ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

МАЖИТЕ ПОРЕЧАНИ

Гог ма Гог

Во едно село луѓето си живееле мирно, сложно и среќно, оти од лошите духови и намери ги бранеле мажи поречани. Тие не биле како денешниве симпатични, дебелички типови со постхипиевски имиња, со издрпани фармерки и истуткани џакети, туку прави стропјаци облечени во доламак, да му висат и да не смеат да клекнат оти ќе му се "удираат од земја", со тупаници како од мечка стапало и со чекор како кај Црна Арапина.

И така селото, живеејќи мирно и среќно, предизвикувало завист кај другите села, оти таму немало мажи Поречани. Арно ама, еден по еден, мажите Поречани почнале да си заминуваат. Останало селото без заштита и му отвориле - универзитет... Универзитетот првин никој не го признавал, дури селаните и демострации сториле, и нешто курбан дале. Многумина со викотници и се опариле.

Е, на универзитетот дошле да учат и од другите села, кои во меѓувреме добиле некој налог од "негдеки" да го признаат, оти "ќотек можат да јадат". Седнале мудрите селски глави од Власта и конечно донесле одлука: Универзитетот во Мала Речица се признава, и за тоа признавање ќе му се дадат "ишче" толку и толку милиони - евра!

Сказната овде не завршува. Овде почнува. На педа земја и една рака народ, три универзитети. Ишалааааа. Дури сега Македонија ќе влези во својата магепсана орбита, од која излегување "на кукуш".

Да се разбереме, шо вели мојот пријател Робе, и "да си кажиме право", проблемот не е во тоа дали универзитетите во Македонија се македонски, албански, бугарски, српски, турски, ромски, влашки и етсетера, ами "чуму му се", уште ако се од - Државата?!

И какви се? Ако се онакви какви што ни ги прикажа оној анкетен институт, тешко не на едното, туку на сите "села" во Македонија!

Мојата интуиција "вели" дека кај да е, кога да е, универзитет ќе отворат Власите во Крушево; Турците во Пласница, Бугарите во Стрмјани; Србите во Волково; Ромите во Шутка!

И нека отворат. Да се знае: слободна земја, лиферува слободни и неброени универзитети, а народот ќе работи само за нив, преку својата Влада да ги храни, брани и поддржува.

Хаосот во образованието ќе стане врховен збор. И така со книгите и учебниците, си правиме што сакаме, си пишуваме какви сакаме, па не случајно луѓето од надвор не доживуваат како научно фантастична - егзотика. Архитектурата на нашите универзитети е таква, да не им е рамна ниту една комунистичка тврдина и тоа од времето на оној - Стрељцов.

Пробиј, да видиш! А, бидејќи никој досега не пробил, никој и не видел.

Кога ја изгуби претседателската трка со Буш, на Ал Гор му советуваа да "отиде" во професори. Го избра "Колумбија" универзитетот. Нагрвалија студенти, и деканот го вика Гор да му каже дека платата му ја зголемува. Гор задоволен, ама и - самобендисан... Тешко забележува, заслепен од славата, дека оттогаш, амфитеатарот почнува да му се празни. Студентите апстинираат. Го вика деканот пак, овој пат да му се заблагодари, да и ја земе последната плата на благајна!

Во Америка и секаде кај што има ред и поредок, така прават. Кај нас, кајшто се уште се чувствува "јашан уриетот" од 908 година, правиме поинаку, тие што знаат нека кажат како?

Ама не кажуваат. Туку водат политики, не доаѓаат да предаваат, земаат можеби не големи, ама добри и сигурни плати и изигруваат мажи Поречани, без антерии, во стегнати панталони со клучка преклучени.

Најголемата непозната на денешницава за нашите универзитети е "али се приватни, али се државни"? Оти прашувам, оти коа ќе им требаат пари, државни се, а кога ќе им недостигаат тие пари, брзо се трансформираат во приватни, дури ептен - приватни.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"