ЕКОНОМИЈА

Ни се заканува ли жешка социјална есен?

СИРОМАШТИЈАТА НЕ СЛЕДИ КАКО СЕНКА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Отпуштените работници, загубарите, стечајците, невработените, но и буџетарите со неисплатен К-15 најавуваат дека на 15 септември ќе го искажат својот револт со масовни протести.
  • Вредноста на потрошувачката кошница за исхрана и пијалаци за едно четиричлено семејство за август 2003 година пресметано врз основа на цените на мало изнесува 10.083 денари, додека просечната плата во државава е пониска од наведенава сума.

Македонската радиотелевизија отпушти 800 хонорарци, на списокот за технолошки вишок во Клиничкиот центар во Скопје досега има околу 145 вработени, од ЕСМ исто така многумина останаа на улица, најави има и за отпуштања во образованието и така натаму до бесконечност. Место нови вработувања постојано се притресуваме од информациите за нови отпуштања. А и оние кои работат соочени се со се понискиот животен стандард кој човечката беда ја прави уште поголема.

Република Македонија одбележа 12 години од прогласувањето на својата независност, но не можеме да се пофалиме со безгрижен и економски нормален живот, оти сиромаштијата не следи како сенка.

Ветувањата се едно, а социјалната реалност нешто сосема друго - Петар Гошев

Индексот на цените на мало во август 2003 година во однос на јули 2003 година е повисок за 0,1 отсто. Индексот на цените на мало во август 2003 година во однос на истиот месец во 2002 година за 3,2 отсто, а во однос на декември 2002 година е повисок за 2,0 отсто. Кумулативниот индекс на цените на мало за периодот јануари-август 2003 година во однос на истиот период од претходната година е повисок за 2,3 отсто. Цените на стоките и услугите наменети за лична потрошувачка, мерени со индексот на трошоците на животот, во август 2003 година во однос на јули 2003 година бележат пораст од 0,1 отсто и во однос на август 2002 година се повисоки за 2,2 отсто.

Оттука, на оваа скапотија, тешко и горко на оние кои ги прочитаа своите имиња на промовираните црни списоци. Околу 800 хонорарни соработници добија отказ од Македонската радио-телевизија (МРТВ), поради тешката финансиска состојба на Куќата. Ним им било речено дека можат и понатаму да работат, но дека не им се гарантира исплата на хонорарите. На работните места биле задржани само помал број хонорарци што се неопходни за непречено емитување на програмата.
Во поголем број редакции хонорарните соработници не доаѓаат на работа од први септември. Ним не им е исплатен трудот во последните 13 до 15 месеци. Тие бараат да се најде начин да ги добијат овие пари. Националната радио-телевизиска куќа е во "була" од 24 милиони евра. Платите на 1.570 вработени доцнат по два месеца. Според раководството, главна причина за таа состојба е слабата наплата на парите од радиодифузната такса. Од таксата се финансира работата на јавниот радио-телевизиски сервис. Со програмата за реорганизација и санација на МРТВ се предвидува да се намали бројот на вработените со предвремено пензионирање и испраќање тримесечни принудни одмори на групи од по 150 лица. Ваква слична, но и уште покатастрофална состојба имаме и на многу други места. На нашата економија воопшто не & цветаат рози!

К-15

Во Сојузот на синдикатите на Македонија немаат никакви сознанија дека Владата по разгледувањето на ребалансот на годинешниов Буџет, на последната седница, одлучила да им подели К-15 на вработените во јавната администрација, ниту такво нешто воопшто очекувале токму сега. Во ССМ велат дека никој од Владата не ги информирал дека има шанси со ребалансот да се издвојат средства за регресот и потврдија дека, како што е познато, во сите досегашни разговори со владините министри кои го покриваат јавниот сектор бил искажуван категоричниот став на Владата дека годинава административците нема шанси да добијат регрес за годишен одмор, како и тоа дека буџетски пари за оваа намена не се и нема да бидат издвоени. Во Синдикатот, исто така, потенцираат дека не се откажуваат од ова барање дека и натаму ќе продолжат да вршат притисок врз Владата за натамошни средби и преговори на кои повторно ќе се разгледува прашањето за К-15 на буџетарите. И министерот за финансии, Петар Гошев, на неодамнешниот брифинг потврди дека Владата не го променила својот став околу регресот и дека е тој истиот што беше соопштен по последната средба со Синдикатот, а тоа е дека годинава нема да се исплати К-15.

Министерството за економија забележува дека сме земја со најмал прилив на странски инвестиции

Социјалното незадоволство на видик

Доколку, пак, некој приватно ја тужи државата поради неисплата на регресот, повикувајќи се на право дадено во колективните договори, останува на судот да ја донесе одлуката, а Владата ќе ја почитува таа одлука, рече Гошев.

Инаку, станува збор за сума од околу 10 милиони евра кои се потребни за да им се подели регрес за одмор на околу 80.000 административци кои се финансираат директно од државната каса, или секој би добил по приближно 6.000 денари. Синдикатите од јавниот сектор, од образование, здравство, одбрана и полиција, на неодамнешниот заеднички состанок се договорија, најдоцна до 15 септември да го анкетираат своето членство дали ќе стапи во генерален штрајк доколку Владата остане категорично на својот став околу К-15 што е инаку право на вработените во јавната администрација, прецизирано во колективните договори.

РЕБАЛАНС

Владата го усвои новиот ребалансиран Буџет за годинава. Министерот за финансии, Петар Гошев, изјави дека Предлог-буџетот добил виза од Владата без посериози корекции. Во текот на четиричасовната расправа поодделни министри побарале повеќе пари, но како што вели Гошев, не добиле. Оставено им е само правото внатре во рамките на Министерството да ги префрлаат парите од една во друга намена, во согласност со приоритетите. Потребата од ребаланс на Буџетот за годинава се наметна поради слабата ефикасност на министерствата за реализација на капиталните трошоци и поголеми набавки. Во новиот Буџет дупката е помала за 10,8 милиони евра, расходите на државните институции се намалуваат за 1,6 милиони евра, а приходите се зголемуваат за 9 милиони евра - пари добиени од профитот на Телеком, а наменети за покривање на дупката во здравството. Со оглед на уфрлањето на нови 9 милиони, новиот Буџет ќе биде дури и поголем од стариот за 1,6 милиони евра. Бидејќи до ребалансот на Буџетот дојде по препораки на ММФ, каде не беа задоволни од динамиката на трошење на буџетските пари, министрите во следните месец и половина ќе мора да бидат подомаќински настроени. Мисијата на ММФ доаѓа во нова контрола. Кон средината на октомври повторно ќе се процени реализацијата на Буџетот за 2003 година и ќе бидат поставени проекциите за новиот Буџет за 2004 година.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"