о издание на "Табер-накул"
годинава излезе од печат книгата "Византиска естетика и средновековниот
живопис во Македонија од XI и XII век" од авторот Иван К. Заров. Темата во
неа е обработена низ нејзините два битни аспекта.
Првиот се однесува на разгледувањето, проучувањето и систематизирањето на
византиската естетика во системот на вредности како една од најзначајните
пројави на византиската култура. Вториот аспект е поконцизно дефиниран и е
во тесна корелација со првиот и се занимава со проучувањето на
средновековната уметност во Македонија, односно со живописот и со
книжевноста како негови суштествени сегменти кои претставуваат консеквентен
дел од општата византиска цивилизација како колективен историски опит на
нејзините протагонисти.
ПОРАКИ
Во првиот дел од книгата детално се третирани проблемите на евалуацијата
на византиската уметност, додека преостанатиот дел е исполнет со објаснување
на карактерот, како и уметничките, стилските и естетските пораки на
ликовната уметност на почвата на Македонија. Сите овие пораки одамна го
привлекувале вниманието со својата комплексност, енигматичност и со високите
естетски дострели.
Причестување на апостолите (XII век), "Свети
Пантелејмон", Нерези
Богородица со Христос (XI век), "Света Софија", Охрид (фото:
Благоја Дрнков)
Поклонение на Агнецот (XII век), "Свети Георгиј",
Курбиново (фото: Марин Димески)
Во својот заклучок авторот Заров укажува на тоа дека Македонија е
нераскинлив дел од византискиот кулурен простор и нејзиниот духовен живот е
тесно поврзан со него. Авторот тука се обидува преку едно естетско
проследување на најважните споменци на материјалната култура од Македонија,
односно преку определувањето на живописот и книжевноста да се определи
нејзиното место во византиската духовна заедница и тоа искуство да се поврзе
со најактуелните интелектуални текови во времето кога тие се настанати,
разгледувајќи ја со тоа македонската естетска стварност во тесна корелација
со нејзината културолошка матрица Византија. Тој се определува за три
доминантни репрезенти на средновековната македонска ликовна култура кои
зрачат со една парадигматична сила - "Света Софија" во Охрид, "Свети
Пантелејмон" во Нерези и "Свети Георгиј" во Курбиново. Тие не се само
грандиозни манифестации на византиската материјална култура на македонска
почва, туку се и вертикали преку кои се проникнува до изворот на нашето
битие.
РАЗВОЈ
Како што вели авторот Заров, во оваа книга храмот посветен на Света
Софија - Божествената Премудрост во Охрид, сигурно е најексплицитниот
експонат на византиските естетски идеи на уметноста од XI век. Зачуваниот
фрескоживопис на овој храм ја претставува најкомплетната теолошка програма
на една катедрална црква во рамките на византискиот културен круг од XI век.
Карактерот на живописот на "Света Софија" долго време ја провоцирал научната
јавност од најразлични профили: теолошки, филозофски, иконографски и
естетски. Живописот на овој храм е многу оштетен, му недостига поголем дел
од фреско-декорацијата, фреско-живописот во наосот е скоро целосно уништен.
Единствено најдобро се сочувани фреските во олтарниот простор и нартексот и
токму таа сочувана целина е од првенствено значење за разбирањето на
сложените уметнички и стилски текови на македонската ренесанса и неисцрпниот
извор на иконографски елементи и вредности. Ова е обид на авторот токму
преку елаборацијата на иконографската програма да се презентираат духот и
достигнувањата на живописот на овој храм, обликуван според најдобрите
традиции на византискиот естетизам од македонскиот период.
Понатаму авторот Заров говори за развојот на уметноста во Македонија и во
XII век кој носи нови тенденции. Додека XI век се карактеризира со еден
профилиран клерикален тон каде улогата на главни протагонисти на уметничкиот
живот ја имаат високите црковни великодостојници, во XII век проѓиматот на
црквата како главен реализатор на естетските концепции & го презема
благородништвото. Новиот духовен амбиент носи и нови идеали кои се
одразуваат во материјалната култура. Со доаѓањето на династијата на
Комнените на чело на Византија, доаѓа до силен развој на уметничкиот живот
каде се чувствува влијанието на новиот стилски јазик на Комнените. Токму
црквата "Свети Пантелејмон" во Нерези е експонент на новата духовна клима.
Ктитор на оваа црква според натписот во нартексот над влезната врата е
принцот Алексиј Комнен. Со својата необична експресивност и со силината на
уметничкиот израз живописот во Нерези многу брзо заземал високо место во
хиерархијата на византиската уметност на XII век и станал поим за врвно
творештво на епохата на Комнените.
Вториот голем ликовен споменик на почвата на Македонија од XII век е
малечката еднокорабна црква "Свети Георгиј" во близина на селото Курбиново.
За разлика од живописот во Нерези кој веднаш добил висока евалуација како
највисок дострел на комненскиот класицизам и се здобил со достојно место во
антологијата на светскиот средновековен живопис, нештата со Курбиново долго
време остануваат дубиозни. Живописот на оваа црква ќе предизвика поголем
научен интерес за време на охридскиот Византинолошки конгрес кога било
разгледано македонското прашање кога станува збор за проследувањето на
ликовната состојба на почвата на Македонија во XI и XII век. Курбиновските
зографи добро ги познавале современите интелектуални струења во книжевноста
и вешто ги интерпретирале нив во слика, давајќи му на карактерот на својот
живопис една синтетизирачка улога.
На крајот од книгата авторот има илустрирано неколку фотографии токму од
овие три храма.