а 15 септември изминува точно
една година од доаѓањето на власт на актуелната владејачка гарнитура. Иако
Коалицијата "За Македонија заедно" пред да седне на тронот ветуваше "брда и
долини", ветувањата останаа празни. Актуелната власт постојано го убедуваше
народот дека ќе се бори против невработеноста и сиромаштијата. Но, не само
што не се намали бројот на невработените, туку тој се изедначи со бројот на
вработените. Порасна и бројката на социјалните случаи, а секојдневно сме
сведоци на масовни отпуштања. Освен економската нестабилност, во Македонија
континуирано е нестабилна и критична безбедносната состојба.
Пред стартот на минатогодишната изборна кампања, односно на конвенцијата
на Коалицијата "За Македонија заедно" (5 август, 2002 година), Бранко
Црвенковски, изјави: Коалицијата "За Македонија заедно" има историска
задача да ја смени состојбата во земјава, бидејќи најголем ризик и најголема
одговорност е ништо да не се преземе. Наша обврска е да конституираме чесна
и одговорна власт, да воспоставиме систем на одговорност и отчет за секого,
да го вратиме загубеното достоинство и да ги разбудиме закопаните надеж и
верба на секој наш граѓанин и на целиот наш народ.
Од денешен аспект гледано, само по себе се наметнува прашањето дали оваа
власт ни го врати достоинството или уште повеќе ни го влоши. Иако, на истата
конвенција, Илинка Митрева, сегашна министерка за надворешни работи, а тогаш
носителка на листата во шестата Изборна единица, повика да се стави крај на
стравот, несигурноста и загрозеноста и потенцира дека "нема спокој за
Македонија ако крвави западна Македонија", граѓаните во западниот дел на
Македонија не само што се чувствуваат небезбедни, туку многумина од нив се
уште не се вратени во своите домови, а ситуацијата се влошува и во
Кумановско-липковскиот регион.
РАЗЕДИНУВАЊЕ
Либералдемократот Петар Гошев кој ги предводеше кандидатите на
Коалицијата во Изборната единица број 4, на конвенцијата рече дека е време "Македонија
да се справи со 'апашите и јанкесеџиите', какви што - според него - се
тогашниот премиер Љубчо Георгиевски и 'неговата дружина', кои го
разединуваат македонскиот народ".
Црвенковски на митингот во Гостивар одржан минатата година потенцира:
Засекогаш ќе ги поразиме и ќе ги закопаме идеите за поделби, за исцртување
нови граници со крв, војни и страдања. Ќе ги поразиме криминалот и
корупцијата. Ќе изградиме посреќна Македонија во која секое семејство ќе има
барем по еден редовно вработен, луѓето нема да се плашат како ќе го
школуваат своето дете.
Гошев на митингот во Радовиш во август лани изјави: Нашата влада ќе им
стави крај на сите лаги и арамилаци, на сите корупциски скандали на
актуелната власт. За таа цел подготвивме три крупни стратегии: економска,
антикорупциска и стратегија за лична и колективна безбедност. Тие ќе почнат
да се спроведуваат веќе од 16 септември.
Тој прецизираше дека еконономската стратегија на Коалицијата подразбира
отворање од 25.000 до 30.000 нови работни места годишно, годишен пораст на
бруто домашниот производ од минимум 6 отсто и драстично намалување на
буџетските трошоци, односно "поевтинување" на државата.
Македонија се задушува во сиромаштија. Ние имаме програма со која на
државата ќе & овозможиме подобра иднина. Ќе вработиме од 150 до 250 илјади
лица и на сите ќе им овозможиме да живеат нормален и среќен живот,
изјави Тито Петковски, носител на кандидатската листа во третата Изборна
единица, на еден од митинзите на Коалицијата "За Македонија заедно".
Денес, по една година од владеењето на оваа Коалиција, граѓаните немаат,
ама баш никаква иднина и попусти беа изјавите на Црвенковски дека луѓето
нема да се плашат како ќе ги школуваат своите деца. Сиромаштијата влезе на
уште поголеми врати, па родителите мака мачат со тоа како да го прехранат
семејството и како да купат учебници за своите деца.
Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на митинг во Охрид, одржан минатата
година, потенцираше: Една третина од земјата не се контролира, поради
пропустите на власта. На овие избори народот ќе има доволно храброст да
гласа за нова македонска преродба.
Но, и ден денес не е вратена контролата на целокупната територија на
државата.
Коалицијата "За Македонија заедно" излегува пред народот со чист образ и
со програма за развој на земјата за надминување на сиромаштијата, рече
Тито Петковски, на митингот во Крива Паланка, а Црвенковски дополни:
Владата на СДСМ ја создаде и ја сочува државата, што сега немилосрдно се
распродава. Ни велат дека државната каса била полна, дека Буџетот е полн.
Што вреди кога сметките на фирмите и џебовите на народот се празни.
Тој најави дека од 16 септември ќе има ред и закон, ќе се знае "кој е
чесен, а кој криминалец, кој е за почит, а кој ќе одговара".
БЕСМИСЛИЦА
Ќе спроведеме оперативна програма за искоренување на корупцијата, бидејќи
таа ги јаде работните места и ги уништува стопанството, семејствата и луѓето.
Ќе го искорениме шверцот со домати и ќе ги затвориме рекетарите што ги
сопираат шлеперите на границите собирајќи арач по патиштата. Царината веќе
нема да ја раководат разни "Далаверци" и нему слични. Нема веќе корупција во
Македонија. Ќе им посветиме поголемо внимание на вработувањето и на
земјоделството.
Со овие зборови Петар Гошев, носителот на листата во четвртиот изборен
регион, им се обрати на граѓаните на митингот на Коалицијата "За Македонија
заедно" во Гевгелија.
Ни порачуваат "Главата горе" со полн буџет, а сиромав народ и колабирано
стопанство. "Главата горе", а ни ги продадоа државата и општествениот имот.
Ја растураат Македонската православна црква, а една третина од земјата оваа
власт не ја контролира. Секој ден во Западна Македонија гинат невини луѓе.
Ова е, за жал, нашата реалност, рече Ристо Пенов, лидерот на
Либерално-демократската партија.
Тешко од оние што градат цркви и манастири, а не веруваат во Бога. Помина
времето на глумците и на лажните патриоти кои дење се колнат во Македонија,
а ноќе ја распродаваат, изјави Бранко Црвенковски на митингот во
Гевгелија.
Секоја година ќе вработуваме по 30 илјади лица, ќе ја сузбиеме
невработеноста која достигна бројка од 370 илјади лица. Во Крушево повторно
да заживее бизнисот, по што беше познато тоа гратче.
Со тие зборови Никола Поповски, носителот на листата на Коалицијата "За
Македонија заедно" во петтата Изборна единица настапи на митингот пред
крушевчани.
Реалноста во Македонија е трагична, а актуелната власт не гледа ништо од
тоа. Владата се однесува како да е колонијална управа во недефиниран
меѓународен протекторат. Се градат партиски резиденции и хациенди, без пари
се купуваат фирми и банки. Вака веќе не може, порача Тито Петковски на
митингот во Кочани.
Сите темели на кои се потпира државата се разнишани и поткопани. Долги
години наназад се гордеевме со мирот, со сожителството, а сега имаме војна,
изгубени човечки животи, илјадници раселени и протерани лица, рече
Црвенковски.
Објаснувајќи што ќе направат ако победат на изборите на 15 септември,
лидерот на СДСМ вети 100 илјади нови вработувања, а довербата што ќе им ја
даде народот ќе биде на проверка секоја година од мандатот.
Секоја вечер ги гледам како глумат патриотизам со храброста на војниците
што лежат по рововите. Велат дека Буџетот е полн. Погледнете ги вашите
сметки. Тешко на таа држава во која буџетот е полн, а народот сиромашен.
Тешко на оние кои со крадење сакаат да си ги откупат гревовите, па градат
цркви, а во Бога не веруваат. Мака мачат да извадат бројки за да докажат
дека сите се среќни и задоволни. Тајфата на Љубчо Георгиевски со уште 200 до
300 приврзаници живеат во нивниот филм, а во своите вили го делат пленот од
криминалот, изјави Црвенковски, на еден од митинзите на Коалицијата “За
Македонија заедно”.
Ако оваа гарнитура се обиде уште еднаш да го измами својот народ со
големи, а неостварени ветувања, за неа сигурно веќе нема да има место во
идните изборни процеси. Довербата ја имаме, расположението меѓу народот се
чувствува на сите наши митинзи и затоа ќе го оствариме она што го ветуваме,
потенцираше Петар Гошев на прес-конференција.
Секојдневно слушаме како Георгиевски и министерот за финансии Никола
Груевски зборуваат за некакви факти и бројки. Тие сакаат да ве убедат дека
сте слепи. Дека не можете да видите колку ви е убаво. Точно е дека им е
убаво, но само на тие двесте луѓе што играат во нивниот филм со кралски
балови, шопинзи во Дубаи, екскурзии во Ерусалим, рече во Неготино и во
Кавадарци, Црвенковски.
Никола Поповски им се обрати на кичевчани со зборовите: Кичево не се
наоѓа на картата на Македонија што ја гледаат челниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Георгиевски на митингот во Делчево се пофали дека инвестирал
повеќе од 50 милиони долари во родниот град. Јавно го прашувам Премиерот што
вложила актуелната власт за четири години во Кичево. Прашувам како е можно
во централните градски подрачја да нема фекална канализација и како е можно
во градот да има повеќе од 8.000 невработени.
Бранко Црвенковски, на митингот на Коалицијата "За Македонија заедно" во
Велес потенцира: Минатогодишната војна можеше и да се предвиди и да се
спречи, но оваа власт не го направи тоа.
Тој & порача на власта да не го лаже народот дека некој ги спречил за
нешто во ланската криза. "Единствената работа што ги спречивме да ја
направат беше да ја поделат државата". Црвенковски ја обвини власта за
селективно презентирање на бројките и на фактите за нејзиното владеење во
јавноста: "Ги слушаме како се фалат дека пензиите ги зголемиле за 6 отсто, а
не кажуваат дека цената на струјата ја зголемија за 60 отсто, на бензинот за
90, а на телефонијата за 100 отсто. Зборуваат за некакви бројки и факти, а
не ги кажуваат најважните две бројки - 500.000 граѓани живеат со помалку од
еден долар дневно, а 376.000 се невработени".
Со извикот "Главата горе, владата долу", носителот на листата на
опозицијата Тито Петковски ги повика велешани "на 15 септември да & кажат
збогум на актуелната владејачка гарнитура".
Гошев на митинг во Прилеп вети дека од 16 септември ќе почне програмата
за економска обнова на земјата, а најави дека новата власт ќе се пресмета и
со тутунската мафија. Ристо Пенов, лидерот на Либерално-демократската
партија, истакна дека од 15 септември во Македонија ќе владеат законите "за
сите и секаде, и конечно ќе имаме правна држава".
Државата еднаш се создава и мора постојано да се гради и брани. Прилеп
беше град - херој, прв во одбраната на националните интереси, а не град на
насилства. Нема победничка Македонија без победнички Прилеп, рече Бранко
Црвенковски.
Според него, Македонија не може да опстане со 500.000 сиромашни и 370.000
невработени луѓе и со огромен криминал, корупција, насилство и неправда.
Зборувајќи за ТАТ, Никола Поповски во Битола рече дека "опозициската
Коалиција не бега од проблемот" и вети оти новата влада ќе донесе закон со
кој побарувањата од ТАТ ќе се претворат во државни обврзници.
Нема две Македонии, таа е единствена, рече Ристо Пенов, лидерот на
ЛДП, на митингот во Тетово.
Тој додаде дека најголемо зло за Македонците и за Албанците е
сиромаштијата и вети дека, меѓу другото, нивната Коалиција ќе се справи со
овој проблем со отворање на 25.000 до 30.000 нови работни места годишно.
Но, барем засега и барем досега, реализирањето на ветувањата на
Коалицијата "За Македонија заедно" некако тешко & оди.