оговорката вели "Село гори, баба
се чешла", а токму тоа му се случи на градот Скопје, каде во централното
градско подрачје никнува споровозен комплекс кој ги вчудоневидува граѓаните
со неговата апсурдност за одбраната местоположба. И додека граѓаните се
чудат, а надлежните фактори си ја префрлаат вината еден на друг, градот
Скопје ќе стане село од збиен тип, каде што кислородот луѓето ќе треба да го
апсорбираат од боци.
Иако изградбата на новиот спорен комплекс, започна неколку дена пред
почетокот на реконструкцијата на главниот плоштад "Македонија" во Скопје,
приказната за ваквата градба датира од пред три години. Тогашниот министер
за урбанизам Душко Кадиевски ја дал престижната локација на централниот
плоштад за цена од 200 германски марки за квадратен метар на австриската
фирма "Лумикс, Драгиша и други". Потоа Кадиевски беше сменет. Хронологијата
со доаѓањето на неговиот наследник и сопартиец од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,
Љупчо Балковски, се одвиваше во насока на запирање на подготвителните работи
за објектот и судско обжалување на решението за локацијата. Тогашниот
портпарол на владата на Георгиевски, Антонио Милошоски, тврдеше дека иако на
таа локација според урбанистичкиот план е предвиден таков објект, ниеден
министер пред Кадиевски не се осмелил да дозволи да се гради на плоштадот,
поради неговото значење и за Скопје и за целата држава. Потоа беше сменет и
началникот на Подрачната единица на Министерството за урбанизам на Општината
Центар.
Актуелниот државен инспекторат за градежништво и урбанизам потенцира дека
е немоќен да ја запре изградбата. Инспекторите, пак, велат дека случајот со
"Лумикс" може само "да им служи на чест на тогашниот состав на
Министерството за урбанизам, на локалните власти на Центар и на судството".
ПРОЦЕС
Колку и да е градбата нелогична, апсурдна и спорна, сепак, правдата е на
страната на "Лумикс" кој воопшто не е виновен за тоа што некој му доделил
таква локација за градба. Иако оваа градба била предвидена во урбанистичкиот
план, никој не нашол за сходно да го смени. Она што предизвикува главна
критика е како во урбанистичкиот план Малиот ринг и за 3 години се уште не е
избришана маркичката за градење, иако Општината најави дека ќе го стори тоа.
Градоначалничката на Општина Центар, Виолета Аларова, тврди дека ќе
направела измена на урбанистичкиот план и досега, но дека не можела, бидејќи
скапо ја чинела ревизијата. Она што е интересно е фактот дека просторот на
централното градско подрачје е најмало од сите други населби во Центар. За
нив Општината знае да прави и по неколку ревизии. Се ова ќе беше во ред,
доколку комплексот се градеше на друга локација каде што немаше да им "боде
очи" на граѓаните, чии реакции се најгласни и најоправдани.
Просторот каде се гради спорниот објект
Зоран Трошански, директор на државниот инспекторат за урбанизам, вели
дека во април Врховниот суд пресудил во корист на "Лумикс, Драгиша и други".
Судското решение станало правосилно на 20 мај.
Локацијата со маркица е вцртана во деталниот урбанистички план за Малиот
ринг во 1997 година. Деталниот план ја поминал процедурата и е одобрен од
Министерството за транспорт и врски. Врз основа на таа маркица, Кадиевски во
2000 година & ја доделил парцелата на фирмата "Лумикс, Драгиша и други",
вели Трошански.Изградбата може да биде спречена само ако се најдат
недоследности во техничката документација. Тогаш може да се поништи
градежната дозвола и веројатно ќе следува нов судски процес.
Исто така, како еден од начините да се избегне градењето на оваа "урбанистичка
катастрофа" е искажувањето на граѓанска непослушност.
РЕАКЦИИ
Скопјани се разочарани од неспособноста и неажурноста на надлежните
органи, поради тоа што не го имаат земено предвид интересот на граѓаните, а
освен тоа воопшто не внимавале на сликата на градот кој со новата градба би
се огрдел.
На платото пред ЕСМ треба да никне висока зграда со два ката под земја за
паркиралишта, а над земја ќе има уште два ката и поткровје. Може само да се
претпостави како ќе им биде на вработените од ЕСМ кога видикот ќе им биде
блокиран со ново здание. Нивната желба да вдишат свеж воздух, ќе биде
скратена. Но, можеби ќе можат да си порачаат од прозор нешто за јадење од
соседниот угостителски комплекс и да бидат услужени повторно преку прозорец.
Спорната зграда на плоштадот Македонија, на чекор од зградата на ЕСМ, што
започна да ја гради странската фирма "Лумикс", и покрај се, продолжува да се
гради. Според урбанистичкото решение, во оваа градба се предвидени дуќани,
угостителство, хотели. Она што е страшно е сообраќајното решение во овој дел,
кое воопшто и не е решено во се уште важечкиот урбанистички план. Луксузниот
трговско-угостителски објект ќе има висина од околу 14 метри. Изведувач е
градежното претпријатие "Маврово". Нарачател на градбата, со која плоштадот
ќе се скуси цели 500 квадратни метри, е Трговското друштво за градежништво,
трговија и услуги "Лумикс, Драгиша и други" ДОО. Според информациите кои
кружат во јавноста, сопственик на фирмата "Лумикс" е Драгиша Лукиќ од
Клагенфурт, Австрија, со негов партнер, бизнисмен од Истанбул, Турција.
Повеќето архитекти коментираат дека новиот објект "ќе го убие" и ќе го
задуши централниот простор во градот, чиј изглед опстојува половина век.
На тој простор не треба да се гради ништо. Просторот веќе е димензиониран.
Изградбата на новиот објект ќе го нагрди просторот и при евентуални непогоди
ќе ја загрози безбедноста на корисниците на околните објекти. Ако скопјани
имаат граѓанска свест и ако го љубат градот, не смеат да дозволат да се
изгради објектот. Преку граѓанска непослушност тие не треба да дозволат да
се изгради зградата. Со тоа ќе го одбранат и достоинството на градот,
вели архитектот Живко Поповски.
Никола Велковски, поранешен градски архитект, објаснува дека "малиот ринг"
и сега е презаситен со административни и со деловни објекти. Според него,
решение има ако државата се трампа со инвеститорот за локација во "големиот
ринг". Тој вели дека има исто толку атрактивни локации наспроти комплексот
банки или кај олимпискиот базен. Велковски потенцира дека државата може да
ги понуди тие локации зашто сега се прават деталните планови за тие реони.
За архитектот Мирослав Грчев, кој е автор на последниот урбанистички план
за тој дел од градот, нема никаков спор. Тој во 1997 година како
градоначалник на скопската Општина Центар ја зацртал маркичката во деталниот
план за новиот објект и вели дека по урбоморфолошката анализа со коавторот
Влатко Коробар заклучиле дека една зграда со помала катност ќе го заокружи
ликот на просторот како плоштад меѓу "Дал метфу" и стоковната куќа "Типо".
Во тоа време Општина Центар, наместо да распише меѓународен конкурс за
централното градско подрачје, го протурка на мала врата планот на Грчев кој,
освен оваа локација, има уште многу други спорни и скандалозни. Просторот
пред ЕСМ, според Грчев, сега е само неоформен градски простор.
И покрај неговите коментари, факт е дека ваквата градба целосно ќе го
обезличи и онака "мртвиот" плоштад и за навек ќе му ја запечати судбината.
Градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов, долго време не најде за сходно да &
го каже на јавноста ставот на Градот во врска со спорниот комплекс пред ЕСМ,
иако деновиве и тој го образложи своето мислење. Наместо Пенов, неговиот
портапорол, Среќко Поповски, изјави:
Пенов протестира, и како градоначалник и како граѓанин, против оваа
градба. Тој ќе ги искористи сите механизми што му стојат на располагање за
да ја спречи, но ингеренциите за тоа смета дека се целосно во рацете на
Општина Центар, која и го донесува планот за Малиот ринг. Градот не беше
информиран за градбата на овој објект и поради тоа влезе во обнова на
фонтаната пред ЕСМ. Ние имавме податоци дека спорниот објект е на Врховен
суд и дека Општина Центар со измена на планот, ќе го избрише објектот.
Според него, Пенов не може директно да иницира ревизија на планот, но
дека ќе настојува од главниот архитект да се направат измени.
Сите институции коментираат дека фирмата "Лумикс, Драгиша и други" гради
со легална документација. Според нив, државата го изгубила спорот и сега на
фирмата практично и важи старата дозвола од пред три години, односно пред да
започне судскиот процес.
Можеби ова е еден од многуте скандали на урбана мафија. Којзнае уште
колку вакви слични малверзации не очекуваат во иднина.