|
ПОГЛЕДИ
Огледалце, огледалце
НЕ ОТИ НЕ ЗНАЕМЕ, АМИ ОТИ НЕ САКАМЕ!
Гог ма Гог
У мен човек не може, а да не праша:
зошто последнава декада ни се случуваат кадровски пикантерии од најдолен тип,
па доаѓаме до ситуација да го броиме одливот на најдобрите, млади, стручни и
образовани луѓе во странство кои овде дома им го отстапувааат просторот на
просечните, дури и на потпросечните.
За една мала земја каква што е Македонија, таканаречениот "егзодус на
интелектуалците" изразен во бројка од дваесетина, па дури и триесет илјади
млади луѓе, е рамен на природна непогода што малку други, а најмногу ние, си
ја предизвикуваме. Најлошото е што егзодусот на умните не запира. Тивко без
некои големи разделби од блиските свои и од татковината, тие си заминуваат,
не со догледање, туку со - збогум! Зарем навистина толку е лошо во оваа
земја да се живее и да се работи?
Изгледа - да! А, никој не сака да каже - зошто? Како ноеви со главите во
песокот го продолжуваме животот не на дедовците, туку на прадедовците, опеан
во песните на Сариевски, Бадев, Христовски, Петранка и многу други преку "Параходот
што пристигна" и треба да ги носи во далечни земји на печалба.
Скршена мајка за синот дипломиран физичар што ги "собрал" децата и жена
му и правец во Канада, вели:
- Долго пред никого и за ништо не зборуваше, ниту најавуваше дека ќе оди.
Заминувањето го криеше како "воена тајна". На аеродром уште авионот не
полетан, мораше да ми признае: "Мајко, рече, со овие овде не можам да се
борам, не можам да ги чекам да се вразумат. Кај нив тоа долго трае. И ќе
трае. Ќе се сменуваат на политичката сцена, како денот и ноќта и секогаш ќе
ги милуваат, иако им прават отстапки на своите партиски војници, послушни до
оној момент додека не го остварат својот интерес, а потоа неспособни за
ништо, дури ни да ја бранат партијата кога ќе & треба најважната одбрана,
зашто не знаат, па затоа партиите ги поразуваат, а тие остануваат... Во
Македонија, вистински образованите, способни и стручни луѓе, се одредени да
носат вода во решето!".
Од Македонија, за жал, не бегаат само умните и образованите. Бегаат и -
богатите. Попрецизно, нивниот капитал во Сити банка во Солун, во Хипо банка
во Виена, во Дојче банка во Франкфурт секаде кај што заработените, или
незаработените пари можат да се сместат на сигурно, само не во Македонија.
Има ли полоша и поапсурдна ситуација за една земја од оваа во која се
наоѓа Македонија: да ти бегаат сите што ти се најмногу потребни, а да
останат оние кои "не знаат што да прават самите со себе, па ги пребројуваат
оревите"?! Како потврда на ова, некни ми "легна" изјавата на почитуваниот
адвокат Самоил Филиповски, прецизна и многу уверлива: "...Застарениот Закон
за кривична постапка, каков што имаме, на Македонија не & дава можност да се
справи со современите облици на организираниот криминал и со корупцијата.
Проблем се и несоодветните и недоволно образовани кадри што се занимаваат со
прогонот на ваквиот криминал!".
Кај нас или немаме Закон или немаме луѓе за Законот? Но, се случува
најчесто да немаме ни Закон ни луѓе. Така тоа оди, оти не да не знаеме, туку
оти не сакаме.
Мораме, сепак, да им веруваме на лидерите на нашите партии, ако не за се,
тогаш барем за едно. За ситуацијата во која и самите се наоѓаат. Просто ги
жалам Бранко и Грујо, и другите од политичко-партиската номенклатура. Сакаат
витешка борба, но немаат витези. Мораат да се служат со "отпадоци" кои
подоцна токму тие им ги прават најголемите бељи во сопствените редови. Но,
за љубов на вистината, војните во Македонија за политичка превласт ја
добиваат "оние" што во таа борба ги користат - "овие"!
"Что делат?", праша некогаш Чернишевски. "Да се селектираат мангупите во
своите редови", одговори Ленин и ја направи првата најголема грешка, дозволи
да го замени најголемиот мангуп - Сталин!
|