ПОЛИТИКА

Ќе има ли разврска за обвинетите функционери од ВМРО-ДПМНЕ

ЗАТВОРОТ И КОНФИСКАЦИЈАТА ЌЕ ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ СО "ЛЕПЛИВИТЕ ПРСТИ"

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Ќе се воведе кривична одговорност за правните лица што досега не беше случај, а ќе се установат и казни за злоупотреба на службена должност со несовесно работење, како и за прикривање на потекло за несразмерно стекнат имот, потенцира министерот за правда Исмаил Дарлишта.
  • Дали и екс премиерот Љубчо Георгиевски ќе "заработи" кривична пријава, или пак ќе може како што се вели и во наредниве 800 години да ужива во "спечалените" пари?!

Борбата против организираниот криминал што толку ја промовираше Црвенковски се сведе само на фокусирање на "криминалното работење" за време на владеењето на Георгиевски. На почетокот имавме претстава дека Владата е решена да се справи со криминалот и корупцијата, барем тоа го видовме според акциите за апсење на некогашните функционери од старата власт обвинети за злоупотреби и малверзации. Беа поднесени десетина кривични пријави против поранешни функционери, но засега за ниедна од нив нема судски епилог. Целата акција за прокламирање борба против криминалот се сведе на меѓусебни обвинувања на релација МВР-судство. Залудни се притворите, кога обвинетите повторно се на слобода и уживаат во она што го "заработиле" што се должи на бавната судска машинерија и дупките во нашите закони.

ДОЛГА ЛИСТА

Сепак, ако одиме хронолошки прв беше притворен Душко Аврамски, поранешен заменик на Агенцијата за приватизација како и првиот човек на НИП "Нова Македонија" Никола Тасев кои се осомничат за нелегална приватизација на најголемата новинско-издавачка куќа. Деновиве според очевидци Тасев со нов имиџ можел да се забележи како шета по скопските кафулиња, а правел напори и да си го поврати пасошот за да заминел на "заслужен" одмор во Грција. Освен тоа според шпекулациите тој веќе работел, поточно пишувал мемоари за својот престој во затвор.

Притворена беше и сопругата на поранешниот шеф на кабинетот на екс премиерот Георгиевски, Татјана Митревска и неколку други функционери од Заводот за геодетски работи и од катастарската управа. Тие се сомничат дека фалсификувале документи за да се сокрие аферата "палата на Водно". За жал судењето против Митревска и компанијата од аферата "палата на Водно" по којзнае кој пат се одложува што преставува нон-сенс за судството.

Ќе ги врати ли проневерените пари Ламбе Арнаудов?

Партискиот војник, Војо Михајловски си го "изработи" своето

Постапка беше покрената и против Стевче Коцевски, близок роднина на Снешка поради криминална приватизација на најголемата тутунска куќа "Македонија табак". Во притвор заврши и екс директорот на Фондот за здравство, Војо Михајловски, осомничен дека како директор на Фондот за здравствено осигурување извршил незаконски набавки во повеќе медицински центри, со што ги злоупотребил службената положба и овластувањата. Михајловски, неодамна беше ослободен од притвор во Истражниот затвор во Скопје, со што му се овозможува да се брани од слобода. Според изјавата на неговиот адвокат, за Михајловски била прифатена кауција во имот во вредност од околу 800 илјади евра. Михајловски во притвор беше од јануари годинава. Партискиот војник Михајловски сега може да си "здивне" од затворскиот живот.

Поради основано сомневање дека ја злоупотребиле службената должност, истражниот судија, по кривична пријава од Основното јавно обвинителство, им изрече мерка притвор од 30 дена на поранешниот директор на Електростопанство на Македонија, Ламбе Арнаудов, на помошник-директорот Мирољуб Пандилов и на директорот на фирмата "БЛИФ", Владо Серафимов. Првоосомничените се товарат дека склучиле фиктивни договори за геодетско мерење на објекти на ЕСМ, нивно запишување во катастарска евиденција и за противправна исплата од еден милион евра во корист на трговското друштво "БЛИФ". Минатата година пукна аферата со "Македонска банка" во која беа вклучени Ламбе Арнаудов, Војо Михајловски и возачот Маријанчо Конески. По откривањето на валканиците што се случија во оваа Банка, преку трансакција на 27-те отсто акции на ВМРО-овските фирми, директорот на Банката, Марјан Бојаџиев, беше во паника. Како што беше тогаш обелоденето во јавноста, Бојаџиев веќе набавил машина за палење документи. Но, ова не е крај за промовираните "активности" на Ламбе.

Во штипскиот Основен суд беше прекинато и одложено повторното судење на поранешниот пратеник Амди Бајрам и екс директорот на "Македонка ткаенини", Илко Георгиев, кои исто така се товарат за сторени кривични дела. МВР поднесе кривична пријава и против Методиј Смиленски (65) од Скопје, Македонец, државјанин на Република Австрија, поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело "фалсификување исправа".

Драган Даравелски екс директорот на царина кој исто така се товари за матни зделки на време "фати магла" така што не е достапен за органите на прогонот.

НОВИ ПРИЈАВИ

МВР на 10 овој месец поднесе кривични пријави против Ламбе Арнаудов и Весна Таковска, заради основано сомнение дека Арнаудов во својство на директор на ЕСМ и член на Надзорниот одбор на "Табак осигурување" поттикнат од Таковска, како директорка на оваа осигурителна компанија, минатата година склучил штетен договор за ЕСМ со што ги злоупотребил службената положба и овластување. Како што соопшти МВР, Арнаудов склучил договор за осигурување на ЕСМ со "Табак осигурување", иако знаел дека ова акционерско друштво не било во можност самостојно да го покрие целокупното осигурување на ЕСМ, а не било извршено и реосигурување во друга осигурителна компанија. Со тоа тој овозможил "Табак осигурување" да стекне имотна корист од над 350,7 милиони денари на штета на ЕСМ. Според извршената контрола, констатирано е дека капиталот на "Табак осигурување" изнесува 224 милиони денари, додека вкупната вредност на осигурениот имот на ЕСМ е 140 милијарди денари. Бидејќи "Табак осигурување" не било во можност да го покрие можното обештетување на ЕСМ со сопствен капитал, било должно да ги осигура обврските за осигурување, што е предвидено кај друго друштво за осигурување. "Табак осигурување" склучило протокол за соработка за осигурување со "Кјуби Македонија", со цел истото да биде реосигурувач на имотот на ЕСМ, но за тоа требало да се склучи и посебен договор што не е сторено, а по кој основ не е извршено исплаќање на осигурувањето.

Арнаудов ја злоупотребил службената положба, дозволувајќи целокупниот имот на ЕСМ да остане неосигуран за период од 11 месеци со што било доведено во прашање нормалното функционирање на електроенергетскиот систем. За сметка на ваквото неодговорно однесување, а поттикнат и во договор со Весна Таковска, овозможил "Табак осигурување" противправно да се стекне со поголем износ. Премија за осигурување на ЕСМ изнесувала 535 милиони денари, а делот наменет за реосигурување 350 милиони. Бидејќи "Табак осигурување" не било во можност целосно да го покрие осигурувањето на ЕСМ, наместо средствата за осигурување добиени како премија од ЕСМ да ги уплати за реосигурување кај друго осигурително друштво, ги искористиле за свои потреби, стекнувајќи се со иста имотна корист.

Кривична пријава "закачи" и поранешниот министер за транспорт и врски Љупчо Балковски кој тврди дека отуѓувањето и давањето под закуп градежно земјиште го вршел според законските акти кои ја уредуваат оваа област. Балковски ја оспорува кривичната пријава која МВР ја поднесе против него за злоупотреба на службена должност при доделување на градежно земјиште и локации во Скопје и за скијачкиот центар Кожув, со што, според МВР, ја оштетил државата за 150 милиони денари. Балковски смета дека доколку тие законски акти се лоши, сегашната влада требало да ги смени, а тоа досега не е сторено.

Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека кривичната пријава е дел од монтираните политички процеси со кои Владата сака да го сокрие лошото економско и политичко работење и е пуштена во ова време токму затоа, иако ревизијата во Министерството била завршена во ноември.

Доколку биле утврдени неправилности не гледам причина што кривичната пријава не била поднесена веднаш, туку се чекало речиси една година, изјави Балковски.

Министерството за внатрешни работи под раководство на Љубе Бошковски во 2001 и во 2002 година работело незаконски, трошејќи недомаќински. Ова е дел од заклучокот на државниот ревизор содржан во извештајот за финансиската состојба на МВР, обелоденет неодамна.

Од касата на МВР однапред биле исплаќани поголеми суми, за услуги за кои нема доказ дека биле исполнети. Министерството дало седум милиони денари за изработка на кујна во базата на некогашните "лавови" и многу други слични нелогични зделки што говорат дека во скоро време може слободно да очекуваме и брат Љубе да заврши во притвор.

КОНФИСКАЦИЈА

Повторното востановување на кривично-правната санкција конфискација на имотот, прибавена со кривично дело, е голем чекор напред во спречување на незаконското збогатување на поединци поврзани со организираниот криминал. Овој институт, иако досега функционираше во поинаков облик, како пленидба на имотната корист, сега го надминува двојството и недоречениот статус. Неодамна Собранието се согласи за усвојување на измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои нудат ригорозни инструменти во борбата против криминалот.

Според Исмаил Дарлишта ќе се казнуваат новите облици на перење пари, измами при работа со хартии од вредност, за шверцување и незаконска употреба на стока увезена со царински привилегии, како и незаконско влијаење на сведоци.

Ќе се воведе кривична одговорност за правните лица што досега не беше случај, а ќе се установат и казни за злоупотреба на службена должност со несовесно работење, како и за прикривање на потекло за несразмерно стекнат имот, потенцира министерот за правда.

Кривичниот законик е средство за спротивставување и за справување на општеството со криминалот, а новите решенија ќе придонесат за подигање на моралните вредности во државата, оценија народните избраници. Притоа ја изразија дилемата дека можеби е време за подготвување нов Кривичен законик, поткрепувајќи го тоа со четирите измени на КЗ на кои сега се повикуваат судиите, а само во оваа последната се нудат околу 200 измени. Како што беше истакнато, многуте новини ќе повлечат измени во постојните закони за кривична постапка, за кривични санкции, за јавно обвинителство, најави министерот за правда. Де факто Владата на Црвенковски набрзо ќе наврши една година од нејзиното формирање и за жал ништо од претходно ветеното, особено во доменот со справувањето со организираниот криминал не стори скоро ништо.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"