о неодамнешната акција во селото
Брест, безбедносната состојбата ни малку не ни е розова. Според информациите
кои кружат во јавноста, вооружените групи Албанци се уште се во реонот на
Брест, но почнале слободно да се движат и во селата Гошинце и Малина Маала.
Министерот за внатрешни работи, Хари Костов, реши да се справи со
терористичките банди. Тој издаде наредба, со која го задолжи првиот ешалон
заменици во МВР најдоцна за еден месец да го решат проблемот со вооружените
групи на Авдиљ Јакупи - Чакала и на Хамди Бајрами - Бреза.
Заменик-министерот за внатрешни работи Хазби Лика, заменик-директорот на
Управата за безбедност и контраразузнавање, Фатмир Дехари, и
заменик-директорот за јавна безбедност, Бесир Деари, сите тројца кадри на
ДУИ, требаше да му предложат на министерот Костов оперативен план за
спроведување на акцијата. Ним на располагање ќе им бидат сите кадровски и
технички потенцијали на МВР, а ќе имаат можност за соработка со АРМ и со
Министерството за одбрана. Со наредбата на Костов, тројцата функционери на
МВР од ДУИ се задолжени од денот на почнување на акцијата, па се до
нејзиното завршување секој ден да поднесуваат писмени извештаи за
преземените мерки и за резултатите од акцијата.
По објавувањето на наредбата на Костов, функционерите од ДУИ во
Министерството за внатрешни работи најавија дека ќе ја одбијат наредбата
затоа што била уценувачка. Поради тоа минатиот петок во кабинетот на Костов,
во напната атмосфера, функционерите на ДУИ и министерот воделе разговори за
нивната конечна одлука дали да ја прифатат неговата наредба тие лично да ја
раководат акцијата за апсење на Чакала и на Бреза.
На крајот било прифатено компромисно решение во акцијата рамноправно да
се вклучат и директорите на управите за јавна безбедност и за
контраразузнавање Бранко Бојчевски и Зоран Верушевски.
Но, Хамди Бајрами, алијас командант Бреза, се закани со нови напади. Тој
за весникот на албански јазик “Факти” изјавил: Добив информација дека МВР
ми поставило ултиматум да се предадам до вторник, 16 септември. Јас немам
намера да го направам тоа. Ако за десет дена не бидам ослободен од кривично
гонење, ќе почнеме да напаѓаме цели. Тие, овојпат, нема да бидат на
подрачјето на Скопска црна Гора, туку подолу, во Липковско, Арачиново и во
Скопје .
ПЛАН
Работната група на МВР, задолжена да направи план за апсење на Авдиљ
Јакупи - Чакала и Хамди Бајрами - Бреза, во вторникот ја достави својата
идеја пред колегиумот на Министерството. Според најавата на министерот за
внатрешни работи Хари Костов, новиот рок беше предвиден откако тројцата
функционери на ДУИ во МВР, Хазби Лика, Фатмир Дехари и Бесир Деари до
минатиот петок, 12 септември, не успеале да испланираат како да ги фатат
самопрогласените команданти.
МВР никогаш не може да се подели дали ќе има членови од ДУИ кои ќе вршат
полициска работа, или ќе има членови од СДСМ ниту, пак, ќе има поделби за
тоа дали Албанци или Македонци полицајци ќе вршат работа. Наредбата беше
формирање на работна група, која има задача да подготви план, со користење
на сите кадровски и технички потенцијали на МВР и на меѓународната заедница.
До петокот, до тој рок што беше понуден, немаше доставено оперативен план и
очигледна беше потребата да се засили групата, изјави Костов.
Тој потенцира и дека не знае какви реформи во полицијата бара ДУИ, но чул
дека тоа ќе го презентирала пред меѓународната заедница.
Факт е, а ако некој не чита документи, тоа е друга работа, дека пред еден
месец на седница на Владата е усвоена стратегија за реформи на МВР, и тоа е
документ направен со техничка помош на експерти од ЕУ и финансиран од
Унијата. МВР, дури и со Рамковниот договор, си ги има обврските кои треба да
ги спроведува, и не треба некој само да ни вади делчиња од Договорот.
Основните принципи на Договорот зборуваат за неупотреба на насилство за
остварување на политички, па и какви било други цели, унитарен карактер на
државата, престанување на непријателства, разоружување итн. Според тоа, МВР
ќе си постапува по законот, измените на законот, Уставот и измените кои
произлегоа од Рамковниот договор, рече Костов.
СРЕДБА
По акцијата во Брест и по наредбата на Костов, лидерот на ДУИ, Али Ахмети
минатата недела побара итно да се сретне со премиерот Бранко Црвенковски.
Состанокот се одржа зад затворени врати, а завршил со оптимистичката идеја
на двајцата лидери дека оперативниот план на МВР за разбивање и апсење на
криминалните групи. Лидерите на владејачките партии се потсетиле дека имаат
заеднички цели и приоритети - враќање на мирот и стабилноста, воспоставување
на ингеренции на државата над целата нејзина територија и справување со
вооружените криминални групи.
Подоцна, во Мала Речица се одржа средба помеѓу претставниците на ДУИ и на
меѓународната заедница во Македонија, чијашто главна тема било побрзо
спроведување на Рамковниот договор преку забрзување на сите процеси и
реформи поврзани со него.
Имаше корисна размена на мислења меѓу претставниците на меѓународната
заедница и ДУИ. Зборувавме за спроведувањето на Рамковниот договор, кој е од
интерес од сите страни, за последните политички случувања и безбедносната
состојба, изјави по средбата амбасадорот на ЕУ во Македонија, Алексис
Брунс.
Европретставникот Брунс го изразил својот оптимизам за состојбата во
државата, како и можноста актуелната владејачка коалиција да продолжи со
работа на безбедноста и имплементацијата на Рамковниот договор.
Според амбасадорот на НАТО во Македонија, Николас Бигман, на состанокот
се разговарало за спроведување на договорот од Охрид.
Секој напредок во тој поглед ќе биде добар за сите, рече Бигман.
И потпретседателот на ДУИ, Агрон Буџаку, смета дека има подобрување на
состојбата во Македонија.
Ситуацијата се стабилизира. До ситуација каква што имавме пред една
недела не би требало да дојде во иднина, истакна Буџаку и најави дека
контактите со претставниците на меѓународната заедница, ќе продолжат и во
иднина.
Наспроти ваквите изјави ситуацијата на теренот е поинаква. Иако војната
во 2001 година е минато, се уште постои опасност од нејзино повторување.
Албанците никогаш не се откажале и нема да се откажат од идејата за “Голема
Албанија", а првиот човек на Демократската партија на Албанците, Арбен
Џафери, повторно ја истакна својата заложба за самоопределување на Албанците
во Македонија и во регионот и за промена на границите. Во интервју за Радио
Слободна Европа тој изјавил дека прашањето за самоопределување "не е дневна
политика" и дека како темелно право на Обединетите нации се активира тогаш
кога другите решенија пропаднале.
Другите решенија за мировни договори, за разбирање, зближување и
толеранција во Македонија се пропаднати и автоматски се отвора прашањето за
самоопределување. Значи, оваа категорија ние не ја промовираме од инает,
туку безбедносната ситуација, меѓуетничките проблеми, етничката дистанца што
постои во Македонија, автоматски ја отвораат идејата за самоопределување до
отцепување - изјави Џафери.
Лидерот на ДПА тврди дека го почитува ставот на меѓународната заедница за
неменување на границите на Балканот, но "под услов меѓуетничките односи да
се градат врз база на еднакви права".
Бидејќи немаме еднакви права и соживотот од ден на ден се нарушува и
бидејќи нема друго решение за овие проблеми, треба да се отворат другите
категории што нудат решенија - оцени тој.
Истовремено, во интервју за тиранскиот весник "Газета Шќиптаре" Џафери
изјави: Македонија фактички е поделена држава, бидејќи заедниците таму
живеат паралелно. Меѓу Албанците и Македонците недостигаат сите социјални
параметри што треба да ги поседува една мултиетничка држава, па затоа не е
можно Македонија да не се подели или федерализира.
Според лидерот на ДПА, вооружените групи во Македонија се од поранешната
ОНА, кои очекувале охридскиот договор конечно да ги реши нивните проблеми.
Недостигот од амнестија за сите кривични обвиненија придонесе тие луѓе да се
фрустрираат од реалноста и така и да реагираат. Во Македонија постојат два
охридски договори: едниот во главата на Бранко Црвенковски и вториот, оној
што го потпишавме во Охрид. Тој се базира на четири главни точки: официјална
употреба на албанскиот јазик, правична застапеност на Албанците во
администрацијата, амнестија на сите припадници на ОНА и децентрализација и
територијална поделба. Сите овие обврски македонската влада ги одбегнува -
оценил лидерот на ДПА.
Но, ситуацијата на теренот е поинаква. Градоначалникот на Општина Липково,
Хусамедин Халили, вели: Лага е дека полицијата има поддршка од месното
население. Ако сакаше Владата да избегне нова криза, требаше итно да го
спроведе охридскиот договор. Македонија се наоѓа во воена криза и ако
Владата продолжи со воено-полициски акции, можна е ескалација на судири во
сите поранешни кризни региони. Меѓу населението владее психоза на војна.
Владата не презема ништо за да ја смири состојбата. Активностите на МВР исто
така се во правец на предизвикување нови судири. Состојбата е лоша во сите
поранешни кризни региони. Ние во целост ги поддржуваме барањата на
вооружените групи. Тие сакаат општа амнестија. Но, не го поддржуваме начинот
на кој сакаат да го остварат тоа.