а 14 септември 1942 година,
седуммина симпатизери на Народноослободителното движење кои биле предадени и
затворени од бугарскиот окупатор, од нивниот Велес биле однесени во
скопскиот затвор. Неколку денови таму биле физички и психички малтретирани,
а потоа доведени до месноста Пуста Кула крај Велес и на ѕверски начин убиени.
Станува збор за едно од многуте злодела на бугарските фашисти и во тоа
масовно стрелање биле убиени: Андреа Басаров, Панзо Бурчев, Перо Грков,
Мирко Димитриевски и Атанас Домазетовски, сите од велешкото село Рудник,
Амет Лојков од село Иванковци, Велешко, и Камка Тоцинова од Велес.
Жената во Велес и Велешко во текот на Втората светска војна и во борбата
за извојување на сопствените национални и социјални права и слободи земала
масовно учество. Македонската мајка и сестра не го жалела ни својот живот во
сопственото вградување за остварување на вековните татковински идеали.
Камка Тоцинова
Еден таков светол лик е и Камка Тоцинова. За неа во книгата "Жените на
Македонија во НОВ" читаме: "Камка Милева Тоцинова е родена во 1906 година во
велешкото село Рудник. Учествувала во НОД во Велес, од април 1941 година.
Чувала илегалци и била врска на истите со Велешкиот партизнаски одред. На
петти септември 1942 година, група од неколку селани од село Рудник, која
била подготвена да замине во одредот, илегално престојувале во нејзиниот дом.
На шестти септември Камка, позната како бестрашен курир ги води за врска со
одредот кај Раштанска Чешма, Велешко. Групата била провалена и откриена.
Камка е веднаш уапсена и одведена во скопскиот затвор. На 14 септември 1941
година без да и се суди била стрелана како партизански курир кај местото
Пуста Кула заедно со поголема група затвореници од скопскиот затвор".
ЗАСОЛНИШТЕ
Забележаните податоци ги збогатуваме со раскажувањата на нејзиниот син
Љубиша Тоциновски. Со семејството уште како дете се доселиле во Велес каде и
го продолжила своето образование. Во 1929 година се омажила за велешкиот
касап, угледен и богат граѓанин Милан Тоцинов (Велес, 1889 - 17 август 1963,
Зајечар, Србија). Младата и весела, но бунтовна и правдољубива жена ја имала
големата среќа исто така да влезе во старо и богато градско семејство чии
членови биле познати војводи, ајдути и комити. Никому лошо не правеле, но
должни не останувале на злото, лагата и предавството. Двајцата убави
младоженци биле чест и задоволство за градот. Светнувале сокаците од нив, од
нивната веселост и честитост, блеснувало сонце што го носеле во себе. Во
бракот им се родиле четири деца: Марија - 1931, Ружа 1933 - 2002 Љубиша -
1937 и Златица - 1940 година. Раскажуваат соседите за младоста и убавината
на Камка, за гордоста и елеганцијата на Милан, трговец и касап, секогаш
дотеран во црн костим со часовник од кој висело златно синџирче, за двата
гулаба од Сармаале.
Велешките илинденци, во првиот ред во средината е
Милан Тоцинов
Нивната куќа во маалото Сармаале со голем двор и со два излеза како
посебно да била изградена за безбедно престојување и засолниште. Постојано
во неа со денови престојувале илегалци, криени и хранети, подготвувани за
светото татковинско дело. Камка се грижела за нив, а Милан пак бил убаво
покритие со својот углед пред властите и полицијата. Подолго време во
нивниот дом престојувале четворица селани од Рудник и се чекал само пригоден
момент да бидат префрлени, односно поврзани со Велешкиот партизански одред.
Љубиша Тоциновски со возбуда и немир ја раскажува приказната според кажување
од неговиот татко Милан.
Судниот ден на градскиот стадион бил закажан фудбалски натпревар меѓу
двата велешки тима со цел на неа да се концентрира вниманието и будноста на
властите. Со две кошници полни со грозје под кои се носеле бомби, Камка ги
спроведува своите другари и соселани. Провалени, групата била пречекана на
патот и разбиена. Таа се вратила дома. На прашањето од сопругот и
непожелниот одговор, тој & предложил со чезата и заедно со децата да ги
засолни во село Каласлари. Таа решително го одбила тоа. Тие петнаесетина
дена беа во нашиот дом, рекла, ги чувавме и храневме, ги челичевме, та парче
по парче да ги сечат нема ништо да издадат.
ПРЕДАВСТВО
Но, не било така. Осумнаесетгодишниот Раде Бучев во затворот по големо
тепање се кажал. Вечерта куќата на Тоцинови била опколена и полицијата ги
одвела Камка и Милан. По нејзината идентификација таа била задржана, а
сопругот ослободен. Утредента групата била префлена во скопскиот затвор. За
тие денови на ѕверски измачувања и за самиот настан пишува и еден од
сведоците, Панче Пешев, во неговиот извештај до Покраинскиот комитет на КПЈ
за Македонија за стрелањето на партизанскиот курир Камка Тоцинова.
Вечерта околу 18 часот во две коли, затворениците биле извлечени од
затворот. За тој настан и бегството пишува Пешев, а доаѓањето кон Велес била
само попуста помисла дека сите се враќаат дома. Злосторството било однапред
смислено. На осум километри пред градот, на месноста Пуста Кула веќе била
ископана јама каде и е извршено стрелањето. Фашистичкиот окупатор потоа ги
дотолчувал со своите бајонети. На тој настан биле сведоци и видни велешани,
соработници на окупаторот. Еден од нив и му ја донел веста на Милан Тоцинов
кому пред тоа му дал немерено злато да ја избави неговата жена и мајка на
неговите четири мали деца од злото.
На излегување од Велес кон угорнината над езерото од десната страна на
патот се извишува споменикот како траен и нем сведок за овој крвав настан.
Во студениот мермер врежани се имињата на седумте стрелани родољуби. Меѓу
нив и името на курирот на велешкиот партизански одред "Димитар Влахов",
Камка Тоцинова. Тоа се само дел од кажувањата во интерес на вистината.
Аргуметните немаат душа, како душата на Камка, на нејзините сирачиња и
саканиот сопруг, илинденецот Милан Тоцинов. Останува свет долг да се
потсетиме на неа и на сите кои своите животи ги вградија во слободата и
иднината на Македонија.
Завршувањето на голготата на Камка, само ги назначува почетоците на
голготата на нејзиното семејство. Во нанизот години од пустош и штурост
малиот Љубиша и во соништата постојано ќе талка по мајчиниот топол збор,
нејзината милувка и утеха. А нејзината Златка немала ни две години кога
останала сираче. Семејството одеднаш и неминовно останува без огниште,
коренот како да загноил. А историската вистина не секогаш е справедлива.
Останува 14 септември 1942 година, масовното стрелање на бугарскиот
окупатор кај Пуста Кула, како ден и настан за помнење. Чест и достоинство,
светол пример како се сакаат и како се бранат својот народ и сопствената
татковина. Во таа нерамна, но света борба своите животи ги вградија и многу
македонски жени, меѓу нив и Камка Тоцинова од Велес која имаше само 36
години кога ја стрелаа, но големо и човечко срце и четири пиленца кои ги
остави трајно да тагуваат по неа.
Потсетувајќи се на овој крвав настан од македонската историја,
Редакцијата на "Македонско сонце" му изразува благодарност на Љубиша
Тоциновски за соработката и можноста за првпат да бидат публикувани
фотографиите како документ од првостепено значење, портретот на Камка
Тоцинова и групната фотографија на велешките Илинденци во која во средината
на првиот ред е Милан Тоцинов.