ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Празникот Чесен Појас на Пресвета Богородица

ПОЧЕСНА ОД ХЕРУВИМИТЕ И НЕСПОРЕДЛИВО ПОСЛАВНА ОД СЕРАФИМИТЕ

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Нејзиниот Сесвет, благодатен и чудотворен Појас, останал во гробот како највистински доказ и непобитно сведоштво за воскресението на Пресвета Богородица и вознесението на небо во тело.
  • Според Светото Предание, Чесниот Појас бил ткаен од Мајката Божја, која го исткала од камилски влакна. Тој најпрво се чувал во Ерусалим. Подоцна бил пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во Богородичната Црква во Влахерна.

Особено место во животот на Светата Црква зазема почитувањето на Пресвета Богородица, Мајката на Господ Исус Христос. Неа ја величаме како "Почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите", како што светото Писмо ги нарекува овие ангелски чинови. Празникот Чесен Појас на Пресвета Богородица е поврзан со Успението на Божјата Мајка, Мајката на живоносниот Источник - Живиот Христос.

Богородица упокоена лежи врз смртниот одар. Над одарот Самиот Христос во рацете ја држи нејзината душа обвиткана во бело. Околу Неа се апостолите, ереите и многу луѓе. Сите тагуваат за Неа. Само Христовиот апостол Тома го нема. Тој го проповедал Евангелието во Индија и пристигнал на третиот ден по погребот.

Пресвета Богородица со Светиот Појас

Апостолите решиле да го отворат гробот на Преблагословената Богородица, за последен пат да го види Нејзиното сечесно тело, да го целива. Но, кога го отворија гробот, ги фати ужас. Го гледаат Светиот гроб. Тој е празен. Телото на Богородица го нема во него. Во гробот ја гледаат Чесната Плаштаница (Појас). Со солзи на очи го целиваат Чесниот Појас. Го молат Бог да им открие што станало со Пречистото тело на Божјата Мајка.

РАДОСНА СРЕДБА

Сите се заедно на трпеза во Гетсиманија. Наеднаш слушаат ангелско пеење. Ги подигаат очите нагоре и "Тие ја видоа во воздухот Пречистата Божја Мајка жива, опкружена со мноштво ангели". Таа сјаеше со неискажана слава и им рече дека со нив ќе биде во сите денови. "Пресвета Богородице, помагај ни", - извикале радосно. Светата Црква се увери во тоа "Дека Пречистата Божја Мајка во третиот ден по погребението била воскресната од Синот и Својот Бог, и со телото земена на небото. Нејзиниот Сесвет, благодатен и чудотворен Појас, останал во гробот како највистински доказ и непобитно сведоштво за воскресението на Пресвета Богородица и вознесението на небо во тело. Затоа светите апостоли "повторно влегле во гробот и ја зеле оставената Плаштаница за утеха на тажните и како нелажно сведоштво за станувањето на Божјата Мајка од гробот". Нејзиниот гроб како и гробот на Божјиот Син се зачувани во Ерусалим. Целивајќи го Светиот Гроб на Богородица, местото каде беше положено Нејзиното Свето тело и оставен Нејзиниот Чесен Појас, не чувствуваме со Неа разделба, туку радосна средба. Чувствуваме дека "смртта не постои повеќе, дека самото човеково умирање станало акт на животот , негово влегување во повозвишен живот...". Таа доживеала телесна смрт, но воскреснала од мртвите и се вознела на небо третиот ден по Нејзиното Успение. Чесниот Појас се допирал до Нејзиното свето тело, света душа и свет дух, и Тој станал свет. Прославен е во целиот свет. Прави безброј чуда.

ЧУДОТВОРНА ТКАЕНИНА

Според Светото Предание, Чесниот Појас бил ткаен од Мајката Божја која го исткала од камилски влакна. Тој најпрво се чувал во Ерусалим. Подоцна бил пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во Богородичната Црква во Влахерна. Ковчегот никогаш не се отворал. Но, царицата Зоја, сопруга на цар Лав Мудри (886 - 912 година) душевно оболела. Царот го замолил Патријархот да се отвори ковчегот и Појасот да се стави врз телото на болната царица. Царицата веднаш оздравела. Во знак на тој настан се востановил овој празник.

Црквичка - гроб на Пресвета Богородица во храмот на Нејзиното Успение во Ерусалим

Постојат повеќе сведоштва дека Јован Шести Кантакузин кој владеел од 1347 - 1355 година, го подарил Чесниот Појас на манастирот "Ватопед". Дел од Појасот се чува во овој манастир, во сребрен ковчег. На ковчегот е насликан манастирот, а во долниот лев агол ликот на императорот Кантакузин - дарителот. Дел од Појасот се наоѓа во Грузија, во Зугдид. Ќерката на царот Роман се излечила во 942 година, со помош на Светиот Појас. Се омажила за царот Абухаз Грузијски и зела дел од тој Појас со себе. По наредба на рускиот цар Александар И се изградила црква во Мингрелија, во Зугдид и во неа "се чува тој дел од чудотворната облека на Пресвета Богородица". Во тропарот на празникот се вели дека преку Пресветата Богомајка и Вечна Дева "се обновува и природата и времето, зашто Таа го роди Обновителот и Спасителот на сите созданија - творенија".

Чесниот Појас лекува рак и стерилност кај жените. Празникот се слави на 31.08/13.09.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"