епублика Македонија во февруари
2001 година веќе беше длабоко навлезена во испреплетената пајакова мрежа
која ја подготвија структурите на ОНА и на други меѓународни разузнавачки
организации. Вовлечена во албанското воено и националистичко гротло таа не
можеше да се извлече од пеколот, бидејќи беа уништени безбедносните
структури кои, патем, за некои политички лидери работеа според застарени
организациони и раководни шеми. За таа цел, секој на свој начин се обидуваше
да ги уништи последните здрави елементи во ДБК и во Агенцијата за
разузнавање, бидејќи им пречеа во остварувањето на тајните планови.
Основната грешка беше направена во оној момент кога политичките фактори
кои владееја во земјава се вмешаа во специфичните институции. Тие беа
доволно силни да го спроведат тајното сценарио што го сковаа нарачателите во
големите центри на моќта.
КАКВИ РЕФОРМИ!?
На 21 февруари 2001 година владата на поранешниот премиер Љубчо
Георгиевски не ја прифати оставката на некогаш неговата десна рака и
поранешна министерка за внатрешни работи Доста Димовска која беше понудена
во врска со аферата "Прислушување". Владата тогаш најави и реформа на
безбедносниот систем во државава за да се ослободи од кадровските структури
што останале од стариот систем. Формирано е посебно Координативно тело на
чело со поранешниот министер Бедредин Ибраими, кое во рок од еден месец
треба да понуди програма за комплетна реформа на безбедосните структури во
МВР и во Министерството за одбрана. Во тој период медиумите најавуваа дека
не е време за посериозни и избрзани реформи во безбедносните структури, но
сепак го предвидоа првиот реформски бран кој ги зафати Управата за
безбедност и контраразузнавање, а нешто подоцна таа судбина ја снајде и
Агенцијата за разузнавање. Опозициските политички партии сметаа дека
намерата на власта, всушност, е да направи чистка во МВР и да го пополни
безбедносниот систем со партиски војници.
Клучната личност во т.н. реформи во службите за
разузнавање - Доста Димовска
Владата едногласно одлучи да не ја прифати оставката на министерката за
внатрешни работи. Таа заклучи оти зборот реформи не смее да биде ништо туѓо
за безбедносните структури во РМ. МВР доби задача да подготви програма за
темелна и комплетна реформа на овие безбедонсни структури, во согласност со
европските стандарди и човековите права, изјави поранешниот портпарол на
Владата, Антонио Милошоски.
Оставката на Димовска е одбиена со образложение дека храброто справуавње
со реформите во безбедоносните органи е поголем морален потег на Владата и
на министерот за внатрешни работи отколку едно нехрабро отстапување од овие
реформи.
Нормално е да се очекува ваква реформа за која беше констатирано дека е
задоцнета. Тие структури не се реформирани десетици години и сега, кога
нивната позиција во демократијата е видно изменета, нормално е да се очекува
тие луѓе и тие структури да се реформираат. Тоа е со цел да можат да се
усогласат со демократскиот поредок во државата, истакна Милошоски.
На прашањето дали ова ќе значи чистка за оние кадри што во оставката на
Димовска беа посочени како остатоци од "старите структури", Милошоски
одговори потврдно.
Може да се толкува и така, иако тука пресуден фактор не беше лојалноста
спрема одредени партии во и надвор од власта. Лојалноста кон системот е
основниот критериум, потенцираше некогашниот портпарол Милошоски.
Според него, не претстои опасност од партизација на Министерството за
внатрешни работи, туку вистинската "опасност" што ќе се случи е -
департизација на МВР.
Една од главните карактеристики на тие структури беше поголемата
лојалност кон надворешни фактори отколку кон системот и државата. Односно,
постои предизвик за комплетна департизација на овие структури според
европски стандарди и во рамките на човековите права, оценуваше Милошоски.
Тој истакна дека аферата "Прислушување" не била поврзана со
образложението за реформите, ниту пак било констатирано дека Димовска има
одговорност за тоа. "Аферата со прислушувањето е само еден елемент во
рамките на оние стотици елементи што би биле основна причина да се изврши
сериозна реформа на овие структури. Не е реално да се очекува дека промената
на системот може да се реализира, а структурите да останат непроменети",
сметаше Милошоски.
ОТКАЗИ
Веднаш по одлуката на Владата за реформи во службите на МВР 70 вработени
во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање останаа без работа. За овие
отпуштања тогашната политичка гарнитура велеше дека не се резултат на
изјавите на поранешните функционери, заменик-министерот Рефет Елмази и
министерката Доста Димовска дека во дирекцијата работат "четнички структури
блиски до нашиот северен сосед", туку биле дел од "реформските зафати во
јавната администрација".
Повеќето од решенијата за престанок на работниот однос се засновани на
предвремено пензионирање и технолошки вишок поради укинување на нивните
работни места, а само двајца спогодбено го раскинале работниот однос со
надомест од 24 плати. Извори во МВР оценуваа дека овој потез е "прилично
голем". Инаку, вкупната бројка на вработените во Дирекцијата никој не ја
соопштува затоа што тоа е службена тајна. Раководството во МВР отказите не
ги поврзуваше со политичките оцени на Димовска за опструкции во работењето
на ДБК.
Одлуката да се отпуштат 70 вработени во ДБК е донесена пред 2-3 месеци и
поради тоа не е можно да се поврзува со изјавите на министерката Димовска и
на заменик-министерот Елмази, истакна некогашниот портпаролот на МВР,
Стево Пендаровски, сега советник на Претседателот.
Поранешниот владин портпарол, Антонио Милошоски, пак, истакна дека
отпуштените се претежно од техничкиот персонал, но и дека има отпуштени
оперативци.
Работниот однос ќе им престане на чистачките, кафеготвачките,
секретарките и други административци, кои не се директно вклучени во
работата на Дирекцијата. Исто така, ќе бидат врачени решенија за престанок
на работниот однос и на лица кои работат како оперативци, односно инспектори
во Дирекцијата. Ова освежување и преструктуирање во ДБК е последица на
модернизацијата на технологијата. Ако се земе предвид дека пред десет години
таму немало компјутери, сосема е јасно зошто има толкав технолошки вишок,
изјави Милошоски.
Поранешниот в.д. директор на ДБК, Горан Митевски, тврдеше дека овие 70
луѓе се само мал дел од вкупниот број на вработените во дирекцијата. Оваа
бројка е мала во однос на вкупниот број на вработените во Дирекцијата.
Доколку 70-те отпуштени од работа се поголем дел од вработените, ќе се
наруши безбедносниот систем во државава. Седумдесет отсто од отпуштените се
пратени во предвремена пензија, додека другите се прогласени за технолошки
вишок поради укинувањето на нивните работни места, како последица на
модернизацијата во Дирекцијата. Само двајца колеги си заминаа доброволно со
исплата на 24 лични доходи. Се е направено во согласност со реформите во
јавната администрација, изјави Митевски.
Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Демократскиот сојуз,
Павле Трајанов, во врска со оваа реформа тврдеше дека во ДБК всушност е
направена партиска чистка. Според него, од Дирекцијата се отпуштени лица што
не им се лојални на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА.
Вработените во ДБК располагаат со многу информации за државниот
организиран криминал и тероризмот во земјава. Целата оваа операција на двете
владејачки партии е со цел да се тргнат сведоците на овие криминални дејства
на власта. Според моите информации, од работа во дирекцијата исто така се
отпуштени и лица блиски пријатели и роднини на поранешните министри за
внатрешни работи, кои додека беа на функција вработуваа свои луѓе, оцени
Трајанов.
КОСОВСКИ ГЕРИЛЦИ
Додека политичките фактори во Република Македонија се препукуваа, а
притоа некои намерно ги ослабуваа разузнувачките служби, странскиот печат
оценуваше дека во нашава земја ќе има војна. На такви заклучоци дошле врз
база на собраните податоци од теренот, но и од доверливите информации што им
беа достапни од нивните служби за разузнавање и контраразузнавање.
Американскиот дневен весник "Њујорк тајмс" во својата репортажата од
македонско-косовската граница оцени дека косовските герилци ја поместуваат
својата борба на границата со Македонија. Влијателниот германски неделник "Шпигел"
тврдеше дека ОВК повторно регрутира доброволци "за борба против Србија и
Македонија".
Во репортажата на "Њујорк тајмс" е цитирана изјава на анонимен припадник
на македонските елитни единици "Волци" во која се вели дека герилците на ОВК
може да се видат како шетаат во и околу Танушевци.
Ние секојдневно се гледаме едни со други со герилците во околината на
Танушевци, но се воздржуваме од пукање, изјавил македонски војник за
американскиот весник.
МВР за тој весник оценува дека "албанските герилци селото Танушевци го
користат како регрутен центар и место за вежбовно пукање на своите борци".
Наводно, овие информации МВР ги добило од своите разузнавачки служби.
Според изјавата на тогашниот портпарол на Министерството за одбрана,
Ѓорѓи Трендафилов, дадена за тој весник, граничните патроли на АРМ "регистрирале
присуство на околу 150 вооружени луѓе кои од косовската страна се
инфилтрирале во селото Танушевци и во околните шуми". За овој упад на
герилците од Јужна Србија портпаролот на Министерството за одбрана го
критикува НАТО дека не си ја извршува работата како што треба, бидејќи не го
контролира движењето на вооружените луѓе од другата страна на границата.
Американските војници се одговорни за оваа гранична област која е само
неколку километри јужно од градот Витина каде што е базата на нивниот
контингент војници. Претседателот Трајковски побара од НАТО и од
амбасадорите во Скопје поголемо обезбедување на границата од косовската
страна. Тешко е да се војува со радикални групи. Сепак, нема да им дозволиме
да испровоцираат конфликт, изјави Трендафилов.
(Продолжува)