"Конкордија" треба да си замине
Според претседателот Борис Трајковски, Република Македонија има доволно
капацитет и можности да се справи со каков било предизвик што сме го
докажале и во минатото и смета дека она што беше одлука или заедничко
видување е дека "Конкордија" треба да си замине на 15 декември.
"Лавови" со лажни документи во МВР
Шест поранешни припадници на единицата "Лавови" биле вработени во
кумановската полиција со лажни дипломи за завршено средно образование.
Фалсификатот бил откриен кога полицијата извршила проверка на
документацијата за вработување во МВР и во училиштата каде што биле издадени
дипломите.
Оружје вратиле само 58 лица
Рокот за враќање на подареното оружје изминува, а досега "се распиштолија"
само 58 лица. Во МВР велат дека засега не знаат какви мерки ќе бидат
преземени против лицата коишто не го вратиле оружјето.
Стамболиски награден од Буш
Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал Методи Стамболски, бил
одликуван од претседателот Буш со орден " Legion of
merid" при неодамнешната официјална
посета на вооружените сили на САД. Овој орден е еден од трите највисоки
ордени што американскиот претседател ги доделува во мирновременски услови.
Нема гаранција за Дилавер Бојку
Кривичниот совет на Основниот суд во Битола ја отфрлил кауцијата од 1,5
милиони евра што макрото Дилавер Бојку ја понуди како гаранција дека нема да
избега, ако биде пуштен од притвор. Бојку како гаранција ги понудил хотелите
"Амбасадор" и "Белмондо" во Струга.
Антикорупциската комисија бара смена на Секирарски
Државната комисија за спречување на корупцијата побарала од МВР да го
смени началникот на Секторот за внатрешни работи во Куманово, Слободан
Секирарски, поради пропусти во работата и злоупотреба на службената положба.
Трговски дефицит од 530 милиони долари
Според податоците од државниот Завод за статистика, обемот на стоковната
размена на Република Македонија со странство во периодот јануари - јули 2003
година изнесува 2,1 милијарди американски долари, при што извозот учествува
со 37,2 отсто, а увозот со 62,8 отсто.
Покриеноста на увозот со извозот е 59,3 отсто, а салдото на размената е
негативно и изнесува 530,1 милиони долари.
Владата подготвена за штедење
Владата планира најголем дел од државната администрација наскоро да ја
собере на едно место, во зградата на Македонската телевизија каде што дури
шест ката се целосно испразнети. Со овој потег, како што објаснуваат во
Владата, ќе ги намалат трошоците за закупнини што државата им ги плаќа на
повеќе фирми.
Светската банка даде кредит од 165 милиони долари
Бордот директори на Светската банка ја разгледа тригодишната стратегија
за помош на Македонија, вредна 165 милиони американски долари. Со парите во
наредните три години ќе бидат реализирани девет проекти, усогласени меѓу
Владата и Светската банка. Рокот на отплата е 17 години, со грејс период од
три години.
Власта обвинета за најскапа дезинсекција
Актуелната власт преку Министерството за образование платило огромен
износ од 62.000 евра за дезинсекција и дезинфекција на охридскиот Студентски
дом и поради ова одговорните мора да бидат кривично гонети, обвини
ВМРО-ДПМНЕ.
Финансиска контрола од ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе воведе посилна внатрепартиска контрола во
областа на финансиите, приливот и одливот на пари, отуѓување или купување на
имот и воопшто со располагањето со партискиот имот. Тоа ќе се случи во старт
со измена на Статутот на партијата.
Конституиран економски совет на Владата
Економскиот совет на својата прва конститутивна седница расправаше за
стратегијата за развој на пазарот на државни хартии од вредност за која се
предвидува реализација на Проектот за издавање на краткорочни хартии од
вредност. Претседател на Советот кој ќе расправа за стратешки финансиски
прашања е министерот за финансии, Петар Гошев.
На повидок нов закон за вино
Најдоцна до крајот на оваа година треба да се донесе новиот закон за вино
кој мора да биде во согласност со директивите на Европската унија, а што е
во насока на напорите на земјава за усогласување на законската регулатива со
европската, заради создавање терен за интегрирање на државава во големото
европско семејство.
Зголемен бројот на претплатници за фиксна телефонија
Околу 2.000 барања се поднесени од граѓани и физички лица за добивање
нова фиксна телефонска линија. Обична и двојна ИСДН 2 линија може да се
добие со плаќање во готово, на рати со граѓански чекови или со отплата преку
месечна сметка.
Казни за немање фискални каси
Во текот на минатата недела инспекторите на Управата за јавни приходи
извршиле контрола во околу 800 правни субјекти, а дури половина од нив,
односно 400 трговци заработија мандатна казна во износ од 50 илјади денари
заради непоседување фискална опрема.
Интегрирање на еколошките прашања во приватизацијата
На дводневниот семинар во организација на Министерството за животна
средина и просторно планирање било заклучено дека постојат предности во
интегрирањето на еколошките прашања во процесот на приватизацијата, а
обврските кон животната средина треба да се разгледаат од продавачот и од
купувачот во преговорите за продажба на државен имот. Овој семинар беше дел
од проектот "Утврдување на состојбите врз животната средина за компаниите -
загубари, согласно со Фесал 2-аранжманот".
Стартуваше "Тиквешки гроздобер 2003"
Во Кавадарци се одржа традиционалната стопанско - туристичка
манифестација "Тиквешки гроздобер 2003". Свеченостите почнаа со
Меѓународната саемска манифестација "Агро-саем 2003" и етнолошката изведба "Грнчарството
во тиквешијата низ вековите".
Отворена спомен-собата на Мајка Тереза
Поради големиот интерес за посета на спомен-собата на Мајка Тереза во
феудалната кула во Скопје, таа ќе биде отворена секој работен ден од 17 до
19 часот за индивидуални и групни посети.
Постапка за донесување закон за водостопанство
Собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, даде
зелено светло на Предлог-законот за водостопанство, што претставува и едно
од барањата на меѓународните финансиски институции заради инвестирање во
оваа област, а како дел од реформите во водостопанството. Со овој закон,
како што потенцираше министерот за земјоделство Славко Петров, ќе се
воспостави ред во водокористењето кое во моментов се соочува со повеќе
проблеми, а најголем е нискиот процент на наплата на водата која се користи.
Пред трансформацијата на аптекарската дејност
Државни аптеки мора да има, а последиците од евентуалните грешки во
трансформацијата на јавната аптекарска дејност ќе бидат далекусежни во
снабдувањето на населението со лекови. Ова е ставот кој јасно го потенцира
проф. д-р Љубица Шутуркова, деканка на Фармацевтскиот факултет и еден од
експертите кои стојат зад националната стратегија за лекови, која иако
изготвена пред неколку години се уште е заклучена во некоја фиока.
Барање за непречено одвивање на наставата
Отсуството на учениците од наставата во одделни училишта од Скопје,
Куманово и тетовскиот регион кои од различни причини не се најдоа во
училишните клупи, претставува директна повреда на Конвенцијата за заштита на
правата на детето, Уставот и законите на земјава, оценува Хелсиншкиот
комитет за човекови права на Македонија.
Споменик на Панко Брашнаров во Велес
Советот на Општина Велес донесе одлука за поставување споменик на Панко
Брашнаров, претседавач на првото заседание на АСНОМ и министер за
информирање во првата повоена влада. Истовремено во неговиот роден град ќе
бидат пренесени посмртните останки од Голи Оток.
Американска донација за инвалидите
Градскиот сојуз на телесни инвалиди ќе добие 240 инвалидски колички како
донација од збратимениот американски град Темпи во Аризона. Дел од количките
ќе бидат дадени и во Градската болница во Скопје.
|