Прашањето е навистина
прекрасно, но јас би го преформулирала само во делот "жената" и би ставила
една политички декларирана личност. И веднаш станува јасно дека јас воопшто
не правам разлика во однос на полот. Впрочем, ниту политиката, ниту кои било
други институции, ниту еден распишан оглас и конкурс немам видено каде
постои "машки пол" или "женски пол" како критериум. Но, да одговорам на
прашањето. Политиката за мене претставува уметност. Поради тоа, успешен
политичар без разлика дали е жена или маж треба да поседува талент, односно
генетска предиспозиција. Понатаму, од самата младост би требало да се вклучи
во органите на партијата каде во текот на своите активности и заложби
практично ќе се адаптира, ќе се гради и ќе созрева како политичка личност.
За да бидам правилно сфатена, ќе го споредам истото со уметничко дело "резба"
што би било синоним за една личност вклучена во политиката, која треба да
биде "исклесана" во компромисна, толерантна, но и личност што има цврсти
ставови, личност со морални квалитети и сопствени идеи. Јас во политиката
сум од 1992 година, но морам да кажам дека добра подлога носам и од моите
активности во Градската младинска организација каде бев и претседател две
години, потоа и во Студентската организација при Медицинскиот факултет.
МС: Која е Вашата професија, како се случи да запловите во политичките
води и на која возраст?
БИКОВСКА: Ова е моето најомилено прашање и признавам дека често ми го
поставуваат. По професија сум доктор на медицина и веднаш ќе кажам дека
премногу ја сакам својата професија. Но, се соочив во животот кога и
најхуманата, најблагородната професија го изгуби достоинството. Луѓето кои
даваат живот го изгубија својот статус во општеството и како граѓани и како
лекари. Со мојата номинација од ОО на која & припаѓам за можен кандидат за
пратеник се соочив со дилемата - дали сум подготвена да ја напуштам својата
професија и да се вклучам професионално во политиката. Но, постоеше и еден
друг важен момент во тоа време, а тоа е дека некој не смее да стои настрана
од збиднувањата што тогаш не опкружуваа. Родена сум 1962 година и со оглед
на моите досегашни искуства во политиката и професијата и со перманентно
надградување, со својот ангажман и капацитет ќе го дадам својот придонес за
подобра иднина во нашата држава.
МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во
светот на политиката и колку Ви е тешко дури од Берово редовно да доаѓате на
собраниските седници?
БИКОВСКА: Многу анкети покажуваат дека најголем мотив за активно
вклучување на жените во политиката е самите тие да придонесат за подобра
иднина на своите деца. Па, кога на квалитетот што го поседува една жена -
политичар го додадете мајчинството, што е нешто највеличествено во нашите
души, нема причина да размислуваме дали жените можат да се носат рамо до
рамо со мажите. Дури сосема логично е дека можат и умеат похумано, но и
поенергично да дејствуваат. Современата жена се повеќе станува свесна за
себе и за своите права, како и за тешката положба во која фактички се наоѓа,
па успева да одговори на обврските што се повеќе & се натоваруваат на
нејзиниот грб.
Што се однесува до вториот дел од прашањето би рекла дека патувањето го
прифатив како дел од моите обврски, иако сум можеби на најдалечната
дестинација од Скопје. Патувам со сопствено возило. Единствено жалам за
времето што го губам во патување.
МС: Дали досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на
мажите, како што обично се вели за политиката?
БИКОВСКА: Таков проблем никогаш не сум имала. Но, да бидам искрена
според моите согледувања, мажите се навикнати да ги носат челните позиции и
ништо немаат против жените, но сепак барем да бидат "втори". Но, уште пред
да се донесе, односно измени Законот за избор на пратеници, ЦО на СДСМ
донесе одлука за 30 отсто застапеност на жените и тоа го спроведе и на
кандидатските листи за пратеници. Ќе кажам дека мене лично ми пречат какви
било бројки, квоти или други квантитативни показатели. Сметам дека за да се
биде успешен мора да се поседува знаење, трудољубивост, енергија, визија. Но,
убедена сум дека најголем капитал на секој политичар е, пред се, неговата
чесност и тогаш не само во светот на мажите, туку секаде вратите кон успехот
и напредокот се ширум отворени.
МС: Покрај политиката, колку жените - парламентарки оставаат простор и
време за своето семејство?
БИКОВСКА: Семејството е основна клетка на општеството и мора
беспрекорно и хармонично да функционира. Сега се изменети условите. Во
политиката нема определено работно време, слободни викенди и празници,
ангажманот е многу голем, но сепак време за семејството мора да се оддели.
Сепак, семејството ми даде виза да запливам во тие води и се договоривме да
ги поделиме обврските.
Посебно и неспоредливо со ништо друго, најсреќно и најисполнето се
чувствувам во кругот на своето семејство.
МС: Како е да се биде мајка - парламентарка?
БИКОВСКА: Децата се пред се и над се на секоја мајка. Имам ќерка од
17 години и син од 12 години. Па нормално сите заедно излеговме од онаа
секојдневна монотонија, од сите постојани прашања и потпрашања, сите
испраќања и пречекувања од училиште и слично. Моите деца се доволно
самостојни, но и за мене и за нив е вистински празник кога сме заедно. Тогаш
е се поинаку. Имам потреба да ги советувам, да ми ги кажуваат своите
проблеми, едноставно сакам и сум многу блиска со своите деца. А, како мајка
парламентарка се слушам почесто по телефон и се трудам да бидам што
повнимателна.
Но, за некои работи можеби сум малку престрога, знаејќи дека особено во
малите места, тие се под посебен мониторинг. Се обидувам да бидат посериозни
од она што нивната возраст им го дозволува.
МС: Жената пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас,
претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?
БИКОВСКА: Напротив, веќе кажав. Доколку има разбирање и поддршка од
семејството, што е буквално неопходно во градење на успешна политичка
кариера, да бидеш мајка и поведена од мајчинството, како една политички
изградена личност, личност со свои квалитети, визии и амбиции, но и личност
што точно знае да постави цел - ангажманот неизбежно се крунисува со успех.
МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести
политички ангажмани?
БИКОВСКА: Најголема поддршка имам од мојот сопруг. Ги прифаќам
понекогаш неговите сугестии и критики за моите настапи во Парламентот,
особено од областа на здравството. Моите родители со љубов ги гледаат и ги
воспитуваат моите деца, а со мојот свекор од секогаш и сега живееме во слога
и дел од моите обврски исто така ги споделуваме.
МС: Жената, покрај се, мора да води сметка и за својот изглед. Како Вие
наоѓате време за градење на својот имиџ?
БИКОВСКА: Лично мене многу ми значи каков е мојот изглед кој сам по
себе влева и одредена доза на самодоверба. Длабоко сум убедена дека
гардеробата го отсликува внатрешното расположение и почитта кон одредена
институција, личност и настан. Затоа, многу внимавам на мојот изглед,
особено кога сум во Парламентот. Сакам шминка, но лесни фризури. Најубаво се
чувствувам во тегет костими и фустани, а во слободното време се носам
спортски. Инаку, имам свој изграден имиџ и изгледот не ми претставува
никакво оптоварување и најчесто за тоа сама водам сметка.
МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во
Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50
отсто застапеност на жените во оваа институција?
БИКОВСКА: Не само нам жените, туку и на сите мажи им е совршено јасно
дека законската регулатива за 30 отсто застапеност на обата пола ги отвора
големите порти на сите храбри, амбициозни, политички зрели и современи жени
за влез на политичката сцена. Иако оваа формула лично не ја прифаќам, сепак
тоа мораше да се случи за да се пробие мразот. Многу ме радува фактот што во
овој парламентарен состав, иако на сите нам без исклучок ни е прво
парламентарно искуство, со својата активност и одговорност го даваме својот
максимален придонес за застапување на интересите на граѓаните и донесување
квалитетни закони. Бидејќи не сум прочитала ни во една лекција од
медицинската наука дека мажите можат да достигнат повисоко интелектуално
ниво од жените, сметам дека не постои ниту природна, ниту правна пречка, за
да може жената рамноправно и со полна слобода да напредува во сите сфери на
општествениот живот, но секако најмногу во политиката.
МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни
парламентарки?
БИКОВСКА: Рамноправноста меѓу половите треба да не мотивира,
законската регулатива нуди можност, но само со поседување на способност и
креативност може да се постигне успех. Секоја личност, според мене, што
треба да биде избрана, во случајот идни парламентарки, мораат да имаат
изграден сопствен морален кодекс на однесување, а квалитетот ќе биде
одговорен за успешноста во новата професија. За почит се сите луѓе на кои не
им е потреба политиката за успех, туку својот успех сакаат да го вложат во
политиката. На жените кои се гордеат со своето минато, докажани
професионално и како угледни личности во заедницата им порачувам: Верувајте
во себе, за да можат и другите да веруваат во Вас!