ПОЛИТИКА

ДОСИЕ: Заговорот или предавството во Република Македонија од 2001 година (5)

ИСЦРПЕНИ ПОЛИТИЧКИ СРЕДСТВА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Никој не треба да се сомнева во нашата цврста решеност да ги сочуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, како и мирот и спокојството на нашите граѓани.
  • Ги повикувам сите политички партии во Република Македонија, независно од тоа дали се во власта или се опозиција, без оглед на етничкиот предзнак, да им дадат целосна поддршка на активностите и напорите на својата држава, во интерес на нејзината безбедност и стабилност, истакнуваше претседателот Борис Трајковски, во врска со тогашната политичко-безбедносна состојба во земјава и во регионот.

Најконтроверзната политичка фигура во Република Маке-донија, претседате-лот Борис Трајковски, како врховен командант на вооружените сили на земјава, дури по дваесет дена од разгорувањето на кризата кај Танушевци најде време да проговори за влошената безбедносна ситуација во 2001 година. Неговата улога во најбитните моменти од одбраната на државата е обвиткана со превез. Никој досега не најде за сходно да ја преиспита неговата одговорност за непреземањето на брзи и конкретни акции за одбрана на нашава земја кај Танушевци, иако според Уставот на РМ тоа е основната задача на претседателот. Подоцнежните настани покажаа колку колебливоста или нерешителноста битно влиаеја врз развојот на состојбите во Македонија.

НЕЛЕГАЛНИ ГРУПИ

На 26 февруари 2001 година Трајковски и се обрати на нацијата дека ќе ја брани државата.

Никој не треба да се сомнева во нашата цврста решеност да ги сочуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, како и мирот и спокојството на нашите граѓани. Ги повикувам сите политички партии во Република Македонија, независно од тоа дали се во власта или се опозиција, без оглед на етничкиот предзнак, да им дадат целосна поддршка на активностите и напорите на својата држава, во интерес на нејзината безбедност и стабилност, истакнуваше претседателот Борис Трајковски, во врска со тогашната политичко-безбедносна состојба во земјава и во регионот.

Дали Претседателот совесно си ја изврши задачата на врховен командант?!

Во своето обраќање Претседателот потврди дека постојат вооружени униформирани припадници на нелегални групи во определен дел од пограничниот појас меѓу Република Македонија и кон Косово.

Нивното присуство може да предизвика сериозни инциденти и загрозување на стабилноста на нашата земја, рече Трајковски и истакна дека овие екстремни групи немаат поддршка од ниедна политичка структура во Македонија. Состојбата во Јужна Србија се влошува, а тоа може да има негативен одраз врз стабилноста на нашата држава.

Трајковски информираше дека државните органи ги преземаат сите неопходни мерки за одржување на стабилноста и безбедноста на земјава и за спречување на несаканите последици. Тој информираше дека имал постојани контакти со државните функционери и со претставници на НАТО, од кои добиваме целосна поддршка, потенцираше тогаш Трајковски.

Додека Претседателот ја даваше својата оценка за состојбата со границата, македонската армија во тој регион испраќаше дополнителни сили и материјално-технички средства.

Генералштабот на АРМ оценуваше дека ситуацијата се уште е сериозна.

Сепак, за нас ова не е сериозна воена закана. Заканата доаѓа од можното затегнување на меѓунационалните односи во земјава. Оттаму и тежиштето во моментов го ставаме на нашата меѓународна активност во објаснувањето на ситуацијата и нашата уставна обврска за заштита на територијалниот интегритет на државата, не убедуваа официјалните извори билски до Кабинетот на претседателот Трајковски. Претседателот на државава, упати писмо до Советот за безбедност на ОН, во кое бараше поддршка за Македонија и осуда на насилствата на терористичките групи. Од Стејт департментот, тогаш пристигна соопштение во кое се подвлекуваше дека САД ги "поддржуваат мерките на Владата за мирно решавање на кризата". Инаку, по неуспехот на преговорите на претставници на ДПА со одметнатите групи во Танушевци, потпретседателот на партијата Мендух Тачи за инцидентите во околината на ова село рече дека треба да се решат демократски, "но ако не се успее во тоа, се знае како ќе се решат". Од друга страна, пак, ПДП сметаше дека во Танушевци македонската полиција врши етничко чистење.

На 28 февруари 2001 година започнаа посериозните инциденти во кои паравоената група што се наоѓаше во селото Танушевци ги провоцираше армиските сили.

Во оружените престрелки нема повредени војници на АРМ, јави по престрелките поранешиот портпарол на Министерството за одбрана Ѓорѓи Трендафилов. Тој потенцираше дека по регистрираните движења на паравоените групи може да се заклучи оти силите на КФОР од другата страна на границата воопшто не си ја вршат работата, односно не ја обезбедуваат границата како што се обврзаа.

Трендафилов потенцираше дека Армијата ќе настојува проблемите да се решат по дипломатски пат, меѓутоа оној момент кога тоа веќе нема да биде можно ќе се преземат конкретни акции.

Тогаш се претпоставуваше дека поголем дел вооружени лица во Танушевци се жители на селото, но имало и вооружени лица од Косово.

ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕРКИ

Република Македонија се соочува со сериозна закана како последица на настаните на границата меѓу нашата земја и делот кон Косово. Зголемена мобилизација, присуство и засилување на екстремистичките албански вооружени групи од Косово има на самата гранична линија, но и во поширокиот појас на двете страни од границата, се истакнуваше во писмото на претседателот Борис Трајковски, упатено до генералниот секретар на Обединетите нации, Кофи Анан. По последните случувања околу Танушевци и оружените престрелки меѓу македонските безбедносни сили и албанските екстремистички групи, македонскиот државен врв се даде во дипломатска активност за обезбедување поддршка во новонастанатите услови.

Трајковски се реши да го информира Советот за безбедност на ОН, за да го запознае со состојбата во земјава. Во писмото до Анан, Трајковски бараше со содржината на писмото да се запознаат и членовите на Советот за безбедност и нагласуваше дека македонските сили за безбедност се цел на речиси секојдневни терористички напади како дел од една "транснационална експлозија на етнички милитантен радикализам".

Република Македонија нема друга алтернатива освен соочување со ситуација во која дел од нејзината територија во близината на границата е под контрола на милитантните екстремисти, оценуваше во своето писмо Трајковски кое го упати до Кофи Анан.

Тој го информира Анан дека се исцрпени сите политички средства за наоѓање мирно решение за сериозната закана за територијалниот интегритет на државата.

Но, од друга страна, ние имаме легитимно право и обврска да ги заштитиме интегритетот и суверенитетот на државата, потенцираше македонскиот претседател. Како еден од начините за излез од оваа ситуација, Трајковски ја посочуваше поголемата соработка со силите на КФОР на Косово и бара јавна поддршка од Анан за делегитимизирање на нелегалните милитантни групи. Ова, според шефот на македонската држава, е особено важно за албанскиот фактор во целиот регион. По тогашната интензивна дипломатска офанзива на македонскиот државен врв, сметаше дека е добиена поддршка од речиси сите меѓународни фактори, вклучувајќи ги НАТО, ЕУ, американскиот Стејт департмент и официјална Москва. Во тие мигови генералниот секретар на Алијансата, Џорџ Робертсон, во писмото до Трајковски ја повтори поддршката за стабилноста и безбедноста на Македонија и информираше дека Командантот на КФОР презел дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста по должината на границата кон Косово.

Во моментов бараме дополнителни мерки за да ви помогнеме во вашите напори, нагласуваше Робертсон.

На 2 март 2001 година претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, ја доби поддршката од сите парламентарни политички партии за да продолжи со почнатите активности и да преземе мерки во функција на стабилноста на земјава и на безбедноста на граѓаните што живеат во подрачјето околу Танушевци. Поради нестабилноста на дел од пограничниот појас меѓу Македонија и во делот со Косово, Трајковски одржа средба со лидерите на 11 политички партии. Од таа средба произлезе следнава оценка.

Лидерите на политичките партии го осудија дејствувањето на нелегалните вооружени групи во Танушевци и на граничниот појас меѓу нашата земја и во делот на Косово. На средбата беше разгледана актуелната безбедносна состојба во регионот и искажана загриженост од можноста за прелевање на нестабилноста, изјави претседателот Трајковски по завршување на средбата. Тој рече дека донесените заклучоци биле едногласно усвоени од присутните. Во заклучоците се констатира дека е неопходно од страна на државните органи итно да преземат дополнителни дипломатски и политички активности со ОН, НАТО и со другите релевантни меѓународни фактори, за да се обезбеди соодветен воен ангажман на КФОР на делот кон Косово. Претседателот Трајковски оценуваше дека на средбата било истакнато оти еден од факторите што имаат важен придонес за безбедноста на земјата се добрите односи со НАТО.

Во контактите со своите партнери од странство, политичките партии треба да дејствуваат кон артикулирање и афирмирање на ставовите на Република Македонија. Партиите треба да влијаат во насока на избегнување на непотребните тензии и да придонесат за дедраматизација на состојбата, се потенцираше во заклучоците.

На средбата тогаш присуствуваа релевантните фактори: Љубчо Георгиевски, Зоран Крстевски, Бранко Црвенковски, Васил Тупурковски, Арбен Џафери, Имер Имери, Борис Стојменов, Ристо Пенов, Аслан Селмани, Амди Бајрам, и Тодор Каламатиев.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"