КОМЕНТАР

Сито и Решето

БЕТТЕР!

ПО БЕТТЕР!!!

НАЈ БЕТТЕР!!!!!

Од Редакцијата

Овие десетина години од осамостојувањето можеме едноставно да ги оцениме како тотална мизерија која не води во целосен колапс. Што значи дека ние всушност никогаш не сме станале независни, бидејќи ако претходно премногу не врзуваше поранешната економска коњуктура сега сме зависни од: ММФ, СБ, НАТО, ОБСЕ, САД, ЕУ и од Албанците...

Табелата е голема. Дури преголема за да можеме да истраеме за век и веков. Но, што да правиме кога сонот ни го уништија македонските политичари, бидејќи повеќе мислеа за својот џеб отколку на својата држава и на националниот интерес на македонскиот народ.

Тие беа и се уште се главните фактори кои ни ја одредуваат судбината, храната, поточно помијата што секојдневно ја голтаме со затворени очи. Тоа е нашата реалност од која нема бегање. За неа сме виновни самите оти дозволивме да не “мотаат” околу малиот прст и денес да не стават во рамка. Од таков полош јарем нема здравје. Не еволуираа политичарите, туку народот го стегаше ременот. Тие останаа на власт, а ние и понатаму сме долу пикнати в земја и сардисани од сите страни. Поголема перфидност не сме виделе, освен што можеме да ја надградуваме и да ја доградуваме, ако во меѓувреме не преземеме конкретни мерки за да си ја спасиме голава кожа.

СОСЕДИТЕ НЕ ПРЕТРКАА

Времето си врви, ние си старееме, а како годините си одат и надежта ни се губи. Ниту сме живееле добро, а ниту можеме да сметаме на подобро, бидејќи доаѓа најлошото. Да – "бетер" не може да биде. Во овој бермудски триаголник сме приклештени оти немаме совесни и одговорни политичари кои ветуваа кули и градови, а всушност живи не закопаа. Очигледно трпеливоста ним најмногу им се исплати, а нам ни останаа трошките да ги собираме ако и тоа ни оставија од своите богати трпези. Затоа вака мизерно живееме и простум гледаме, а ништо не преземаме. Зошто се мора молчешкум да биде проследено? Нели "побетер" кучешко време нема!

Не зафатила колективна апатија и тотална разочараност. Ефектот од 1991 до 2003 година е нула. Наместо да одиме напред, сите не претркаа. Дури Албанија која во 1997 година беше распадната по нарачка сега е пред нас. Да не зборуваме за Бугарите или жртвените јарци што сега живеат во т.н Србија и Црна Гора. Тие го прегрмеа најлошото, но дали ние ќе имаме духовна и национална сила да го пребродиме најлошото. Што ни подготвуваат аждаите? Уште една војна, распетија, крвопролевања или поголема сиромаштија!? Анархијата е неминовна работа, бидејќи нема цврсти докази дека нешто убаво се случува на економски или на политички план во Република Македонија. Премногу аргументи не водат на овој заклучок оти празните ветувања дека не очекува подобра иднина веќе не палат кај гладните и сиромашни маси. Стапот што го изедовме премногу боли. Дури грбот ни е помодрен од неговата практика. Политичкиот аванс е потрошен.

НИ ВСАДУВААТ УМ

Оваа голгота што ја доживува македонскиот народ и другите граѓани всушност е и смешна. Само луѓето без “резон” можат да дозволат на неколку пати да ги лажат со исти соништа. Ќе има вработувања, зголемување на стандардот. Ќе биде спречен апашлукот, ќе влеземе во ЕУ, НАТО и потоа .... ќе тече мед и млеко. Но, ни од медот ни од млекото нема трага. Нема вработувања, нема зголемување на стандардот, нема ... живот.

Кој тоа го лажеше народот на големо? Кој на кило продаваше “лажги без опашки”? Коалициите и Премиерите. Тие му “всадија ум” на народот оти ќе живее во идила. Меѓутоа, од неа нема ништо. Ломотеа што ломотеа, дојде време за отчет. Арно ама нема кој да им ја бара белешката. Не клонираа во роботи и во пензионери. Никој ништо не работи во оваа држава освен што се краде на големо, а уште повеќе се лаже. Како општество станавме лабилна заедница која се предаде на реалноста. Во македонскиот лавиринт живееме затоа што се уште сме експериментално лабараториско глувче за меѓународната заедница. Таа се уште верува во својата зацртана теза: за можното опстојување на човековиот род, нација, народ или држава. Затоа протекторатот се стега. Душегрижниците се повеќе си играат мајтап со нас. Дури и на Премиерот му делат лекции. Но, тој е голем мангуп се додека народот може да го држи во заблуда. Под контрола тој ќе биде се додека дели социјална помош.

ЛИХВАТА

Добро ... можеби живеевме во некое минато време, а "побетер" здравје. Освен ако Господ не ни се смилува и ни подари здравје за да ни ја крепи душата од најлошото ... што дури сега претстои. Општ е впечатокот дека сме инволвирани во една тајна завера од која тешко дека ќе се извлечеме, бидејќи немаме “наш коњ за трчање”. Ние не трчаме напред, туку наназад. Во тоа никој не не спречува, туку ни дозволуваат да го враќаме тркалото, бидејќи така може полесно да не прават зависни од странските донации. Затоа тие не влечат за нос и постојано се во право. Поголем цинизам нема. Освен и тој да се смени. Но, каде се видело и чуло богатиот од своја уста да дели ако претходно не ја пресмета својата лихва. Затоа ова што ни се случува однапред е пресметано и извагано. Прашање е само во кој кош не ставаат? Ако веќе не сместија во т.н. Западен Балкан каде утре ќе не лоцираат. Можеби близу до африканските земји чија основна одлика се нестабилноста, тоталитаризмот на војската, смена на диктатури итн. Затоа вака вечно не може да се живее, освен ако меѓународната заедница го чека поволниот момент и од утре рече: од денес нашето име и презиме се менува и ние ќе имаме ново и непрепознатливо име и презиме. Гледајќи ги настаните како се одвиваат тогаш мораме со жал да констатираме дека тоа опасно време се приближува. Дали ќе имаме сила и доблест да го спречиме?


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"