ФОРУМ

ИСТЕРАН ОД РАБОТА ПОРАДИ КОМУНИСТИЧКИОТ МЕНТАЛИТЕТ "ПАРТИСКИ НЕПОДОБЕН"

Тони Белчовски, Скопје

Преку јавните гласила сакам да ја запознам македонската јавност за моето работно искуство и петгодишно работење во Електродистрибуција - Скопје. Со самото влегување во Електродистрибуција во септември 1998 година како да беше фрлена некоја анатема врз мене. Од почеток не ми беше дозволено да работам, па ми даваа погрешни податоци од проектите. Па кога ќе ги исправев сите работи наоѓаа забелешки за текстот. Уште на почеток сакаа да ме истераат од работа, но за среќа на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ и со тоа беа спречени да ги остварат своите намери. Ваквиот однос на одговорните и колегите кои работеа со мене доаѓаше по инструкција од надвор. Многу добро ми е познато и лицето кое ги даваше инструкциите, но сега засега нека остане анонимно, а во друга прилика ќе го именувам. По извршените промени по изборите 1998 година се создадоа услови и за унапредување на работата. Бидејќи дотогаш само во една канцеларија имаше стар компјутер, а колегите не знаеја да работат добро со него, јас им покажав како може побрзо и ефикасно да се работи на компјутер и можностите што ги дава за унапредување на работата во проектантското одделение. Тогаш дојде до набавка на повеќе компјутери во секторот за развој и инвестиции и беа испратени повеќе колеги на курсеви за компјутери, со што беше унапредена работата во проектантското одделение. Само јас за период од една година направив 15 проекти благодарение на брзото пишување текстови, правење предмери и пресметки на компјутери. Мојот дотогашен раководител Раде Николиќ, дипл.ел.инж., во просек правеше по 10 проекти годишно, иако имаше повеќегодишна практика како проектант. Колегите од Електродистрибуција ме известуваа дека со моето работење извршив компјутеризација на проектантското одделение. За неполна година започнав да изработувам и други видови проекти како што беа заземјувањата на трафостаниците.

Ваквата моја активност допринесе во февруари 2000 година да бидам поставен за раководител на одделението - перспективна енергетика и работата многу успешно ја извршував. Овде ја презедов и работата за мерење на оптоварување на трансформаторите, заради тоа што голем број трансформатори беа оптоварени во текот на зимскиот период. Овие мерења со текот на работата ги проширив и за прв пат во Електродистрибуција воведов мерење на вишите хармоници во електроенергетските мрежи на градот. На таа тема изработив и еден стручен труд кој го објавив во интерното списание на ЕСМ - Мако Сигре 3.6. 2001 година. Оваа година беше виорот на војната и во Електродистрибуција се донесе одлука клучните објекти да бидат обезбедувани од самите работници. Тогаш се уште технички директор беше Ѓорѓи Јанев, дипл.ел.инж. од СДСМ кој се плашеше да не му го земам работното место и затоа заедно со тогашниот раководител на секторот, Ацо Петров, дипл.ел.инж. и раководител на служба, Владимир Лабудовиќ, дипл.ел.инж.м прв ме мобилизира за обезбедување на хидроцентралата Матка. За таа одлука не приговарав, иако сметам дека беше каприциозна од многу причини. Понатаму беше сменето уште еднаш раководството на Електродистрибуција и во март 2002 година бев назначен за технички директор на фирмата. Оваа функција сметам дека ја извршив многу солидно. Само за неколку месеци беа изградени 60 трафостаници среден-низок напон. Многубројни улици беа осветлени со квалитетни светилки. За прв пат беа воведени нов тип на трафостаници од Норвешка. Беа започнати активности за изградба на трафостаница од среден напон ТС Мирковци. Но, заради силните опструкции кои ги вршеа кадрите лојални на СДСМ и кои беа организирани од познатиот фронт-мент на СДСМ и сегашен директор на подружница Електродистрибуција - Скопје, Стефан Хаџи - Костов, дипл.ел.инж., споменатата трафостаница не се заврши во целост, туку финалните делови ги заврши СДСМ. Опструкциите на СДСМ беа помогнати од госпоѓа Маријанти Лазаревска, дипл.ел.инж., која иако соработуваше со ВМРО-ДПМНЕ се декларираше како член на оваа партија и блиска пријателка на г. Љубчо Георгиевски, беше поставена за раководител на секторот за развој и инвестиции токму од оваа партија, за цело време играше некоја двојна игра меѓу партиите при што настојуваше да собере што е можно повеќе поени од двете партии. Сега е таа миленица на Стефан Хаџи-Костов и повторно е на висока позиција, раководител на служба во Електродистрибуција - Скопје.

Покрај овие активности, беа започнати и активности за изградба на гасна термоцентрала на подрачјето на град Скопје. Беа одредени и две локации каде што би можела да се изгради за прв пат ваква термоцентрала. Едната локација беше во близина на високонапонската трафостаница Аеродром, а другата во населба Пинтија во близина на индустриската зона. Беа воведени реформи во наплатата и уште многу други активности за коишто овде нема простор да се спомнат.

По изборите во октомври месец бев сменет и вратен на почетокот како инженерите приправници со најниска плата. Беше обезвреднето се што беше направено од мене до сега. Но, јас не обрнував многу внимание на тоа, туку си ја вршев работата. За несреќа тие отидоа дури дотаму што ме испратија да извршам проверка на струјомерите во с. Волково, нешто што можеа да го извршат обични средношколци од електроструката. За тоа реагираа и колегите од фирмата и луѓето од Волково кои ме познаваа. Јас и оваа задача ја извршив иако бев малку револтиран. Но, сето тоа не беше доволно. Старите и неспособни кадри од СДСМ сакаат целосно да ме елиминираат од фирмата плашејќи се од мојот континуиран напредок и мојата тенденција силно да влијаам врз работата на фирмата. Сето тоа беше организирано и спроведено од Јелица Трпчевска, дипл.ел.инж., која беше назначена за раководител на сектор за развој и инвестиции токму од СДСМ. Со одлука на Управниот одбор на ЕСМ во јуни сум поставен на списокот за технолошки вишок.

Поголем број кадровици на СДСМ кои работат на ист начин од 50-тите години не сакаа да се усовршуваат и да прифаќаат нови методи во работата, туку најлесно им е да ги исфрлат сите оние кои можат да напредуваат. Подготвував материјал и за докторска дисертација, но со отпуштањето овие активности беа прекинати. На СДСМ-овците токму тоа како да им пречеше. По добивањето на отказното решение барав правен совет од Народниот правобранител. За работните односи беше назначена правничката Маја Спасовска. По сите работи што & ги изнесов во врска со отпуштањето, таа ми рече дека тие направиле законски прекршок и правобранителството ќе преземе се што е во нивниот делокруг на работа. По четири дена добив известување дека тие веќе укажале кај Управниот одбор дека направиле законски прекршок, а јас треба да поднесам приговор до Управниот одбор на ЕСМ. Меѓутоа, госпоѓа Маја не ме извести за тоа какви допишувања се вршат за мене меѓу Управниот одбор и Правобранителството. Откако одредени колеги ме советуваа да си ги земам допишувањата за да можам да се бранам на суд, госпоѓа Маја одби да ми ги даде. Исто така не ме информираше за роковите кои треба да се исполнети за поднесување тужба до судот. Така првата тужба беше поднесена со два дена задоцнување. Но, по грешка и неспособност на правниците од ЕСМ добив одлука од Управниот одбор и тоа со задоцнување што од нивна страна претставува законски прекршок. По одлуката која ја добив писмено врз основа на неа напишав втора тужба овојпат во временскиот рок. Би сакал овде да напоменам дека во Управиот одбор на ЕСМ има и двајца професори од Електротехничкиот факултет. Професорот д-р Дамјан Христовски кој ме познава по тоа што како технички директор му овозможив заедно со тогашниот директор на подружницата да ги испитува сите наши високонапонски трансформатори и да извлече добра заработувачка. Професорката д-р Татјана Колемишевска - Гугуловска која исто така ме познаваше и ми беше асистентка по неколку предмети. Се обраќам до професорите и би ги прашал: зошто ги образувате младите луѓе за да остануваат на улица па дури и вие да учествувате во такви акции и да ги поддржувате? Нека знаат студентите дека за вас тие служат само за извлекување материјално добро, а за стручноста не е важно. Целокупната работа околу мене не е ништо друго, туку само политичка ујдурма, бидејќи сум член на ВМРО-ДПМНЕ, и не може никој да ме убеди дека јас сум вишок на работна сила како стручњак. Но, сегашното раководство не беше заинтересирано за мојата работа, туку само за елиминација на сите стручни кадри кои не се членови на СДСМ.

Се обраќам до генералниот директор на ЕСМ, господин Панде Лазаров, бидејќи добро го следев во Парламентот и пред телевизиските камери и пред целата македонска јавност кога го рече следното: дека отпуштањето ги зафаќа вработените од 1999 година па наваму. Тие структурни реформи не ме зафаќаат, бидејќи јас сум вработен 1998 година во септември месец. Значи, тоа е првата лага која ја произнесовте. Потоа рековте дека нема магистри по електротехника кои се отпуштени и дека ако има такви ќе ја скинете вашата диплома пред пратениците во Собранието. Господине директоре, јас сум тој магистер кој магистрирал со оценка 9,86 на Факултетот по електротехника во Скопје и тоа кај вашиот пријател проф. д-р Тодор Јакимов. Значи, тоа е втората лага. Ве прашувам господине генерален директоре, дали вие како рударски инженер сте постручен од мене за работа во ЕСМ или јас како магистер по електротехника? Дали вашиот технички директор, господин Никола Поповски, во Електродистрибуција - Скопје како градежен инженер е постручен од мене? Вашето излагање пред Парламентот и македонската јавност беше обична фарса. Работата со мене е многу јасна: Вашето комунистичко - неподобен - член на ВМРО-ДПМНЕ. Со ништо не можете да ја убедите јавноста дека тоа не е така.

Работата во Електродистрибуција многу дборо ми е позната. И ако се зборува за технолошки вишок ќе поверувам само тогаш кога ќе биде истеран нестручниот кадар кој навистина е административно вработен и претставува голем товар за организацијата, бидејќи на работа останаа машински инженери, гимназијалци, келнери и фризерки кои работат на такви места од каде што земаат поголема плата од мене божем нивната работа била поодговорна од нашата (мојата), каде понекогаш бевме изложени и на животна опасност. Покрај тоа, бројни се и тие дури што се вработени во 2000, 2001 и 2002 година, се разбира, бидејќи имаат дебела позадина или се вклучени во мафијашките работи на инженерите од СДСМ, па тие ги поддржаа да останат на своите работни места. Имиња не би сакал сега да наведувам, но ако дојде момент ќе ви ги празентирам по име и презиме. Сите овие активности против мене имаа влијание врз мене и врз мојата фамилија, сопругата која беше вработена по договор на дело и беше отпуштена во октомври месец како и шестмесечното бебе.

Со овој текст сакав само да ја запознам јавноста за тоа какви реформи се спроведуваат во ЕСМ.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"