Сметам дека не постои
критериум, ниту пак правило за тоа кога жената треба себеси да се
самопромовира во одредена област од општествено-економските текови, па и
активно да стапи на политичката сцена. Тоа е длабоко врзано со нејзиниот
животен стил, нејзините навики, нејзиниот начин на размислување. Исто така е
важно како социјалните стратегии на секојдневието и се провлекуваат во
многуте домени од животот: во семејниот, професионалниот и јавниот.
Според тоа, одлуката да се вклучи во политиката е сосема индивидуална и
им соодвествува само на храбрите кои не се плашат од туѓата критика и не
дозволуваат да ги закочи самокритиката. Од друга страна пак, за да се даде
максимумот - овде ќе бидам реална и можеби стереотипна, тоа е моментот кога
во голем дел жената ќе го изоди патот кон обезбедување на темелните
вредности во семејството, со чувство ќе го почувствува мигот на
искристализираното јавно мислење, или ќе се поларизираат одредени стојалишта
во општеството.
МС: Која е Вашата професија, како се случи да запловите во политичките
води и на која возраст?
ЈАНЕСКА: Јас сум дипломиран инженер енергетичар, и во својата
професија се чувствувам остварена како професионалец. Но, отсекогаш сум
сметала дека, за битните нешта во животот нема компензација и дека можат да
опстојат паралелни професии и пасии. Всушност и овој "феномен" е
индивидуален.
Ме прашувате како запловив во политичките води и на која возраст? Мислам
дека тоа се случи уште во гимназиските денови на 17 годишна возраст, кога
зачленувањето на тогашната политичка организација СК, значеше многу повеќе
од членувањето во младинската организација и како потврда дека си успешен и
самосвесен младинец, созреан да се вклучиш во посериозните и одговорни
задачи, за изградба на општеството.
МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во
светот на политиката и колку Ви е тешко дури од Струга редовно да доаѓате на
собраниски седници?
ЈАНЕСКА: Сакам да предупредам на една голема, иако на прв поглед
незабележителна опасност, претворањето на еманципаторскиот, националистички
импулс во еднодимензионален и универзален лек против економската, половата и
општествената рамноправност. Истакнувањето на идеологијата за загрозеност на
жената во севкупниот процес на демократизација на нашето општество, не води
кон поголемо почитување на нејзините права и слободи. Напротив,
флексибилното структурирање на заедницата со максимален респект на разликите
во половите, проектира тренд на присуство на жените во јавниот живот, на
раководни функции и во структуирање на власта. Жените тоа го можат, имаат
интелектуален и емотивен капацитет да одговорат на сите предизвици што ги
продуцира светот на политиката. Во битието на жените е да се неагресивни и
антивоено настроени. Ривалството пак со мажите, умеат да го насочат
позитивно, за сопствен развој и чекорење напред. Жените се одговорни,
доследни, амбициозни и доблесни да не си ги порекнуваат сопствените
ограничувања, за да можат себеси да се надминат. Во овој дух, извршувањето
на функцијата - парламентарец "не ми паѓа тешко". Тоа го правам со сиот
респект и дисциплина како што би ја правела и секоја друга професионална
дејност.
Сепак, ова е многу повеќе од тоа, зашто ме обврзува ветувањето пред
граѓаните дека доследно ќе ја извршувам функцијата пратеник, како нивни
претставник во највискиот законодавен дом во државава, но во исто време ќе
ги штитам и интересите на државата.
МС: Дали досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на
мажите како што обично се вели за политиката?
ЈАНЕСКА: Со чувство на задоволство и самопотврдување, истакнувам дека
јас лично не сум имала проблем во политиката (светот на мажите) од апсект на
тоа што сум жена. Моето искуство на овој план е позитивно, сум била
третирана рамноправно во решавањето на проблемите и во партиската сфера и во
јавниот живот. Сигурно дека, за ваквиот однос во голем дел си ја припишувам
заслугата на себе си, затоа што никогаш во ниедна област од животот не сум
влегувала со една априорна негација кон себе, со една априорна скепса. Се
разбира дека за ваквиот пристап во "светот на политиката" голем дел се должи
на долгогодишното искуство во постојаните напори на себепотврдување.
Живеачката во мал град каков што е Струга е многу блиска, сите луѓе се
познаваат меѓу себе, се следат сите движења низ животот на едните со другите
и голем е ризикот со еден непромислен и необјаснет гест, јавната личност да
биде симната од скалилата на јавниот успех и никогаш повеќе да не се искачи
дури ни на првото скалило.Инаку, со вербата во себе и вербата во мене на
моите партиски другари, бев и првиот претседавач на Советот на Општина на
мултиетничка Струга. Ценам дека, успешно ја извршував таа јавна функција.
Одговорив на предизвиците што ги наметнуваше "плураризмот". Успеав да ги
амортизирам тензиите околу првата примена на чл. 20 од Законот за локална
самоуправа за примена на јазикот во обраќање од говорницата со апаратурата
за симултан и консекутивен превод. Предизвиците беа големи, но атмосферата
што ја воспоставив во работата на Советот беше конструктивна, релаксирачка,
така да интересите на граѓаните се наметнаа над тесно-партиските.
Ова за мене беше едно големо политичко искуство, кое во голем дел сега ми
ја олеснува работата како парламентарец.
МС: Покрај политиката колку жените –парламентарки оставаат простор и
време за своето семејство?
ЈАНЕСКА: Колку жените парламентарки оставаат простор и време за
своето семејство, зависи од тоа колку членовите на семејството се внесуваат
во нивната улога на парламентарец, да се изразам со јазикот на математиката
тој однос е правопропорционален. Во секој случај познавајќи го сегашниот
состав на жените парламентарки, неодминлив ми е впечатокот дека сите тие
вложуваат напори да ја усогласат функцијата парламентарец, со обврските што
ги наметнува семејниот живот. Доколку членовите на семејството се вклучат во
рутинските обврски на заедничкиот семеен живот, дотолку жената -
парламентарец ќе може да одвои поголем простор и време за споделување на
заедничките радости и слатки маки со членовите на семејството.
МС: Како е да се биде мајка-парламентарка?
ЈАНЕСКА: Да се биде мајка - парламентарец е гордо, но во исто време и
многу одговорно. Гордо е со самиот факт дека се наоѓате во ситуација да
можете да влијаете во креирањето на подобра иднина за потомството. Се што
правите во рамките на парламентарните активности, исполнети сте со позитивна
енергија оти сте свесни за улогата што ја имате во градењето на подобро утре,
пред се за своите деца и за децата на сите други родители. Оттука многу
попретпазливи сте како мајка, да не направите погрешен чекор, погрешна
постапка која негативно би се одразила на подолгорочните стази и амбиент за
понатамошен развој. Како мајка - парламентарка многу и внимавам на секој
свој изговорен збор, зашто истиот се толкува се транспонира понатаму меѓу
врсниците од моите синови (ги имам двајца од 22 и 27 години и двајцата
студенти). Голема е и одговорноста моја да не го навлечам гневот на младите
за состојбите во секојдневието, за нерешавањето на нивните проблеми особено
во средина каква што е нашата Струга со мултиетнички состав. Исто така,
одлуките кои се донесуваат во Парламентот, во овие тешки економско политички
времиња можат да ја подигнат и националната тензија во нашата општина, ако
правилно не се објаснети и применети.
МС: Жената пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа според Вас
преставува хендикеп во градењето на политичка кариера?
ЈАНЕСКА: Во основа не мислам дека мајчинството за кое е предодредена
жената, претставува нејзин хендикеп. Напротив, таа биолошка предодреденост
за жената претставува предност, мајчинството ја софистицира и и трасира пат
кон избавување од секаков вид фрустрација, ја прави самосвесна,
самоодговорна и сензибилизирана во своите постапки. Таа тоа го прави како
личност со силен индивидуализам, силни карактерни црти кои и помагаат да се
справи со сите наследни стереотипи, без право на изговор на патот на својот
избор.
МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести
политички ангажмани?
ЈАНЕСКА: Моето семејство ја почувствува одговорноста со која ја
прифатив функцијата пратеник, познавајќи ја мојата карактерна црта, секоја
задача да се трудам да ја завршам успешно. Оттука, и го имам разбирањето и
оправдувањето за моите чести политички ангажмани. Всушност моето семејство
веќе како да сум го навикнала на моите динамични активности во професијата и
во политиката.
МС: Која беше причината поради која се вклучивте во политиката и дали
сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето
на хармонично семејство?
ЈАНЕСКА: Причините заради кои сум се вклучила во политиката не би
можела да ги набројам хронолошки, но пред се политиката ја доживувам како
една област во која можам да се докажам и да се потврдам и како можност да
придонесам во организирање ред во нашава држава, обезбедување мир и
благосостојба на нашите граѓани. И веднаш можам да кажам дека, недвојбени се
овие две цели - градење политичка кариера и градење хармонично семејство.
Мислам дека не може едното без другото. Условот за едното е предуслов за
другото.
МС: Жената покрај се мора да води сметка и за својот изглед. Како Вие
наоѓате време за градење на својот имиџ?
ЈАНЕСКА: Жената треба да настојува секогаш да изгледа убаво,
едноставно затоа што е жената израз на убавото и естетското. Таа "треба да
држи до себеси" без разлика на годините, статусот што го има во општеството
или пак на работното место на кое се наоѓа. Убавината ја подразбирам како
комплетна, целосна внатрешна духовна и надворешна физичка. Претпочитам
строги класични линии, слабост ми се женски класични костими, со сако и
здолниште, но и елегантни чевли. Повеќе од две бои никогаш не практикувам на
себе и тоа бои кои се дополнуваат. Сигурно дека на неформални средби и
состаноци си дозволувам и полесна и лелеава облека со примеси на романтика.
МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во
Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50
отсто застапеност на жените во оваа институција?
ЈАНЕСКА: Пред се жените мораат да ја искажат јасно и недвосмислено
потребата за сопствено учество во остварување на власта. Тие треба да ја
наметнат својата перспектива во структуирање на општеството, но пред се со
своите вистински вредности и интелектуални способности. Да делуваат активно
во системот, а особено да делуваат на прилагодување на системот на
сопствените потреби и интереси.
МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни
парламентарки?
ЈАНЕСКА: Секогаш позитивно да мислат, да бидат горди и храбри, да
знаат однапред што сакаат да ги испроектираат умно своите цели и задачи и да
тргнат бескомпромисно во остварување на истите.