По сто години се одлучив да ја опишам борбата, а со истражување кои се
причините за трагедијата што го најде селото како последица. Го запишав се
она што беше потребно, покрај другото за заедничката гробница на загинатите
Илинденци сместени на видно место во дворот на црквата "Свети Архангел
Михаил" за заедничкиот семеен гроб на погинатите браќа Ристо и Наум Тасеви
Крстаноски, за војводата на збирните чети Панделе Ангелов Спасески - "Ружин".
Скици од двата загадочни гроба кај Таш Маруништа
Во потрага уште по некој реликт од селските гробишта, наидов на два
загадочни гроба за кои и покрај истражувањето не најдов соодветен одговор и
останаа неодгатнати, а искрено би се радувал доколку некој верен читател или
друг познавач за карактеристиките на гробовите и крстовите би ми помогнал.
Имено, станува збор за два гроба: едниот е изработен од целокупна карпа со
стандардни димензии кој е уникатен за другите околу стотина гробови.
Поинтересно е што има два крста и тоа еден кај главата, а друг кај нозите,
на покојниот (или покојната). Првиот е од целокупна камена плоча со четири
отвори во кои во средината во вертикала и хоризонтала се оформени
правоаголници со четири полукружни отвори кои ги заокружуваат правоаглите
каде се оформува правилен православен крст.
Вториот крст, исто така, е од камен со помали димензии и би се рекло дека
неговата форма е стандардна на христијанско-православните крстови.
Вториот гроб со двата крста, исто така, е од камена подлога, но во
стандардни димензии со посебни странични камења и посебна плоча. Ништо чудно,
исто е и кај другите гробови. Карактеристика кај овој втор гроб е
физиономијата на крстовите кои исто така се поставени и кај главата и кај
нозете на покојникот (покојницата). Тие наместо правоаголна форма како што е
кај стандардните крстови, нивните краци се рамни од страните кај двата
хоризонтални крака, а кај исправениот исто така рамен одозгора. Но, сите три
кон средината не се хоризонтални, ниту вертикални во вид на правоаголници,
туку се конусни, што се единствен примерок за разлика од другите крстови.