Дали е на повидок нашиот трет егзодус?
Не, не слушај Господе и не дозволи да биде така како што некој одамна
посакувал да биде опустен целиот долно-рекански регион, каде макотрпно
живеат Македонците со исламска религија.
На овдешнава македонска раја, под наезда на турската Империја уште во
втората половина на Х V
век & беше сменета верата (од христијанска во исламска). Господ бог & подари
глад и чума. Им одзеде повеќе млади животи и ги принуди да се раселат низ
цела Македонија.
Денеска жителите на скопските торбешки села Горно и Долно Количане, Умово,
Цветово и Пагаруша со гордост кажуваат дека водат потекло од Река, а таков е
случајот и со велешките: Врановце и Мелница.
Било поминало! Интересно е тоа што овие луѓе до ден денешен имаат слична
ако не и иста животна судбина, па од тогаш до ден денес тие се селат и се
преселуваат. Ваквото раселување на овој печалбарски народ опустоши многу
села низ Македонија, како Горно Врановце, Болетен, Селце, Сушица и други.
Порастот на бројот на торбешите се чини не им се допаднал на тогашните
југословенски власти, па на верска основа следеше нивно второ преселување и
тоа за Република Турција со изговор дека тие се остаток од Турците и покрај
тоа што не го владееја турскиот јазик, бидејќи нивниот мајчин јазик беше
македонскиот. Иселувањето за Турција траеше цели 10 години и ги опфати сите
торбешки села. Се иселија повеќе од 200.000 Македонци, а само од регионот на
Долна Река над 6.000 жители, а од географската карта беа избришани селата
Болетен, Сушица - Ростушка и други помали.
Морничава беше глетката кога се разделуваат мајка од ќерка, татко од син,
брат со брат и многу други блиски роднини. Се случуваше пред педесет години,
а ми се чини како сега да одѕвонува нивниот плач заедно со плачот на сите
радички камења.
Чинам дека најгласно плачеше високиот камен над жировничкото анче на
којшто младите жировничани се искачува за да бидат сликани за спомен, од
страна на сликарот Ѓоко Дренковски, зашто само тој го знаше занаетот.
"Сите слики за отпусните листи ни ги правеше мијакот од Галичник", велат
иселениците во Турција, и го проколнуваат денот кога застанале пред неговиот
фотоапарат.
Од 1960 година до денес селата повторно израснаа во големи урбанизирани
населби. Инфраструктурно се издигна скоро секое село и сите села се поврзаа
со асфалтни патишта, се електрифицираа, се поврзаа со телефонска мрежа, се
изградија нови училишта и амбуланти.
Пред десетина години Македонија се осамостои. Навлезе во демократските
процеси и ја отпочна приватизацијата (читај разграбувањето) на се што
значеше општествена сопственост.
Вредните работнички раце останаа празни, бидејќи се што заеднички
создадоа во "Скутекс" Скудриње, "Братство" Ростуше, "Мак-петрол" Велебрдо, "Фоп"
и "Бреза" Жировница беше украдено, а работниците беа оставени гладни на
улица, со препорака да се снаоѓаат како што знаат и умеат.
Голем број млади и работоспособни од овој регион убаво го сфатиле
аманетот на нивните прадедовци: "Однеси ја устата кај лебот, а не лебот до
устата", па затоа, почнаа масовно со цели семејства да се населуваат во
Република Италија. Оваа појава влева страв за целосно опустошување на
регионот Долна Река.
Кој посакува во Македонија второ Мариово? Мене не ми е јасно. Дали е ова
нашиот трет егзодус и дали вака треба да се чува татковината? Ова се прашања
за власта!
Абдула Оџески, с. Жировница
Во родното Герман по 55 години
Кога слушнав дека на 15 јули ќе се оди во нашите родни места ми се
пристори дека сонувам, па големата радост се претвори во солзи, ама за жал
се одложи за 20 август. Меѓутоа, иако се одложи за август, јас пак не можев
да верувам. Имав голема желба да одам во мојот роден крај, и затоа одев
скоро секој втор ден во клубот "Незаборав" за да се информирам дали ќе се
оди. Од клубот добивав информации дека и тие чекаат информациии од
надлежните. На крај се донесе дефинитивна одлука дека на 20 август во 7
часот со три автобуси од кај Гранд хотел се оди за Грција по толку чекање.
На граница чекавме 4 - 5 часа. Како што се доближувавме до границата
почнав да чувствувам некоја болка во душата и возбуда оти по 55 години ќе
одам во родното село Герман да си ја видам мојата куќа каде што сум роден и
каде што растев и да запалам свеќи на баба ми и преостанатите што ме растеа.
Средбата се одржа надвор од Лерин и потоа отидовме во Лерин, Костур,
Воден. На 23 август тргнавме со еден автобус секој каде што сакаше по своите
села за да запалат свеќи на своите предци. Сликата беше многу трагична и
неопишлива. Голема беше желбата да го видам моето село Герман, бидејќи го
носам името на црквата "Свети Герман". На 12 мај селото слави голем празник.
Во секоја куќа во селото кога ќе се родеше дете се крстеше на името на Св.
Герман. Ако е машко Герман, а ако е женско Германија. Селото Герман го доби
името од некојси патријарх од Константинопол кој беше избркан - осуден на
сургун да го изедат животните, арно ама човекот се снајде и преживеа. На
селаните, пасејќи ја стоката, им се изгубило едно теле и отишле да ги бараат
со запалени фенери до село Винени. Кога гледаат некое светло и кога се
доближија гледаат човек забраден со искинати алишта и го прашуваат - кој си
ти и што бараш тука?! Тој им одговорил дека патријарх од Константинопол го
испратил сургун, а се викам Свети Герман, што на грчки значи (агиос Геманос)
тука е закопан во специјален ковчег покриен со кадифе во посебна просторија
што е направена посебно до црквата во олтарот на црквата кон исток.
Тоа го направија селаните со преместувањето на селото од кај езерото во
атарот денешен во чест на светецот и така го крстеа Герман, во негова чест.
Герман Ѓаковски
Традиционален светски научен собир за македонската империја
Најнапред ви се заблагодарувам за објавувањето на текстот со наслов: "Потребно
ни е ново образование", иако сте вршеле непотребни и неправилни интервенции
од јазичен аспект. Со решението да го објавите тој текст и кај мене се
потврдува мислењето дека навистина сте независно гласило.
Сега ќе дадам друг предлог, кој ако цените дека може да го објавите и да
вршите интервенции според ваш наод, ама најважно е да се обелодени пораката
- идејата. Со слична содржина предлогов со писмо го упатив до МАНУ пред три
месеци, како најпогодна и врвна научно-политичка институција на системот.
Арно ама, не ме удостоија со никаков одговор како што прилега на Академија,
институција од највисок ранг со државнички коресподентен однос кон
обраќачите, кон странките, кон македонските граѓани. И јасно е зошто е тоа
така!
Следствено, предлогот е овој:
Редакцијата, вашата куќа "Македонско сонце", според медиумската улога во
земјава и во дијаспората, според длабокиот патриотизам и доследноста како
поборник за македонството и македонската кауза, да биде организатор на
традиционален светски научен собир на константна тема: "Македонската
империја". Собирот да се одржува секоја втора година преку лето во Охрид или
во Скопје. На него ќе се покануваат и ќе учествуваат истражувачи на
античката историја на Балканот и тоа од универзитетите на метрополите во
светот. Тие ќе даваат научни прилози што ќе ги објавуваме во зборник по
одржувањето на секој симпозиум. Со тоа Македонците и нашата држава постојано
ќе се збогатуваат со нови сознанија, материјали и факти од тој период за
разните аспекти на македонската цивилизација во империјата и кралствата,
афирмирајќи го нашето македонство од тој период, бидејќи сме под удар од
грчко-римската спрега за негирање. А и истражувачите учесници ќе бележат
објавување на научните трудови, односно лични успеси.
Сега барем кога имаме држава во еден дел на Македонија, време е да
почнеме со расветлување на историјата од времето на Филип и Александар
Македонски и да ја симнуваме загатката кои сме и што сме визави
грчко-римската негација.
За други појаснувања ви стојам на располагање. И овој пат верувам во
вашата храброст за прифаќање на предлогот, а и во вашата подготвеност, ако
ништо друго, барем да ја објавите како порака и меморандум до јавноста.
Владимир Иваноски - Лумбарко, Скопје
СПЦ е против македонскиот бит
(Отворено писмо до Синодот на Српската православна црква)
Ние припадниците на македонското национално малцинство во Србија и Црна
Гора, мошне сме разочарани од вашите ставови кои ги манифестирате против
нашата Света Македонска православна црква, нашата татковина Македонија, па и
против самиот македонски народ, каде и да се наоѓа во светот.
Вашите објаснувања во врска со несогласувањата со македонската
православна црква немаат никакви верски причини. Нивната суштина, всушност,
допира многу подлабоко, во битот на самиот македонски народ и неговата
држава, што очигледно е ваша основна цел, но не и само ваша. Сакаме да
знаете дека ние граѓаните на Србија и Црна Гора од македонско потекло не се
согласуваме да бидеме ваши верници, иако Вие тоа упорно од нас го барате.
Со почит,
Гојко Илиевски, претседател на Македонската заедница во
Србија и Црна Гора
Вандалите пред Меѓународниот суд
(Повод: Написот од Милева Лазова со наслов "Александровата библиотека
падна во заборав", Македонско сонце бр. 478 од 29.08. 2003 година, стр. 28)
Човекот колку градел, речиси толку и уништувал, што е вистинска трагедија,
па денеска се непознати или само делумно познати, па и деформирани, вистини
од минатото што би имале огромна важност, па и судбоносна за целото човештво.
Вистини, знаења, уметнички и други вредности. Но, изгледа дека наближува
денот кога вандалите кои на еден или на друг начин дејствуваат кон губење
или уништување на важни документи ќе можат да бидат седнати на обвинителна
клупа пред Меѓународниот кривичен суд за злосторства против човештвото.
На авторот на написов не му е познат точно случајот за кој се зборува во
гореспоменатата вест, но општо зборувајќи го констатира следново: д-р Душко
Алексовски изгледа е гонет од некои лица заради завист, или други причини,
оти неговите тешкотии по пишувањето на македонски весници не датираат од
вчера, туку се повторуваат и траат веќе неколку години, па прашањето што се
поставува е: Кој и зошто го персекутира тој човек? Мило ќе н& биде, а и
потребно е да се публикува одговорот на овие прашања.
Доколку е сосема онака како што во спомнатиот напис е публикувано за
книгите зачувани од Александриската библиотека во тек на 23 века, сосема е
сигурно дека некој извршил злосторство, не само против Македонија и
нејзиниот народ, туку и воопшто против човештвото, злосторство
карактеризирано како такво од многу светски јавни личности. На пример, кога
Ирак беше заземен од англо-американските сили, Музејот на Багдад, останат
без своите чувари, почна да биде разграбуван од страна на организирани банди.
Така исчезнаа уникатни предмети, некои стари со илјадници години, што се дел
од историјата и од општочовечките уметнички и други богатства. Коментирајќи
го тој случај, францускиот претседател Жак Ширак, изјави дека станува збор
за злосторство против човештвото. Добро е ваквите изјави, а и тенденции на
меѓународното право да им бидат познати на оние кои заради морални профити,
финансиска алчност, а и лични непријателства и завист, вршат такви
злосторства било директно, било преку други - нивни соучесници.
Даниел Мелвил
|