ОБРАЗОВАНИЕ
Уписна трка и најави за антикорупциска борба
И ПРОФЕСОРИТЕ ЌЕ БИДАТ ПРОВЕРУВАНИ?!
Пишува: Рената МАТЕСКА
- По скандалот кога Институтот "Отворено општество" објави дека
професорите на двата универзитета во државава се корумпирани, последните
најави говорат дека стручњаци од странство во октомври ќе го проверуваат
квалитетот на кадарот и наставата на факултетите на скопскиот и на
битолскиот Универзитет.
- Решението за прием на студентите ќе биде објавено на 15 септември, а
запишувањето е на 17 и 18 септември. На оние на кои сепак им се насмевна
среќата и беа примени на некој од факултетите, за жал им претстои уште
поголема потреба од среќа во трката за станување академски граѓани.
К акво и да е нашето високо
образование, и покрај сите негативности и скандали за корумпираноста, сепак
тоа повторно е актуелно со септемврискиот уписен рок.
На скопскиот Универзитет "Св. Кирил и Методиј" има 3.195 слободни места
за септемврискиот уписен рок, од кои 1.456 места се предвидени за државната
квота, а 1.448 за студиите со кофинансирање. На овој Универзитет во првиот
уписен рок беше предвидено да се примат 8.113 кандидати. Од Универзитетот
велат дека оваа година, за разлика од лани, бројот на слободните места на
државните високообразовни институции е зголемен во однос на лани. Оттаму
објаснуваат дека интересирањето за државните високообразовни институции се
намалува, пред се, поради отворањето на приватните високообразовни
институции.
Најголем број празни места во државната квота на Универзитетот во Скопје
остануваат на техничките и природно-математичките, општествените и
биотехничките науки, а отворени се и местата на сите факултети за оние што
ќе се одлучат на студирање со кофинансирање. По првиот уписен рок не се
пополнија местата во државната квота на Машинскиот, Технолошко-металуршкиот,
Природно-математичкиот, Филозофскиот, Филолошкиот и на Педагошкиот факултет
"Св. Климент Охридски" од Скопје. Празни се и државните квоти на
Земјоделскиот, Шумарскиот факултет и факултетите за драмски, ликовни
уметности и за музичка уметност.
На Правниот факултет каде што кофинансирањето ќе биде 600 евра, за
септември остануваат 47 празни места; на Филозофскиот за 500, односно 250
евра ќе може да аплицираат 103 кандидати; а на Филолошкиот, исто така, за
500 евра ќе има 212 слободни места. Педагошкиот факултет во Скопје по цена
од 400 евра ќе обезбеди место за 201 студент, а за исто толкава сума ќе може
да студираат и 83 кандидати на штипскиот Педагошки факултет. На Медицинскиот
факултет сумата за кофинансирање е 700 евра, а таму има место за само 12
студенти, додека на Стоматолошкиот 850 евра се предвидени за 20 студенти. По
800 евра ќе плаќаат 36 студенти на факултетите за ликовни уметности и
музичка уметност, а за 400 евра ќе може да се студира на Шумарскиот и на
Земјоделскиот факултет, каде што во квотата за кофинансирање има 119
студенти.
Корумпираните професори ќе излезат на виделина - Слаѓана
Тасева
Ректорот Анчевски верува во контролата на професорите
Пријавувањето за вториот уписен рок беше на први и втори септември, а
приемниот испит се полагаше на петти и деветти септември. Полагањето на
приемните испити на факултетите од уметностите беше од петти до 11 септември.
Решението за прием на студентите ќе биде објавено на 15 септември, а
запишувањето е на 17 и 18 септември.
На оние на кои сепак им се насмевна среќата и беа примени на некој од
споменативе факултети, за жал им претстои уште поголема потреба од среќа во
трката за станување академски граѓанин.
СКАНДАЛ
Велат дека секое чудо е за три дена, но обелоденувањето на корупцијата
кај професорите на факултетите, со новата студентска година, повторно се
актуелизира.
По скандалот кога Институтот "Отворено општество" објави дека професорите
на двата универзитета во државава се корумпирани, последните најави говорат
дека стручњаци од странство во октомври ќе го проверуваат квалитетот на
кадарот и наставата на факултетите на скопскиот и на битолскиот Универзитет.
Скопскиот и битолскиот универзитет чекаат проверка од стручњаци од
странство, на квалитетот на наставата и на кадарот на факултетите.
Проверката треба да се изврши во октомври. Таа ќе чини околу 180 илјади
долари. Триесет и пет факултети од двата државни универзитети во јуни
извршиле самоевалуација на наставната програма и анкета меѓу студентите.
Извештаите од самоевалуацијата мора да бидат проверени и да добијат оцена од
странски стручњаци.
Претседателката на Агенцијата за евалуација, Виолета Хепујноска, вели
дека професорите на двата универзитети се самокритички расположени и го
прифаќаат оценувањето на квалитетот на работата на факултетите. За
реализација на надворешната проверка Институтот отворено општество донира
околу 96 илјади долари.
Ректорите на двата универзитета, Александар Анчевски и Божидар Маслинков,
заменик-министерот за образование Тале Герамитчиоски, претседателката на
Агенцијата за евалуација и претседателот на Фондацијата "Сорос", Владимир
Милчин, потпишаа договор за финансиска помош на евалуацијата. Дел од парите
покрива ресорното Министерство, а трошоците за странците ќе ги покриваат
амбасадите од каде што доаѓаат тие. Ректорот Анчевски рече дека со
надворешната проверка универзитетите се еден чекор поблиску до признавање на
македонските дипломи во странство.
ПРОВЕРКА
Екипа од тројца македонски професори, тројца странски стручњаци и неколку
доктори на науки - работодавци од земјава, ќе го испитуваат квалитетот на
академскиот кадар и на наставната програма. Ќе се проверува како менаџментот
на факултетите се справува со проблемите, какви се условите за студирање,
дали има опрема и лаборатории. Со самоевалуацијата забележавме некои
пропусти во квалитетот на работата. Професорите и студентите најчесто се
жалат на прекршување на Законот за високо образование и за пропусти во
наставата, вели Хепујноска.
Ректорот Анчевски потенцираше дека иако се сомнева во квалитетот на
анкетата за корупција во високото образование што Фондацијата на Сорос
неодамна ја изврши, скопскиот Универзитет ја продолжил соработката со
фондацијата.
Претседателот на Фондацијата, Владимир Милчин, истакна дека проверката ќе
помогне во откривање на корумпираните професори и ќе се подобрат правата на
студентите. Милчин тврди дека е сигурен оти универзитетите нема да го
злоупотребат грантот.
ВРАБОТУВАЊА
Министерството за образование и наука предвидува вработување на 70
помлади асистенти, како прва фаза на пополнување на веќе испразнетите
кадровски места на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Според
заменик-министерот за образование и наука, Тале Герамитчиоски, ова ќе биде
првиот бран нови вработувања, а во иднина се планираат и нови. Оваа одлука е
резултат на плановите на Владата за кадровско "освежување" на Универзитетот.
Според најавите, предвидено е да се вработат нови 120 – 150 асистенти.
Високообразовните институции се последни на списокот на рационализација во
јавната администрација во ресорот образование, со оглед на фактот што во
овој сектор одамна немало нови вработувања.
"Точно е дека ќе има нови вработувања, но во моментов не знаеме точно
колку и каде, бидејќи за тоа се прават процени. Најинтервентно, нови
вработувања ќе има на скопскиот Универзитет, но и на другите, во зависност
од потребите. Сепак, целосна слика за вработувањата се очекува да добиеме по
надворешната евалуација на државните универзитети, која е договорена со
Европската асоцијација на универзитети. Тој појасни дека Министерството за
образование, во договор со Министерството за финансии, одобрило извесен број
вработувања на професори и асистенти. Според Положани, Министерството ќе има
слух за потребите на универзитетите, но во зависност од тоа какви процени ќе
се направат за отпуштањата во тие институции.
"Динамиката на приоритетите ќе влијае на одредени факултети спрема
политиката на Владата за отпуштањата во административниот дел", рече
Положани.
Министерството за образование моментно изработува извештај за состојбите
во секторот, од каде што треба да заминат вкупно 1.200, односно вкупно 4
проценти вработени. Заменик-министерот за образование, Герамитчиоски, во
изјава за "Утрински" потенцираше дека од високото образование ќе се затворат
најмал број работни места споредено со другите сектори во образованието со
оглед на фактот што со претходните години не се пополнувани работните места
на професорите кои заминувале во пензија.
Во другите сектори ќе има подрастична рационализација. Најмногу вработени,
односно од 600 до 700, ќе бидат отпуштени од основните и од средните
училишта. Во ученичките и во студентските домови оваа бројка е 400 - 500
вработени, а од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на
образованието ќе заминат 12 вработени.
Герамитчиоски оцени дека од секторот образование нема да заминат само
наставници, туку и техничкиот персонал, а први на списоците ќе бидат оние
кои ги исполнуваат условите за пензија, потоа оние со договор на дело или,
пак, кои се на замена, а ќе се направи процена и на дефицитарни и
суфицитарни дејности во образованието.
Според ректорот на скопскиот универзитет, Александар Анчевски, на
Универзитетот немало вработување во претходниве четири години.
Државата во изминатиот период не овозможи замена на професорите кои се
пензионираат. Веруваме дека ќе биде исполнето ветувањето на естаблишментот
на државата кога при неодамнешната средба со Премиерот беше ветено дека до
септември ќе се реализираат од 120 до 150 вработувања, изјави Анчевски
по средбата со премиерот Црвенковски пред неколку месеци, кога беа
договорени деталите за новите кадри на високообразовните институции.
|