КУЛТУРА

"АЕА Издавачи" со нов салон во Скопје

АМБАСАДОРИ НА МАКЕДОНСКАТА КНИГА И КУЛТУРА

Пишува: Ружица ГОЧЕВСКА

  • "АЕА Издавачи" се можеби единствената издавачка куќа која своите салони ги имаат проширено и надвор од нашата земја. Тоа е секако голем успех за македонската култура, но пред се за македонскиот јазик и книга.

Неодамна "АЕА Издавачи" отворија нов салон во центарот на Скопје како уште еден успешен проект на оваа позната издавачка куќа. Имено, новоотворениот салон "Египетска сонувалка" е само потврда за долгогодишната успешна работа на оваа издавачка куќа која е меѓу водечките во нашата земја. И покрај финансиските тешкотии "АЕА Издавачи" остануваат верни на своите читатели, потврдувајќи го приматот во македонското издаваштво.

За жал, македонското издаваштво веќе подолго време се соочува со финансиски проблеми кои полека, но сигурно ја истиснуваат книгата од нашето секојдневие. Она што во другите земји е култура на живеење, кај нас останува само добро сеќавање.

САМОСТОЈНИ ПРОЕКТИ

"АЕА Издавачи" некаде од 2001 година работат самостојно, без финансиска поддршка од Министерството за култура. Голем дел од проектите се со самостојно финансирање.

Тешко е да се работи во културата. За жал, поддршката е минимална. Веќе подолго време работиме самостојно. Слободниот пазар е наш предизвик и се надеваме дека ќе успееме, ни изјави господинот Антонио Павловски, уредник во "АЕА Издавачи".

Покрај одличната организација и презентација, салонот изобилува и со богата литература. Од современите македонски писатели, до англиските класици, детската литература, овој салон ја докажува својата зрелост сам да чекори пред новите предизвици. Сето ова е поткрепено со релативно достапните цени.

Интерес за книгата постои, но за жал македонските читатели немаат навика за купувања. Книгата во Македонија е се повеќе луксуз, а домашните библиотеки одамна се минато, потенцира господинот Павловски.

Сепак, треба да се има предвид и новата технологија, интернет услугите, разните енциклопедии кои полека ја потиснуваат книгата.

Богата понуда во салонот "Египетска Сонувалка"

На последниот саем на книгата, читателите имаа можност на едно место да ги посетат бројните штандови, на кои понудата беше на завидно ниво. "АЕА Издавачи" се релативно задоволни од овогодишниот саем на кој, според нив, продажбата била солидна. Како и секогаш најголем интерес има за прозата без разлика дали е домашна или странска. Години наназад, еден од најбараните писатели од современата македонска литература е Божин Павловски кој е подеднакво прифатен и кај младата и кај повозрасната публика. Својот успех го потврди и на годинешниот саем, каде неговите дела беа едни од најпродаваните. Што се однесува до детската литература и таа полека се враќа помеѓу најмладите читатели.

Активната преведувачка дејност на "АЕА Издавачи" веќе години наназад успешно котира на домашниот пазар. Позначаен проект од оваа област е неодамнешниот превод на познатата трилогија "Господарот на прстените" од Џ.Р.Р. Толкин, која на годинешниот саем беше голем хит. За жал, големите класици (со тврда корица) се помалку се застапени во издаваштвото. Проблемот лежи во инвестиција која е неопходна за вакви проекти, но истата претставува голем ризик. Ретко кој од издавачите бележи ваков проект.

ДУХОВЕН МОСТ

Цените во "Египетска сонувалка" се мошне достапни и прилагодени за секој потрошувач. Така, англиската литература без разлика дали станува збор за современата или класиката може да се најде за цена од 300 денари, детската литература - 250 денари, додека преостанатиот дел од понуденото се движи некаде од 400 до 450 денари.

"АЕА Издавачи" се можеби единствената издавачка куќа која своите салони ги има проширено и надвор од нашата земја. Тоа е секако голем успех за македонската култура, но пред се за македонскиот јазик и книга. Нивниот салон се наоѓа во Австралија каде нашите иселеници имаат можност поблиску да се запознаат со нашата литература и со она што е новитет во нашето издаваштво. Овој салон е несомнено духовен мост помеѓу нашите во дијаспората и родната земја со повеќекратно значење.

"АЕА Издавачи" имаат долгогодишна соработка со голем број институции и учествуваат во разни проекти. Тие се редовни спонзори на најразлични културни збиднувања во и надвор од земјата. За време на илинденските чествувања цените на книгите беа намалени и дел од нив беа подарени во разни хуманитарни организации.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"