КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ПЕНТАГОН ИГРА НОВ ПОКЕР

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • САД игра со нов шпил карти, софистицирано пластифицирани, помалку мистериозни. Станува неизвесно, непредвидливо, со авантуристички предзнак.
  • Оние кои пред извесно време го јадеа стапот денес добиваат безрезервна поддршка во справувањето со истородните проблеми, а пак довчерашните сојузници добиваат предупредувања и плаќаат пенали за истото она што го правеа до вчера.
  • Македонија е најкристален и најсвеж пример за тоа. Се чудиме сите деновиве како државава ни добива пофалби за професионалните залагања на институциите и безбедносните сили за решавање на напнатата ситуација во пограничниот појас, како имаме аплаудирања за новата стратегија при спроведувањето на Рамковниот договор и слично.

Западната алијанса сериозно размислува и веќе се подготвува за изградба на нови НАТО бази на Балканот. Првата станица за тој проект од стратешко и воено значење за САД е Србија и Црна Гора. Се очекува што поскоро да се финализира договорот меѓу српскиот премиер, Зоран Живковиќ и советникот за национална безбедност на американската администрација, Кондолиза Рајс. Иако сега засега од седиштето на НАТО во Брисел велат дека бази можат да се градат само на територијата на земјите членки на северноатланската алијанса, сепак никој не се сомнева дека Америка туку така лесно ќе се откаже од помасовното воено присуство на овие простори од европскиот континент особено по изградбата на Бондстил крај Урошевац.

Западниот воен сојуз сигурно ќе гради неколку воени бази во Србија и тоа покрај аеродромот Пониква кај Ужице, потоа на Копаоник, Ниш и на Стражевица која за НАТО пактот беше енигма во текот на бомбардирањето во 1999 година. Сепак, изградбата на споменатите бази е условена со пристапувањето на официјален Белград во Партнерството за мир што пак би можело да се случи уште на почетокот на наредната година. Сето ова се поврзува и со неодамнешната посета на американските воени ветерани на специјалните единици на војската на Србија и Црна Гора во Ниш. Анализите покажуваат дека српскиот премиер со оваа трговија се обидува да ја зацврсти позицијата на неговата земја во економски и политички аспект кон САД, но и да го наплати доаѓањето на американските трупи на територијата на Србија.

НАТО БАЗИ

Постојат и прецизни пресметки колку домашните трговски и градежни фирми би добиле од таквата зделка и колку тие ќе бидат вклучени во изградбата на инфраструктурата на базите што секако би дало една инјекција на замреното српско стопанство. Се верува дека Србија од американските банки за возврат би можела да добие одредена финансиска помош во форма на поволни кредити за малите и средни претпријатија, а дел од тие средства би отишле во буџетот, најмногу за лични доходи и социјални давачки. Сето, се разбира, во улога на претстојните избори со што се сака привлекување на електоратот кон структурите на власта. За поконкретно одвивање на работите околу изградбата на НАТО базите задолжен е специјален тим формиран од врвот на српската влада. Тој тим еднаш престојувал во САД и ја направил финансиската конструкција за проектот. Зошто администрацијата на Буш ја избрала токму Србија за ваквата прераспределба на американските воени контингенти од централна во југоисточна Европа и не треба многу анализирање и размислување. Тоа е пред се поради геостратешката положба која ја има оваа држава на Балканот и ресурсите кои таа ги поседува за такви намени. По добиените сознанија дека Рамсфелд се решава на радикално прекомпонирање и дислоцирање на американските трупи во Европа веднаш се анимираа македонските и бугарските власти со свои пресметки од новите планови. Познато е дека пред неколку месеци Трајковски без никаква консултација со Владата на Република Македонија и Собранието се реши да го "замоли" неговиот колега од Вашингтон да ги доведе своите силни момчиња на Криволак убедуваќи го со свои факти дека тој полигон е најдобар во тој дел на Европа и нуди најдобри можности за воени вежби какви што посакуваат Американците. И што од тоа? До ден денес Бушовата администрација не даде никаков одговор на понудата на нашиот Претседател, па оттука многу е веројатно дека најмоќната светска армада не е заинтересирана за нашиот Криволак. Бугарите пак се посебна приказна. Тие речиси на вересија ги отстапуваат своите простори од национално значење за бугарската држава во реонот на Црното Море само за да им покажат на Американците кој е нивниот најголем сојузник од регионот. Но, по малку и тие останаа извисени, барем засега. Како врват работите по се изгледа дека Републиканците во Пентагон се решени како стратешки сојузник на Балканот да ја имаат Србија и српскиот народ и покрај меѓусебните крвнички непријателства кои ги имаа пред само четири години при бомбардирањата врз Југославија. Но, времињата се менуваат, политичките текови исто така. Тоа е интересот на големите сили. Земјите кои гравитираат околу Србија можеби ќе бидат еден вид сателити на американскиот воен комплекс таму, кој би се раководел од центарот на моќта во Белград, Ниш или Крагуевац. Земјите од Балканот во овој момент не можат да го изменат зацртаниот план на Стејт департментот. Тие поднесуваат одредени амандмани за видеоизменување на поставеноста на новите американски бази, но засега без успех. Она што и се нуди на Србија е најпросто речеНо добитна комбинација на бинго лотаријата, а Албанија, Македонија, Хрватска и Бугарија можат само да сонуваат дека една од нив би ја заменила позицијата и улогата што официјален Белград би ја имал во регионот на југоисточна Европа. Србија притиска за што побрз влез не само во Партнерството за мир, туку и во НАТО. Ако работите одат по инаетот и тврдоглавоста како белег на балканскиот менталитет тогаш Вашингтон и би можел некако да изнајде формула за побрзо зачленување на Србија и Црна Гора во северноатланската алијанса, па дури и пред најавеното влегување на т.н. Јадранска тројка во неа, Македонија, Албанија и Хрватска. Значи, Белград би се втурнал во НАТО и преку ред само за да можат САД да ја остварат својата надворешна глобална политика за изградбата на НАТО базите во централна Србија. Кога би се случило тоа? Па што поскоро тоа подобро - велат срспко-црногорските власти. Но, дали на Американците им се брза? И тие си имаат свои адути и аршини во зделката. Прекинување на постапките на официјален Белград пред судот во Хаг за американските политички раководители виновни за бомбардирањата вра СР Југославија, предавање на сите осомничени за воени злосторства од Србија на судот во Хаг како и некои други помали проекти кои се сметаат за суштински во односите. Но, и Србија ќе игра со створени карти. Покрај финансиска инјекција за заздравување на српското стопанство која според некои проценки би била во висина од околу 10 милијарди американски долари владата на Зоран Живковиќ ќе го покрене најчувствителното прашање за целиот балкански регион. Имено, покојниот Ѓинѓиќ како аманет на своите наследници им остави да не се откажуваат од Косово како лулка на српската цивилизација, а како решение да го понудат поделбата на северен српски и јужен албански дел. Вашингтон и таа опција ја разгледува како можна, па оттука се се поизвесните бранувања во косовскиот политички корпус. Никој од овие солуции не смее да изненади. Работите се дотаму стигнати што стратегиите на големците се менуваат речиси преку ноќ. Тие ќе соработуваат само со оние кои им се подмитуваат и ги исполнуваат сите наредби кои им се поставуваат за реализација на геостратешките определби на центрите на моќта, а оние непослушните ќе бидат фрлени во амбисот како што многупати досега историјата покажала. Така беше со Туѓман, Милошевиќ, Хусеин, Бин Ладен, Либериецот Чарлс Тејлор, така веројатно отсега ќе биде и со Тачи и неговите реформирани и расформирани терористи. Најпрво издигнати на пиедестал како поборници на големите идеи на големите народи, а потоа доведени на работ на маргинализмот и исчезнувањето.

СТАРИ СТРАТЕГИИ

САД и натаму продолжуваат со таквите стратегии. Кој е следниот? Па се разбира, времето и годините раѓаат нови херои, нови водачи. Тие си имаат свој зачеток, кулминација и распад на својата политичка империја и идеологија. Ако тоа досега низ децениите неколкупати се покажало зошто да не се појави нов вожд на Балканот, во Азија или на Средниот исток? Пентагон игра со нов шпил карти, софистицирано пластифицирани, помалку мистериозни. Станува неизвесно, непредвидливо, со авантуристички предзнак. Станува мошне интересно. Оние кои пред извесно време го јадеа стапот денес добиваат безрезервна поддршка во справувањето со истородните проблеми, а пак довчерашните сојузници добиваат предупредувања и плаќаат пенали за истото она што го правеа до вчера. Македонија е најкристален и најсвеж пример за тоа. Се чудиме сите деновиве како државава ни добива пофалби за професионалните залагања на институциите и безбедносните сили за решавање на напнатата ситуација во пограничниот појас, како имаме аплаудирања за новата стратегија при спроведувањето на Рамковниот договор и слично. А, Македонија и пред две години идентично реагираше на вооружените групи, но тогаш секојдневно добиваше шлаканици за секој куршум отповеќе испукан. Значи, Вашингтон овојпат не реагира на чинот што се презема, туку реагира на начин кој го задоволува сопствениот интерес во овој регион. Значи ли тоа дека интерес на САД овојпат е стабилна, безбедна и просперитетна Република Македонија? Ако е така вреди да се поработи со нив и да се имаат за наши па ајде нека бидат и први сојузници за излез од кризата. Но, реално се поставува прашањето, до кога Македонија и македонските граѓани ќе останат под закрила на американското стратешко сојузништво? Веројатно дотогаш додека не се појави некој нов и за нив позначаен фактор кој подобро и попонизно ќе им се престави како услужен сервис за исполнување на нивните мегаломански и неоколонизаторски проекти. А, дотогаш Македонија е на потег.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"