|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
Житијата на сите досега познати македонски светители (19)
ХРИСТОВИТЕ ПОБЕДНИЦИ ЗАМИНАЛЕ НА НЕБЕСАТА
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Свети Давид Солунски лично се познавал со царот Јустинијан Велики!
- Свети Никодим извесно време бил фанатичен муслиман, кој се вратил во
христијанството по престојот на Света Гора!
П родолжуваме со Свети Давид
Солунски (? - 540 година). Неговиот празник се слави на 26 јуни (стар стил),
т.е. на 9 јули (нов стил). За потеклото на Свети Давид Солунски постојат две
мислења. Едното е дека потекнувал од Мала Азија, а другото дека потекнувал
од Солун. Уште како млад свети Давид ги напуштил своите роднини, пријатели и
богатство и тргнал по патот на љубовта на Бог Исус Христос. Освен што го
изучувал Светото Писмо, тој ги читал и житијата на светителите и се
восхитувал од нив, сакајќи и самиот да ги подражава. Посебно бил восхитен од
подвизите на столпниците. Главно се подвизувал во околината на Солун, каде
честопати престојувал качен на едно бадемово дрво. Мнозина доаѓале кај него
за да ги слушаат неговите мудри зборови и да добијат утеха. Подоцна се
преселил во една ќелија што му била изградена во близината на бадемовото
дрво. Таму направил неколку чудесни извлекувања. Солунскиот митрополит
Аристид го замолил да појде кај царот Јустинијан заради некоја молба во
полза на градот.
Свети Давид повел со себе двајца свои ученици,
но им кажал дека нема жив да се врати во Солун. Кога стигнал во Цариград
имал средба со царот Јустинијан кој останал восхитен од преподобниот и му ја
исполнил молбата заради која дошол. Кога требало да се врати назад, свети
Давид се упокоил веднаш на дофат до Солун, исто како што и самиот претскажал.
Во некои извори како година на смртта на Свети Давид е наведена 548
година. Тој живеел во времето на царот Јустинијан Велики (527 - 565 година),
кој и самиот бил син на македонската земја и христијански светител. Нешто
помалку од еден век пред смртта на Свети Давид Солунски, авторот Теодорит
Кирски (393 година - средина на 5 век) за етничкиот состав на градот Солун
пишува дека е: "голем и многунаселен град, кој му
припаѓа на македонскиот народ".
СВЕТИТЕ ШЕСТМИНА МАЧЕНИЦИ
Нивниот празник се слави на 6 јули (стар стил), т.е. на 19 јули (нов стил).
Нивното заедничко житие почнува со податокот дека Атињаните Свети Исавр,
свети Василие и Свети Инокентие го напуштиле својот град и дошле во
македонскиот град Аполонија. Недалеку од овој град имало пештера во која се
подвизувале Свети Филикс, Свети Перегрин и Свети Еримие. Набргу тројцата
Атињани им се придружиле за да го слават Бога
заеднички. Свети Исавр бил најстар и тој
најмногу ги подучувал преостанатите за тајните на Светото Писмо. Тој се
грижел за нивната духовна храна, а тие му носеле јадење потребно за
одржување на животот. Потоа тие престанале да комуницираат со своите роднини
пагани во градот и набргу биле наклеветени на римскиот управник на Аполонија,
кој се викал Триптоние. Тој прво ги убедувал да се откажат од Христа, а
откако тие не попуштиле, наредил да бидат жестоко мачени. На крајот биле
осудени на смрт и главите им биле отсечени. Така овие Христови победници
заминале на небесата.
За овие свети маченици се знае дека биле погубени за време на владеењето
на римскиот цар Нумеријан. Бидејќи овој цар владеел од 283 до 284 година,
токму во една од овие години се случила нивната маченичка смрт. Поради
фактот што Свети Филикс, Свети Перегрин и Свети Еримие веќе се наоѓале во
Македонија кога им се придружиле тројцата христијани од Атина, јасно е дека
тие биле домородни Македонци. Впрочем, во житието пишува дека тие престанале
да зборуваат со своите роднини пагани од градот што значи дека Аполонија (град
на Халкидик) и навистина бил нивниот роден град (штом во него живееле
нивните роднини).
СВЕТИ МАЧЕНИК КИРИЛ
Неговиот празник се слави на 6 јули (стар стил), т.е. на 19 јули (нов
стил). Не се знае ништо за неговиот живот, освен податокот дека неговиот
помен се вршел во Солунската митрополија. Од ова може да се заклучи дека и
тој бил Солунчанец. За приликите во Македонија во 16 век пишуваме во житието
на Свети Теон Солунски.
СВЕТИ ТЕОФИЛ МИРОТОЧИВИ
Неговиот празник се слави на 8 јули (стар стил), т.е. на 21 јули (нов
стил). Во неговото житие читаме дека бил роден во селото Зилјахово во
Македонија (на патот помеѓу Серез и Драма). Потекнувал од побожно семејство
во кое уште од млади години се стекнал со христијанско воспитание. Кога
пораснал родителите го запишале на училиште. Покрај изучувањето на
световните науки, посебно внимание посветувал на проучувањето на Светото
Писмо и житијата на светителите. Набргу бил ракоположен за свештеник и
почнал да патува низ разни места за да ги подучува христијаните, давајќи им
пример преку сопствените подвизувања. Така се запознал и се спријателил со
епископот Акакие. Во тоа време во Египет се случиле неколку божји чуда за
кои бил известен цариградскиот патријарх Нифонт. Тој ги испратил во Египет
епископот Акакие и свети Теофил за да го известат околу тоа што таму се
случило. Тие стигнале во Александрија каде со радост биле примени од
александрискиот Патријарх. Оттаму заминале за Синај, а потоа и за Ерусалим
каде се поклониле на живоносниот гроб на Исус Христос и на другите свети
места. Биле и во
Дамаск, а кога се вратиле во Ерусалим, епископот
Акакие се разболел и починал. Свети Теофил се вратил во Цариград каде веќе
се наоѓал новиот Патријарх Пахомие кој набргу го поставил за свој писар и
егзарх на Големата Црква. Оваа должност Свети Теофил долго ја вршел, но
потоа сфатил дека му недостасува главната духовна храна, па се повлекол на
Света Гора во манастирот Ватопед. Таму живеел со некој целомудрен старец, а
по смртта на старецот заминал за Иверскиот манастир. Покрај целодневното
подвизување во името на Бога, Свети Теофил вршел и препишувачка работа на
дотраените книги. Набргу се прочул по својот богоугоден живот, поради што
новиот цариградски Патријарх Теолипт му предложил да го постави за архиереј
во Солун. Впрочем, самите солунчани упатиле такво барање до цариградскиот
Патријарх. Но, преподобниот не сакал да ја прифати оваа молба затоа што
сакал и натаму во мир да се подвизува за славата на Бога. Во својот одговор
до Патријархот напишал дека е болен и дека затоа не може да ја прифати таа
должност. Потоа Свети Теофил заминал да живее како монах во Кареја,
придружувајќи му се на тамошниот познат монах Кирил. Кога остарел Свети
Теофил самиот си го предвидел денот на својата смрт. Тој го повикал својот
ученик Исак и му рекол дека кога ќе умре не сака таа вест никому да му ја
соопшти и не сака да биде погребан со никакви почести. Откако ја кажал
својата последна желба, свети Теофил легнал на смртната постела и рекол: "Господи
Исусе Христе, прими ја мојата душа". Починал во јули 1548 година.
Цариградскиот патријарх Нифонт (Втори) што се спомнува во ова житие бил
на таа должност од 1486 до 1498 година. Од овој податок може да се пресмета
дека свети Теофил живеел најмалку уште педесет години по својот престој во
Ерусалим. За состојбите во Македонија во 16 век веќе пишувавме во житието на
свети Теон Солунски. Свети Теофил Мироточиви исто така дејствувал во рамките
на Цариградската патријаршија.
СВЕТИ ФОТИЕ СОЛУНСКИ
Неговиот празник се слави на 9 јули (стар стил), т.е. на 22 јули (нов
стил). За него само се знае дека живеел во 11 век и бил основач на
Акапниевиот манастир во Солун. Неговото име било спомнато само во
Ерусалимскиот кодекс (број 309) и во кодексот Г 86 во Атонската лавра. Друго
ништо не се знае за овој македонски светител. За приликите во Македонија во
11 век веќе пишувавме.
СВЕТИ НИКОДИМ ЕЛБАСАНСКИ
Неговиот празник се слави на 11 јули (стар стил), т.е. на 24 јули (нов
стил). Во неговото житие читаме дека се родил во албанскиот град Елбасан.
Потекнувал од семејство на побожни родители. Се оженил и добил деца. Но,
измамен од некои Турци, поминал во исламот, а посакал да ги исламизира и
своите деца. Но, едно од нив побегнало на Света Гора,
ne сакајќи да се откаже од Христа. Опиен
со фанатизам, Никодим тргнал да го бара својот син за да го преведе и него
во исламот. Кога стигнал во Света Гора, разговарал со синот и со тамошните
монаси, кои му укажале на неговата грешка, по што тој ја сфатил својата
заблуда и длабоко се покајал. И самиот останал на Света Гора, деноноќно
молејќи се и плачејќи заради своето отстапништво од Бога. Три години Никодим
се подвизувал, а потоа решил да го прими мачеништвото со тоа што јавно ќе се
прикаже како христијанин токму пред оние пред кои се откажал од Христа.
Откако добил благослов заминал за Елбасан и по улиците јавно почнал да
зборува дека се откажува од исламот и се враќа кон Христовата вера.
Градскиот паша се налутил и наредил да го фрлат од некоја висока кула. Но,
Свети Никодим останал неповреден. Потоа пашата наредил негово мачење, но
Свети Никодим сето тоа го издржал со помош на своето најсилно оружје -
молитвата кон Бога. На крајот главата му била отсечена со што се удостоил со
маченичка смрт. Тоа се случило на 11 јули 1722 година.
Според некои извори, свети Никодим бил убиен во 1709, а според други во
1714 година. Рускиот црковен историчар архиепископот Филарет Черниговски
смета дека Свети Никодим бил Словен од Албанија. Повикувајќи се на
ваквиот став, бугарските црковни историчари во нивни стил пишуваат дека
Свети Никодим бил македонски Бугарин, иако никогаш во Албанија не се
случило населување на Бугари. Штом (според Черниговски) Свети Никодим не бил
Албанец, тој можел да биде само Македонец, припадник на македонското
малцинство во Албанија, кое и денес живее во овие краеви.
(Продолжува)
|