Но, мошне заначајни за мак-фудбалот се поуките кои можат да се извлечат
од овој циклус и со правилна селекција да се направат напори веќе во
следниот циклус да играме значајна улога во нашата квалификациона група.
Некои работи кои се случија во овој циклус треба да се искористат за да се
определат правците на понатамошното дејствување на македонската Фудбалска
федерација и на македонските селектори.
ЛОШ СТАРТ
Пред почетокот на овие квалификации имавме голема верба дека ќе успееме
да направиме нешто повеќе. Сето тоа беше подгревано и од изјавите на
тогашниот селектор Никола Илиевски кој ветуваше дека Македонија овој пат ќе
успее да го избегне фамозното четврто место во групата. Игрите во
подготвителниот период ветуваа дека оваа репрезентација може да го направи
тоа, но...
Пред самиот почеток на квалификациите селекторот направи еден мошне
неочекуван потег кој предизвика многу контроверзи и низа од полемики во
врска со тоа дали таков чекор е оправдан или не. Имено, селекторот се откажа
од услугите на играчи кои до тогаш беа носители на играта на нашата
репрезентација промовирајќи и форсирајќи една млада и полетна репрезентација
која би играла заедно подолго време. Но, уште на самиот почеток доживеавме
сопка и тоа од еден противник како репрезентацијата на Лихтенштајн која
порано ни претставуваше само полесен тренинг и ја победувавме со десет гола
разлика. Нерешениот резултат во Лихтенштајн само како да ни кажуваше дека не
е се така како што планираше стручниот штаб. Загубата на планираните бодови
придонесе за една мачна и тешка атмосфера во репрезентацијата. Следуваа
откажувања на некои репрезентативци кои влегоа во конфликт со селекторот кој
упорно настојуваше да се спроведува неговиот начин на работа.
По многу турбуленции дојде поразот од Турција на домашен терен на кој
прикажавме добра игра, а потоа и нерешениот резултат против Англија,
резултат кој тогаш влијаеше како лек за сите наши рани. Но, тука исто така
се направи грешка. Наместо да ја искористиме еуфоријата која настана во
репрезентацијата и тоа да ни даде еден поголем поттик, ние успеавме да
изгубиме од Словачка дома и да се вратиме во реалноста. Потоа дојде
очекуваната победа против Лихтенштајн и новиот пораз од Турција, повторно по
една добра игра.
И тогаш се случи она што постојано ни се случуваше во другите
квалификациони циклуси - го сменивме селекторот. Некако како да стана
практика да не завршуваме еден циклус на натпревари со еден селектор. Таква
судбина имаше и Никола Илиевски - Џиџи. Тогаш се тргна во потрага по еден
странски селектор, но кога во ФФМ увидоа дека тоа ќе чини прескапо, сепак се
решија за една преодна фаза кога ќе имаме еден таканаречен в.д. селектор, а
изборот падна на Драган Канатларовски кој исто така порано беше контроверзно
сменет. Тој немаше многу време да менува во составот, па продолжи со истиот.
Новиот в.д. селектор настојува тој да биде назначен за селектор и да му се
овозможи да истурка еден целосен квалификационен циклус. Дали тоа ќе му биде
овозможено, ќе видеме наскоро.
МЛАДОСТ И ИСКУСТВО
Она што е многу важно по завршувањето на овој циклус е да се седне на
маса и да се обидеме да ги извлечеме позитивните работи од овој циклус.
Секако дека најпозитивно е што конечно може да се каже дека е извршена смена
на генерации која обично е многу болна и проследена со многу лутење и лоши
резултати.
Сега можеме конечно да кажеме дека во тимот имаме одличен спој на
младоста и искуството. Артим Шаќири, Ѓорѓи Христов и Гоце Седлоски, нашите
ротирачки капитени, се издвоија како лидери на оваа генерација. Тука секако
треба да се споменат младите (не постари од 20 години) Пандев, Гроздановски,
Стојков, Наумоски, Шумуликоски кои веќе се изборија за свој првотимски
статус. Сите тие имаат одиграно неколку натпревари заедно и фудбалски кажано
веќе се читаат меѓу себе. Тоа е предноста која треба да се искористи од оваа
генерација. Тука треба да се работи и од неа треба да се очекуваат резултати.
Следуваат квалификациите за Светското првенство. Се надеваме дека ќе
бидеме пријатно изненадени.