КУЛТУРА

Антологија на македонската револуционерна поезија

КОПНЕЖОТ ЗА СЛОБОДА ПРЕТОЧЕН ВО ПЕСНА

Пишува: Ружица ГОЧЕВСКА

  • Додека историјата ги опишува и толкува настаните, народната песна е сведоштво за духот на македонскиот народ, за неговите расположенија, страдања, за неговите желби, очекувања, но и за неговиот однос кон историските настани.

"Македонијо, земјо измачена,

Македонијо, земјо поробена,

твојата младост апсани ја јадат

твојата снага тирани ја сушат.

Зошто си вечно измачена,

зошто си вечно поробена,

зар ти немаш право на слобода?"

Ова е само дел од изборот на песни, презентиран во најновото остварување на д-р Марко Китевски насловено како "Јунакот падна - бајракот не падна". Станува збор за прва антологија по 30-ина години со револуционерна тематика каде е опфатен периодот од 20 години и тоа 10 години пред и 10 години по Илинденското востание. Иако првично биле планирани повеќе од 300 песни, во книгата свое место нашле 200 поради тоа што овој проект не беше финансиран од Министерството за култура.

Воведот во ова дело започнува со една интересна симболична споредба на македонското револуционерно дело со дел од Евангелието, каде Господ Исус Христос ги повикува сите оние кои веруваат да тргнат со него и да го следат неговото дело, притоа потенцирајќи дека оној кој не е подготвен да се жртвува, не е достоен за Него. Слична порака содржи и заклетвата кон Организацијата која значела ставање на интересите на татковината пред личните и семејните, дури и пред сопствениот живот. Нашите херои прифаќајќи ја саможртвата за да ја одбранат честа и достоинството, всушност со смртта ја победиле смртта и стигнале до бесмртност.

ВЕКОВНИ БОРБИ

Македонските борбени народни песни ја опејуваат многувековната борба на македонскиот народ за национална и социјална слобода. Народот со песни го регистрирал сето она што го привлекло неговото внимание, како индивидуалните така и колективните подвизи.

Песните поврзани со Илинден се создавани во период подолг од еден век што зборува за односот на македонскиот народ кон илинденското востание, еден клучен настан од нашата национална историја. Овие песни го опеваат самото востание, подготовките за него, како и настаните што му следувале. Македонската народна песна од овој период ги опеала и страдањата на македонскиот народ во годините на ропството, насилствата и понижувањата. Исто така, македонската револуционерна народна песна го опева и самото востание, првичните победи на востаниците, одушевувањето од создавањето на Републиката, ги опева поголемите битки од востанието на Мечкин Камен, Рашанец и други места и потоа загинувањето на Јордан Пиперката, Питу Гули и други јунаци.

Централна фигура во песните - Гоце Делчев

Колку песната им значела не само на востаниците и особено на членовите на Организацијата задолжени да ги опеваат настаните, туку и на обичниот народ, може да се види по тоа што некои настани се опеани веднаш по настанот. Постојат и сведоштва за тоа дека и самите востаници пееле додека војувале.

НАЦИОНАЛНА СВЕСТ

Ако во одредени случаи и постојат дилеми по прашањето за интересот на народниот пејач кон некои личности, кога станува збор за Гоце Делчев и неговата застапеност во народните песни и во фолклорот воопшто, дилеми не постојат. Гоце е централна фигура во македонската револуционерна поезија, зашто е најпопуларна личност во македонското револуционерно движење во еден не само бурен, туку и судбински момент.

Во песните од овој период често се среќава и името Македонија. За тоа име јунаците се борат, за тоа име загинуваат. Во некои песни загинувањето е опеано како женидба за Македонија. Очигледно е дека прифаќајќи го и афирмирајќи го македонското име, нашиот народ низ вековите се идентификувал со него, го чувствувал како дел од себе и изградил еден религиозен однос кон него вградувајќи ги во него и своето минато и својата иднина. Сето тоа зборува за една јасна дефинирана национална свест и за јасно определена цел на борбата.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"