамки" во вкупниот инвестициски амбиент,
говорат експертите за инвестиција во Министерството за економија. Таму со
месеци заглавуваат приватизациските спорови од типот на битолски "Лозар", "Македонка"
Штип, "Газела"-Скопје и други. Бескрајните судски разрешници овозможуваат
непречено крчмење на приватен капитал, кој без разлика дали е тој на фирма
со сомнителен или потврден бонитет, влева доза на несигурност кај сите други.
Не се реализираат хипотеки, се изигруваат или селектираат доверители, и сето
тоа без легална и благовремена разрешница. Во Македонија, велат финансиските
експерти, во моментот има околу 20.000 фирми со блокирани сметки поради
неликвидност, и најголемиот дел од нив, наместо да бидат блокирани, работат
преку потсметки или синдикални сметки, што е создавање паралелен платен
систем во државата на незаконски начин. Притоа, не се плаќаат даноци и
придонеси на државата, работниците се исплаќаат на рака, а се располага со
туѓ имот, кој дополнително треба да се разреши дали е правилно или
незаконски приватизиран. Случајот на синдикални сметки, работа и исплата
преку нив, на големи ѕвона се објави во скопска "Газела", во НИП "Нова
Македонија", во Велешката топилница, каде што се уште фигурираат некои
странски газди, а конечно и во битолски "Лозар", каде што газдите се домашни
инвеститори и домашни даночни обврзници на чија адреса доаѓаат сите даночни
обврски кон државата. Од Велешката топилница, пак, колку и да се во право
доверителите, кои се уште водат своја битка пред судските инстанци, во
меѓувреме се краде метал во сопственост на една од најголемите светски
корпорации "Гленкор", поради што и македонските обоени метали се
суспендирани од тргување на Лондонската берза.
Ваквиот неповолен амбиент, велат економските експерти, е дополнителна
брана за странските инвеститори, кои конечно не можат да најдат ниту
финансиски партнер во државата. Имено, во Македонија се уште не е дојдена
една иницијална странска банка која ќе може да го поддржи и финансира
извозот.
Како што обично се вели кај нас се е можно, но не и исправното
функционирање на фирмите, банките и судството, па потоа некој трет ни е
виновен за неповолната состојба во која што се наоѓаме.
НАЈАВИ
Лично министерот за економија, Илија Филиповски, се заложи за подобрување
на странските инвестиции во државава, меѓутоа институционалното екипирање
преку агенции и фискалните бенефиции на идните инвеститори не се ниту
оддалеку потребните мерки за подобрување на економскиот амбиент во земјата,
констатираат оние кои сакаат да вложат во нашата држава. За тоа се потребни
многу подлабоки реформи како во банкарската сфера, така и во судството, но и
подготвеност кај државата во целост да се тргне од интервенционизам во
сферата на приватизацијата, и да се насочи само во креирање на економскиот
амбиент за работа. Останува неодговорено прашањето може ли Македонија да се
одлепи од последното место во Европа според обемот на странски инвестиции?
Речиси е сигурно дека тоа нема да се случи наскоро, со оглед на реалноста
која воопшто не е оптимистичка.
До крајот од годинава има уште малку и засега нема изгледи за некоја
позначајна странска инвестиција, така што е сигурно дека годинава ќе биде
една од најлошите според обемот на странски инвестиции.
Соочена со опасноста оваа година според странските инвестиции да биде
полоша дури и од периодот на воената криза во 2001 година, владата на
Црвенковски донесе програма за поттикнување на инвестициите во која одредува
четири приоритети:
намалување на досегашните пречки во инвестирањето, формирање агенција за
привлекување на инвестиции, засилување на борбата против корупцијата и
воведување повеќе даночни олеснувања.
Како главни слабости на Македонија во поттикнувањето на инвестициите се
посочени нестабилноста на регионот, малиот двомилионски пазар со ниски
примања, високоцентрализирана држава, застарена технологија и бавно судство.
Дополнителна опасност се постојаните закани за воена криза, зголемувањето
на конкуренцијата од соседните земји и претераното потпирање на економијата
врз државата. Македонски предности во привлекувањето странски инвестиции се
стабилната макроекономија, евтината работна сила, близината до Јадранско и
Средоземно Море, позицијата на крстосница на земјата и релативно добрите
патишта. Програмата на Владата, сепак не ги разработува секторите и гранките
во кои Македонија има компаративни предности пред другите земји и соседите,
што значи дека Владата и не знае каде да ги кани инвеститорите да вложуваат.
Во кој правец треба економски да се движи Македонија за да се избегне
сиромаштијата, за да се привлечат странските вложувања и за да конечно
бидеме земја во која е пријатно да се живее, е прашање за кое досега никој
не најде соодветен практичен одговор!