ИСТОРИЈА

Питу Гули, илинденски војвода - 100 години од смртта

ПОСЛЕДНИОТ БРАНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКАТА

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Името на Питу Гули, прославен илинденски војвода, стана синоним за бестрашен борец, предан до смртта на македонското револуционерно дело. Тој е легенда којашто продолжува да живее, трајно вкоренета во народното паметење, богато опеана во македонските песни за последниот бранител на ослободеното Крушево. Неговата популарност видливо ги има оставено зад себе сличните подвизи и саможртви на стотини војводи и револуционери од илинденската епоха.
  • Неговата девиза била негување на долготрајната програмска ориентација за заедништво во неволјите, во борбите и во стремежите кон слобода на сите угнетени во Македонија. Тој бил пример за учеството на македонските Власи во ослободителните движења во Македонија.

Изворните податоци за животниот пат и за револуционерното дело на Питу Гули се скудни, фрагментарни, расфрлени низ мемоарите и литературата за борбите од илинденската епоха. Оваа празнина ја пополнува биографскиот осврт што го направи академик Манол Пандевски.

Среќна околност претставува фактот што за Питу Гули како и за многумина истакнати револуционери да не останат анонимни се погрижиле нивните преживеани соборци, блиски и пријатели.

ГОЛГОТСКИ ПАТ

Современиците се согласни во тврдењето дека Питу Гули се родил во Крушево и дека бил од влашко, ароманско потекло. Некои современици сведочат дека имал завршено само две одделенија основно училиште, а од сите кажувања следува заклучокот дека во младоста бил овчар, крчмар, гостилничар, заточеник и комита. По раната смрт на таткото, мајка му го главила, поскоро да слугува одошто да работи, кај богатиот трговец и сточар Манду во Кочани. Тогаш по првпат Питу ја почувствувал горчината на експлоатацијата и понижувањата. По некое време, како и многумина други крушевчани, во потрага по подобра егзистенција, се нашол меѓу македонските печалбари во Софија.

Годината на раѓањето се изведува од сведоштвата за неговото влегување во четата на Адам Калмиков. Неколкумина современици тврдат дека тогаш, во 1885 година, тој бил на дваесетгодишна возраст. Затоа може да се прифати дека Питу Гули е роден во 1865 година. Тој бил врсник на Пере Тошев и Ѓорче Петров, а на Мечкин Камен загинал на 38-годишна возраст.

Калмиковата чета се формирала во Ќустендил, а се состоела од 120 четници, чија главнина дошла од Софија. Со неа дошол и Питу Гули. Префрлувањето преку границата станало во две групи, ноќта на 18 спроти 19 мај 1885. По влегувањето во Македонија, четата се движела во јужна насока - преку Осогово, Пијанец, Голак, Плачковица, Радовишко и Плауш кон Демир Капија. Во Радовишко четата била откриена по што започнале прогоните, судирите и разбивањето. Против неа излегле јаки потерни единици, составени од турска војска и башибозуци. Најтешко било тоа што, останувајќи без водичи и врски, четата изгубила ориентација, а преминот на Вардар кај селото Градец бил чуван од бројна аскерска единица.

Питу Гули, на голготскиот пат од Ќустендил до Солун, ја споделил судбината на своите преживеани соборци. Тој ги доживеал гладот и заморот, турските потери и заседи, понижувачките мигови на предавањето, тагата на разделбата со другарите и со оружјето. Заробените востаници во Солун биле држани неколку месеци во затворот "Беаз Куле" (Белата Кула), којашто и денес стои до самиот морски брег. Турските архиви се уште ја кријат тајната на судењето, но се знаат тешки пресуди. Сите добиле по десет години затвор, освен Ташко од Лазарополе, кој затоа што изјавил дека тие дошле да се бијат за ослободувањето на Македонија добил 15 години. Судот го одредил и местото на издржувањето, во затворот на градот Аргале Маден, оддалечен два дена пешачење на исток од Дијарбекир. Поаѓајќи со брод од Солун, изврзани еден со друг со синџири од по седум алки. Целото патување од Солун до Аргале Маден траело три и пол месеци, од 19 декември 1885 до 28 март 1886 година.

Питу Гули се вратил во родниот крај во годината на основањето на Внатрешната македонска револуционерна организација којашто само по две години ќе почне да ја разгранува својата мрежа и во Крушевско. Доста скудни се податоците и за овој период од неговиот живот. Се спријателил со семејството Зердевци кои држеле гостилница во Кичево. Крушевчани и денес кажуваат дека Питу Гули, пак во тие години и во Крушево отворил кафеанче во месноста Ќошкот, кај Влашка Корија. Питу отпрвин работел во Кичево, а потоа во родно Крушево. Зачленет во Организацијата и поврзан со нејзината мрежа, крушевското меанче го претворил во сигурен јатак за организационата чета на Дуко Тасев, другарот од заточеништво. Преку него крушевската организација ги одржувала врските со четите на ВМРО. Во тие години, во 1895 или 1896 година, тој се оженил со крушевчанката Евгенија, ќерка на сточар од Крушево. Така Питу задомил дом и формирал семејство. Во бракот со Евгенија имале четири деца - три сина и една ќерка.

Изворните материјали не ја посочуваат годината на повторното одење на Питу Гули како печалбар и емигрант во Софија. Но, отсуството на неговото име од хрониката на неколкуте крупни настани што се случиле во Крушевско во првите две години од минатиот век, говорат за тоа дека Питу Гули го напуштил родниот град кон 1900 година. И во Софија, на периферијата од градот, Питу држел скромна гостилница која станала сврталиште на македонските емигранти и комити, во прв ред, од Крушевско, Кичевско, Прилепско, Демирхисарско.

Питу Гули во Софија останал до март 1903 година, кога по вторпат, сега веќе како војвода на чета, тргнал за Крушевско.

ДРАМАТИЧНА РАЗВРСКА

По пристигнувањето во родниот крај Питу Гули се здобил со уште поголема популарност и авторитет и наеднаш бил вброен меѓу командниот кадар и вклучен во војводското тело на Крушевскиот востанички реон. Во тие денови сите биле максимално ангажирани во подготовките на востанието, а за Питу се кажува дека со таква цел ги обиколувал селата. Неговиот одред бил најмногуброен. Тој од селата ја собрал и селската милиција, па одредот на почетокот броел околу 350 луѓе.

На Втори август утрината Питу пред сите востаници одржал говор, наспомнувајќи им ја заклетвата и барајќи строго извршување на наредбите од претпоставените старешини.

Веднаш по преземањето на градот, Питу Гули демонстративно ја искажал својата гордост и радоста од постигнатиот успех. Јавнат на бел ждребец, облечен во запленета беговска срмена облека, тој одел на чело на одредот, следен од знаменосецот Ѓорѓи Димев, со развеано знаме. Десетина дена потоа, подготвувајќи се за одбрана на Крушево, и востаниците се реорганизирале и прегрупирале. Утрото на 12 август Бахтијар паша го испратил фатениот Крушевчанец Коста Њику Баждавела во својство на парламентарец кај востаниците со порака да се предадат "на милоста на султанот". Заедно со пораката дошол и ултиматумот дека "доколку не се предадете и не наведнете глави, градот ќе го бомбардирам и запалам", додавајќи дека тој го смирил Косово и е кадарен да го смири Крушево. Иако постоело колебање во Штабот, конечното решение гласело градот да се брани, а на војводите им била испратена наредба секој да остане на своите позиции.

Последните денови, часови на Питу Гули ги опишал Наум Томалевски, учесник и сведок на настаните за кого Питу е "еден од големите војводи на Организацијата". И Томалевски знае дека Питу на последното советување во Штабот решително го отфрлил предлогот за предавање на градот, изјавувајќи дека тргнува кај четата за да се бие и да ги брани честа и градот.

Тој добил известување дека турскиот аскер наидува од три правци, така што морал да ја поведе четата кон Мечкин Камен. Пред конечниот распоред на бојното поле војводата, со кратка реч ги окуражил борците, строго наредувајќи им никој да не отстапува од своето место, а стрелбата да ја почнат само откако ќе го чујат истрелот од неговата пушка. Еден од учесниците во битката убаво се сеќава: "Потоа Ѓорѓи знаменосецот го раздипли свиленото црвено знаме и го забоде во земјата близу до себе и до двајцата свои наследници - знаменосци. Ја изгореа сета архива, се испрегрнавме и избацивме и фативме позиции во каменестото место. Питу беше во средината. Чекавме да наближат Турците".

По сигналот од војничка труба, непријателот тргнал во жесток јуриш, но бил запрен од плотуните на востаничките пушки и бомби. Томалевски запишал: "Турската колона кај Трстеник и Врбовец се појави зад грбот на четата, која веќе е блокирана скоро од сите страни. Страшен бој. Дојдовме на 5-10 метри, потем на 2-3 чекори и најпосле се измешавме со Турците... Не можевме да се служиме со пушките, зашто недостасуваа фишеци, а и затоа што тетовките и грчките пушки се прегреаја и не ги исфрлаа куршумите. Приквечер борбата престана, зашто Мечкин Камен беше покриен со мртви и тешко ранети четници на коишто никој не можеше да им помогне. Турците не запреа, туку со брз марш го продолжија своето настапување кон градот. Четници, башибозуци и турски војници лежеа мртви и ранети еден до друг. Дури утредента, по конечното освојување на градот, Мечкин Камен повторно поцрне од војници. Дојдоа да ги доубијат нашите ранети, да ги ограбат и да ги погребат своите".

Академик Манол Пандевски потенцира дека набргу по загинувањето, петчленото семејство на Питу се распаднало. "Него долго време ќе го прогонува проклетството на илинденскиот пораз. Тоа ќе ја сподели судбината на безброј други откорнати македонски огништа. Несреќите за домашните, во уште поголема мерка, продолжиле по драматичната разврска на Мечкин Камен.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"