ПОЛИТИКА

Влошени "безбедносните" односи меѓу СДСМ и ДУИ

ТАЈНАТА ОПЕРАЦИЈА ЈА РАЗНИША ВЛАДАТА ОД ИНТЕРЕС

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Полициската акција во реонот на Брест внесе криза во Владата и таа тешко дека ќе се надмине, иако Бранко Црвенковски побара од јавноста да се резонира со ладна глава. Но, тоа тешко дека ќе се случи, бидејќи емоциите кај албанските политичари од Коалицијата надвладуваат.
  • Од ДУИ се закануваат дека ќе ја напуштат Владата, бидејќи не биле информирани за тајната операција и дека во неа има многу цивилни жртви. Според нив било употребена прекумерна сила, термин што постојано беше употребуван од страна на меѓународните претставници во 2001 година.

Безбедносните сили конечно удрија по албанските терористички сили кои власта ги нарекуваше "криминални банди". Но, по тајната акција во и околу селото Брест на Скопска Црна Гора, се потврдија информациите дека станува збор за припадници на терористичката организација АНА, која долго време & пркосеше на полицијата, бидејќи Владата на Црвенковски & дозволи да прерасне во сериозен проблем кој се повеќе ги нарушуваше основните и виталните интереси на Република Македонија.

Акцијата стигна во последен момент и е дел од поширокиот план за уништување на ваквите групи во Липковскиот крај. Меѓутоа, оваа акција ја разниша коалицоната Влада меѓу СДСМ и ДУИ. Таа покажа колку е кревка соработката меѓу големите партнери, бидејќи комуникацијата, односно бракот, беше склучен по национален клуч, а не за општиот државен интерес.

РЕАЛНИ СОСТОЈБИ

Двајца терористи, а можеби и повеќе загинаа кај Брест по акцијата на безбедносните сили против паравоените формации. Непотврдени информации од теренот говорат дека уште седум до девет лица од вооружените групи биле убиени. МВР го утврдува идентитетот на убиените кои биле облечени во маскирни униформи на германската војска, со ознаки на специјалната единица на АНА - "Кобра". Во акцијата биле откриени уште пет бункери, а било запленето поголемо количество пешадиско оружје и минофрлачи.

Поради ова Демократската унија за интеграција, партијата на Али Ахмети, се закани дека ќе ја напушти владината Коалиција ако се потврдат информациите дека имало многу цивилни жртви. Оваа одлука лидерот на ДУИ им ја соопштил на дипломатите во Скопје.Пратеникот на ДУИ од кумановскиот крај, Хисни Шаќири, изјави дека акцијата на македонската војска и полиција е "трагедија" и дека Ахмети отворено му се заканил на Црвенковски оти ќе ја напушти Коалицијата.

АНА располагала со голем арсенал

На повеќечасовна средба на највисоко ниво меѓу раководствата на ДУИ и на СДСМ, била формирана работна група што ќе утврдува евентуална прекумерна употреба на сила.

Во редовите на ДУИ се забележува нервоза, меѓутоа околу глобалните политички ставови и крајните цели не може да се констатираат никакви разлики, изјави премиерот Црвенковски, на прославата во Парламентот организирана по повод 8 септември, Денот на независноста, на која не присуствуваа претставниците на Албанците.

Претставниците на Европската унија сметаат дека ситуацијата во нашава земја се уште е конфузна по неделната акција на безбедносните сили. Според одредени дипломати, тие чекаат препораки од Брисел, односно ЕУ чека прецизни информации од теренот, а во меѓувреме сметаат дека случувањата на теренот се проблем на нарушување на внатрешниот ред.

Кабинетот на високиот европски претставник, Хавиер Солана, по неговата средба со европскиот претставник во Скопје, Алексис Брунс, им дава поддршка на македонските безбедносни сили.

Целокупниот амбиент во земјава, претседателот на Собранието, Никола Поповски го оцени како соочување со проблемите.

Македонија во еден ист временски период мораше да се соочи со создавањето сопствена држава и со промените во сопственото уредување. Целиот процес беше усложнет со воените и безбедносните закани во поширокиот регион, а во последните години и внатре во земјата. Но, тоа се нашите реални факти и состојби со кои моравме да се соочиме и преку нив да докажеме дека Република Македонија има државни институции способни да бараат и да наоѓаат излез токму низ нив.

Ова го потенцираше Никола Поповски, на приемот во Законодавниот дом, организиран по повод Денот на независноста - 8 Септември. Во отсуство на претставниците на коалициониот партнер ДУИ, премиерот Црвенковски имаше свој коментар во врска со настаните во селото Брест.

ДОБРО ВООРУЖЕНИ

Загинувањето на двете лица, припадници на криминално-терористичката банда предводени од т.н. командант Бреза, при што во акцијата беше лишено од слобода уште едно лице, го потврдија и гласноговорниците на МВР и на МО, Мирјана Контевска и Марјан Ѓуровски. Во акцијата што беше во рамките на втората фаза од оперативниот план на полицијата, со поддршка на Армијата, биле неутрализирани неколку вооружени групи во поширокиот реон на селото Брест, на македонско-српскоцрногорската граница во делот кон Косово.

Уапсениот бил фатен од страна на полицијата кога превезувајќи се со автомобил кон Кумановско-липковскиот регион при утврдување на неговиот идентитет било констатирано дека по него е распишана потерница за повеќе кривични дела. Инаку, полициската акција започнала некаде околу 7,30 часот и со тричасовен прекин траела се до 15,30 часот, откако петчлена терористичка група отворила оган врз припадници на Армијата на Македонија и на полицијата. Кон безбедносните сили било стрелано од повеќе видови тешко вооружување, а биле користени и тешки митралези, рачни ракетни фрлачи од поголем калибар, "золји" и друго.

Во престрелката со терористите, по која вооружените групи биле разбиени и неутрализирани, загинале двајца припадници на терористичката АНА од составот на специјалната група "Кобра". Телата на загинатите заради обдукција биле пренесени во Институтот за судска медицина и криминалистика каде што треба да биде утврден нивниот идентитет.

Подоцна при прегледот на теренот од каде што дејствувале и каде што биле убиени припадниците на криминално-терористичката група полицијата пронашла и запленила поголемо количество оружје и муниција.

Целокупната операција била изведена врз основа на разузнавачките податоци добиени од припадници на МВР и на МО, за тоа дека во посочениот регион околу Танушевци, Брест и Малина Маала, била лоцирана вооружена група од околу 25 лица, предводена од таканаречениот командант Бреза.

Задачите на АРМ, во согласност со Уставот и законите, биле набљудување на теренот, блокада на поширокиот терен кај Брест и неутрализација на поединци кои ќе се обидат да влезат или излезат од реонот кај ова село.

Врз припадниците на АРМ и на полицијата било стрелано од митралези со калибар 12,7 мм, митралези 7,62 мм, рачни ракетни фрлачи од 90 мм и РПГ. Најголемото дејство било од реонот на Густа Планина, Калаја, Азилар Маало и Мујски Рид. Поради употребата на минофрлачи од страна на вооружената терористичка група, хеликоптерите на АРМ во два наврата биле во извидувачко-набљудувачка мисија.

Портпаролите, Ѓуровски и Контевска, на прес-конференцијата ги демантираа шпекулациите изнесени во одделни електронски и печатени медиуми за тоа дека македонските безбедносни сили користеле тешко вооружување, напоменувајќи притоа дека и полицијата и Армијата биле вооружени со лесно пешадиско оружје. Во акцијата нема загинати ниту повредени припадници на МВР и на АРМ, според Контевска и Ѓуровски, била спроведена крајно професионално и според предвидениот план, а за време на активностите не била употребена сила против цивилното население и не биле загрозени имотите на локалното население. Во поранешните кризни региони, истакнаа гласоговорниците, продолжува будното следење на ситуацијата и изведување на операцијата што има цел безбедносно да го стабилизира регионот каде што се лоцирани вооружените групи и да ја врати сигурноста на граѓаните, без разлика на нивната национална припадност.

НЕРВОЗА ИЛИ ...

Очигледно, полициската акција во реонот на Брест внесе криза во Владата и таа тешко дека ќе се надмине, иако Бранко Црвенковскои побара од јавноста да се резонира со ладна глава. Но, тоа тешко дека ќе се случи, бидејќи емоциите кај албанските политичари од Коалицијата надвладуваат. Тие се закануваат дека ќе ја напуштат Владата, бидејќи не биле информирани за тајната операција и дека во неа има многу цивилни жртви. Според нив, била употребена прекумерна сила - термин што постојано беше употребуван од страна на меѓународните претставници во 2001 година. Но, сепак тогаш никој од нив не ги осуди ѕверските методи, мачења и етничките чистења кои ги вршеа терористите на ОНА.

Затоа Црвенковски треба многу да внимава, бидејќи коментарот дека "во редовите на ДУИ се забележува нервоза" не држи вода. Заканата на ДУИ е опасна работа, бидејќи можат да се разгорат меѓунационалните страсти. Тие се на нож и секој што нерационално размислува се обидува да ја влоши ситуацијата. ДУИ во врска со кризава веќе е во постојано заседавање.

Дискутиравме околу полициската акција во Брест и како коалициски партнер ќе побараме од СДСМ и од Владата за секоја таква акција однапред да бидеме консултирани, а не да се интервенира без наше знаење. Ако треба да ја делиме одговорноста за сите работи во државата, треба да не консултира и да имаме рамноправен третман во власта, изјави Хисни Шаќири од ДУИ.

На првиот состанок по полициската акција раководството на ДУИ побарало од сите нивни министри и заменици-министри во Владата да се изјаснат дали биле однапред информирани за намерата на МВР да спроведе акција против бандите што крстосувале во реонот на Брест. Откако добиле негативен одговор дека не знаеле за полициската акција, тензијата во ДУИ пораснала. Колку таа е голема покажуваат првичните реакции. Таа тешко дека ќе се надмине, бидејќи во моментов емоциите ги надвладуваат рационалните сфаќања во врска со акцијата за уништувањето на терористичките групи и екстремисти што го загрозуваат редот и поредокот во Република Македонија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"