ко љубопитноста кон македонските
духовни и живописни планини и езерски одблесоци ве поведе во бисерно
сончевата Преспа, посетете го манастирот "Св. Ѓорѓија" во с. Курбиново. Тој
со својот живопис, фрески и архитектура ќе ви ја отвори вратата на
ренесансата од 11 век во Македонија. Патот кон духовните вредности ќе ве
поведе во низа значајни средновековни духовни жаришта во планинските и
крајезерските населби и на островите Голем Град и Свети Ахил.
Кога сте во Преспа посетете го селото Подмочани, луѓето од ова село ќе ве
пречекаат со својата срдечност, љубезност и гостопримство. Тие со љубовен
занес ќе ви зборуваат за богатата народна духовна и културна традиција, за
нивната коренита сраснатост и поврзаност со родното село.
Во тие љубопитни посетители на Подмочани бевме и ние членовите од ЛК "Всарион"
од Демир Хисар. Во разговорот низ улиците, крај чешмите и црквите тие
нагласуваат: "Од душа си го сакаме родното село, ја сакаме Преспа како свето
поднебје. Носталгијата е пресилна кај тие кои ја напуштиле Преспа, заминале
на печалба, да спечалат пари, а во душата ги понеле родните огништа. Но, со
завет дека ќе се вратат и ќе вложат средства за Преспа надалеку да се слуша,
но и да се гледа од далеку". Така зборува во занес претседателот на
Црковниот одбор, Здравко Стојаноски. Нашите печалбари не го заборавиле
родното село, таму работат, но мислат на родното место, тие од срце и од
душа помагаат, донираат и се иницијатори за низа активности за да го
разубават родниот крај, економски да го подигнат.
ЖИВОПИСНИ УБАВИНИ
Не поведуваат со нивното возило на возвишениот рид Подмочанска Горица.
Занемени сме од глетката на пространата раскошна езерска и планинска
преспанска убавина.
"Тоа е дар од Бога", продолжува Здравко, кој вози кон угорнините. "Бог
посакал Преспа да ја позлати со езерски бисери, гори и високи врвови. И
подарил бистри потоци, ледени сенки, сончеви плажи и живописни убавини".
Одиме на самата височина на Горица, се восхитуваме на 30 метарскиот крст,
со 14 рефлектори, подигнат минатата година.
Тој преспански крст подигнат е по предлог-идејата и со своја прва
донација на нашиот сограѓанин Борис Ничов кој живее и работи во Чикаго,
познат македонски бизнисмен кој секогаш во душата ја носи Преспа и
Македонија, вљубеник во родниот крај.
Ја гледаме големата градба во која не се вложени само парични средства,
туку многу напор, труд на жителите на Подмочани. Преспанскиот крст се
воздигнува, ние помислуваме дека неговите корени продираат длабоко во
Езерото, во бистрите води, а со неговата светлина и духовна зрачност продира
до небеското соѕвездие.
Од Горица како на дланка се гледаат македонските села од македонската
Преспа во Вардарска, Преспа во Егејска и Преспа во Албанија. Се гледа
островот Голем Град, а во бескрајот одблеснува островот Ахил. Преспанскиот
крст духовно ги обединува сите Македонци и ќе биде закрилник светилник на
идните генерации. Така мислат луѓето од селото.
Низ вековите со гордост се зборуваше за царската Самуилова престолнина во
Преспа, црквата на Свети Ахил со 12 олтари. Но, сега преспанци се гордеат со
оваа најнова духовна градба, подигната од нашите бизнисмени во странство.
Патот и делото на Борис Ничев го следат и други иселеници во странство.
БЕСМРТНО ЕХО
Во вечерните часови, по златоносниот залез на сонцето над преспанските
води и планини, започнува како зрак, а потоа како голем запален факел да се
шири и одблеснува светлоста на преспанскиот крст од Подмочанска Горица кон
цела Преспа, светлината ги надминува граничарските камења, жици и препреки,
таа духовно ја сплотува Преспа, како во времето на Александар Македонски, во
времето на цар Самуил, се до Букурешкиот договор, од 1913 година, кога
Македонија е поделена на три дела и Преспа е распарчена на три дела.
Светлината на преспанскиот крст како да го оживува ехото на црковните ѕвона
од Преспанската патријаршија, благословот македонски од сите преспански
цркви.
Проектот е голем, но совладлив и ќе се претвори во дело, со слога и со
љубов. До Горица ќе се подигне манастир "Св. Петар и Павле", ќе се подигнат
конаци, амфитеатрална бина, во стилот на амфитеатрите од Александар
Македонски, спортски терени и базен.
Ја имавме таа можност да се сретнеме со бизнисменот кој работи во Чикаго,
а потекнува од селото, Борис Ничов. Тој ни се претстави љубезно. На нашите
прашања одговараше смирено: "Ние во странство не можеме да ги водиме
градителските акции во селото, ние од срце и материјално ги помагаме со
средства нивните зацртани планови, кои се и наши желби. Да се гради,
изградува, да се разубавува Подмочани, економски и духовно да се воздигне
Преспа. Надалеку да се слуша за Преспа, но и од далеку да се гледа нашата
убава Преспа, затоа го подигнавме и крстот. Бог од секаде да ја гледа и да
ја благослови нашата мила Преспа".
Се разделуваме, за пак да се вратиме меѓу овие питоми луѓе, во ова
прекрасно село, во убавата Преспа. Посакувам секој печалбар, македонски
бизнисмен, каде и да е во светот, да не го заборави родното поднебје, нашата
библиска света Македонија.