НАТО и ЕУ незадоволни од акцијата во Брест

Акцијата на македонските безбедносни сили во Брест не може да се оквалификува како успешна. Командантите на АНА не беа фатени, а беа убиени две лица што, иако во униформа, се "ситна риба", смета Брисел.

Ние ја поддржуваме Владата да ги фати криминалците но, истовремено, да го "ракува" меѓуетничкиот процес и да го забрза спроведувањето на охридскиот процес - изјавил за "Дневник" генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон.

Црвенковски му го урива рејтингот на Ахмети

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на амбасадорите на ЕУ и на НАТО им се жалел дека Црвенковски му го урива рејтингот со тоа што полициската акција во Брест била спроведена без знаење на полициските функционери од Демократската унија за интеграција.

ДУИ бара меѓународна помош за амнестија

Демократската унија за интеграција преку партискиот лидер Али Ахмети, побарала поддршка од високи претставници на меѓународната заедница во земјава за амнестија на 60 лица. Неофицијално, како што објавија некои медиуми, ДУИ се заложила за повлекување на обвиненијата на заостанатите случаи за кои се водат постапки во судовите.

МВР демантира дека Чакала е ранет

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ја демантираше веста која ја објави косовскиот информативен центар, во која се вели дека Авдиљ Јакупи-Чакала, еден од водачите на т.н АНА, наводно бил ранет со три куршуми во оружената престрелка со македонските безбедносни сили и дека бил испратен на лекување надвор од земјата, во странство.

Пукано врз полициска патрола

Најмалку три непознати напаѓачи на 16 септември, околу 23 часот од автомобил во движење испукале рафал врз полициска патрола кај жичарницата во Тетово, при што нема повредени лица.

Според полициски извори, рафалот е испукан од возило марка „БМВ“, со тетовски регистерски таблички, во кое што имало најмалку три, засега неидентификувани напаѓачи.

Во НАТО до 2006 година!?

Македонија се надева дека во 2006 година ќе добие покана за членство во НАТО, што ќе & овозможи стабилност, безбедност и дополнителна гаранција за непроменливоста на границите, оцени министерот за одбрана Владо Бучковски во обраќањето на Форумот "Македонија во НАТО 2003-2006".

Трајковски му се налути на Црвенковски

Претседателот Борис Трајковски им се налутил на Црвенковски и на Владата, бидејќи не му дозволија тој да го отвори форумот "Македонија во НАТО 2003-2006", па воопшто не се појави на настанот. Од негово име зборуваше советникот за национална безбедност Стево Пендаровски.

Трајковски досега имаше повеќе шанси да ги промовира нашите визии за членство во НАТО, па сметавме дека е добра можност на таа тема да го слушнеме и премиерот, изјави министерот за одбрана Владо Бучковски.

Продолжуваат проблемите во "Арсени Јовков"

Родителите на учениците Македонци од скопското училиште “Арсени Јовков”, на 17 септември протестира пред Владата. Тие бараат министерот за образование, Азис Положани, писмено да го повлече решението за селење на албанските паралелки од училиштето “8 Септември“ во “Арсени Јовков”.

До затворањето на овој број немавме информации дали премиерот Црвенковски се сретнал со претставниците од Одборот на родители.

Владата подготвува отчет

Владата на премиерот Бранко Црвенковски подготвува отчет за едногодишното владеење, кој ќе биде темпиран некаде околу први ноември. Во отчетот, ќе им биде реферирано на граѓаните што направил досега Црвенковски и кои се неговите следни активности.

"Лавовите" не дозволуваат да бидат изиграни

Ако нашите деца плачат, нивните сигурно нема да се смеат. Не дозволуваме власта во земјава да не изигрува и да не манипулира. Вака се закани претседателот на самостојниот независен синдикат на "Лавовите", Драган Кимовски, како одговор на изјавата на министерот Хари Костов дека ниту еден припадник на оваа Единица не може да стане полицаец ако нема завршено средно образование.

Протест на битолските средношколци

Повеќе од 3.000 ученици од сите битолски средни училишта, но и граѓани, на 16 септември, мирно протестираа на плоштадот "Магнолија", од каде што до министерот за образование Азис Положани упатија порака дека ќе продолжат со протестите и бојкот на наставата се додека не добијат писмено известување дека проектот за албанска гимназиска паралелка во Битола се напушта.

Обесштетување за уништените имоти

Жителите од Македонска Каменица чии имоти беа уништени од истекувањето на јаловината од рудниците за олово и цинк “Саса”, ќе бидат обештетени, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Љубомир Јанев.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"