ИНТЕРВЈУ

Д-р Стојан Кузев, доцент на Воената академија "Михајло Апостолски" во Скопје

БЕЗБЕДНОСТА НА ГРАНИЦАТА СО КОСОВО Е КЛУЧ НА КРИЗАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Разговарал: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Премиерот и министерот за внатрешни работи се оградија од разговори и преговори со водачите на криминални групи. Водачите на тие групи, и овој пат, индиректно ја постигнаа својата цел. Тие, сепак, разговараа со луѓе од власта.
  • Да не заборавиме дека пратениците од тој регион, избрани од тој народ, седнаа и надвор од македонското присуство разговараа со нив. Пратениците се носители на законодавната власт во РМ. Тие припаѓаат на институциите на системот и со оваа постапка ја покажаа својата големина и доблест. Доколку не се одзваа на ваквите уцени од страна на водачите на тие криминални групи, и ако едноставно се придружеа на апелот на Премиерот и на министерот за внатрешни работи, ќе имавме друга ситуација.

Професорот Кузев на додипломските студии при Воената академија предава Основи на стратегија на одбраната на Република Македонија, додека пак на Командно-штабната школа држи два предмета: Основи на одбраната и национална стратегија и Колективна безбедност и одбрана.

МС: Господине Кузев, влошената безбедносна ситуација, поточно тензиите во Липковскиот крај, укажуваат на некои настани од 2001 година, а тоа е дека ни се повторуваат истите грешки во однос на предвидувањата за загрозеноста на Република Македонија од терористичките групи и криминалните банди. Дали нашава оценка е слична со Вашиот став во однос на сегашната ситуација?

КУЗЕВ: Во основа би се согласил со вашите констатации, бидејќи многу случувања во 2003 година асоцираат на она што беше својствено за 2001 година. Но, ете, мене како професор на Воената академија, како граѓанин на Република Македонија, ми преостанува само да посакам дека ќе немаме ист епилог како претходниот. Многу од проблемите што ни се случуваат во нашава држава имаат внатрешен карактер, но да не заборавиме дека сите тие случувања се во тесна корелација со нашето соседство и со меѓународната заедница. Кога говорам за ова второво, веднаш сакам да истакнам дека токму границата е таа којашто Република Македонија со своите безбедносни сили треба да ја штити, со цел овие влијанија да се минимизираат, а потоа проблемите кои ги имаме внатре, во национални рамки, да ги решаваме преку демократски дијалог и низ институциите на системот.

МС: Според информациите што пристигаат од теренот, во овој момент имаме добра комуникација меѓу АРМ и МВР. Дали тоа значи дека се поучија врз грешките од 2001 година кога се одбра фронталното војување, како начин за решавање на проблемите со терористите на теренот, а сега се заземаат стратешките места? Односно, колку овој различен приод во решавањето на проблемите на теренот ќе помогне да се одбегне конфликт од поголеми размери?

КУЗЕВ: Во начинот на дејствувањето на надлежните државни органи со своите физички капацитети за разрешувањето на сегашниот актуелен момент во Република Македонија постои видна разлика. Таа разлика, пред се, треба да се идентификува во тоа што секој од државните органи кој има своја надлежност во остварувањето на безбедноста на РМ, ги извршува своите функции онака како што е предвидено со Уставот и законот. За што всушност станува збор? Добро забележуваме дека Министерството за одбрана, ГШ и АРМ, освен на извршувањето на своите основи задачи, линиско обезбедување на границата, сега не е поактивно вклучено во решавањето на конкретните состојби и проблеми на теренот. Тоа значи дека во исто време надлежното Министерство за спроведување на овие работи, а тоа е МВР, ги зеде во свои раце работите и дејствува адекватно на тоа како го налага актуелната ситуација. Сето ова говори дека институциите на системот во земјава, посебно Владата, можеби поради научените лекции од 2001 година, покажуваат една зрелост кон разрешувањето на проблемот. Да се надеваме дека состојбата ќе се држи вака и понатаму под контрола и дека сето она што го работи МВР во оваа навистина кризна ситуација за нашава земја, од аспект за можноста на ескалација, ќе ја сведе во рамки коишто ќе значат враќање на безбедноста во земјава на она посакувано нужно ниво.

КОРУПЦИЈА

МС: Потенциравте дека е научена лекцијата од 2001 година. Но, дали постоеше шанса или можност многу порано да се реагира и да се уништат т.н. криминално-терористички банди, односно дали можеше да се пресечат каналите за снабдување во триаголникот Танушевци - Арачиново - Липково?

КУЗЕВ: Секако дека многу порано можеше нешто да се направи. Но, мораме да бидеме и објективни дека за разрешување на кревката безбедносна состојба, огромно влијание имаат вкупните слабости со кои се соочува државата во бројни општествени сфери. Тука се економската, социјалната и политичката ситуација кои многу влијаат врз безбедноста и општата состојба. Затоа, долгорочното разрешување на безбедносната состојба треба да се бара во поширок контекст.

МС: Дали постои опасност странските разузнавачки служби, кои несомнено беа инволвирани во 2001 година и ја потпалија меѓунационалната војна, повторно да ја искористат оваа ситуација за остварување на сопствените интереси. Во прилог на ова одат настаните во Прешевската Долина, профитот од криминалните дејствија итн.?

КУЗЕВ: Оваа прашање е многу сложено и тешко дека ќе може да се одговори, бидејќи амбиентот меѓу 2001 година и оваа е различен. Република Македонија во градењето на својата сопствена безбедност која мора да се базира врз нејзиното опкружување, покажа максимална кооперативност со соседите, со регионалните пријатели, со меѓународната зедница. Искуствата покажуваат дека за некои работи по настаните од 2001 година и заокружувањето на целиот процес поврзан со Рамковниот договор, не се најдоа соодветни решенија. Но, исто така, факт е дека земјава сфати оти има избрана демократска власт и дека граѓаните сакаат проблемите да ги решаваат на еден мирен начин. Е, сега тука може да се постави прашањето какво е влијанието на меѓународната заедница во развојот на настаните и што тука има и ќе има приоритет. Едноставно, мислам дека меѓународната заедница и водечките држави ги постигнаа своите цели во регионот и тоа го покажуваат. Тие се максимално присутни. По ова може да се зборува за издржливоста на Република Македонија и колку таа во оваа наметната ситуација може да ги протежира своите државни интереси. Дури по ова можам да се осврнам на аспекот на разузнавачката и контраразузнавачката активност, кои не се моја специјалност, туку едноставно како човек граѓанин на Република Македонија кој делува и работи во сферата на безбедноста и одбраната. Како професор кој на Академијата се занимава со стратегијата за проблемите на одбраната во државите, посебно на РМ, врз база на укажувањата на стручњаците во оваа област, можам само да им верувам на колегите и да се придружам кон фактот дека разузнавачките служби максимално се присутни на просторов. Ги има од различни држави, од различно бои. Затоа, доколку нашите органи од оваа сфера успешно ја извршуваат својата работа, односно меѓусебно соработуваат, во смисла на можните извори и добивање на квалитетни и вкрстени податоци и информации и истите да бидат ставени на маса пред надлежни државни органи, мислам дека сме ја завршиле работата и ќе имаме валидни податоци кои ќе бидат водилка во натамошното разрешување на кризата. Доколку нашите служби од овој тип не работат вака и настапуваат изолирано, состојбата ќе се усложнува, а вистинските потези ќе ги влече другата страна.

МС: Крупни прашања ни се повторуваат во 2001 и во 2003 година, а тоа се реформите во АРМ, во ГШ, во Министерството за одбрана итн. Дали тоа некој намерно не турка во пропаст или ние имаме избрано погрешна национална концепција за безбедност, бидејќи испраќаме војници во Авганистан, во Ирак, а тука не можеме да го решиме проблемот со тероризмот?

КУЗЕВ: Република Македонија, нејзините безбедносни сили, посебно АРМ, полицијата, па и надлежните министерства од осамостојувањето, постојано се во некои реформи. Едноставно, носителите на политичката власт како да не успеаја при добиениот мандат од народот да направат програмирана проекција за тоа каде и како ќе се движат одредени сегменти во рамките на државната структура. Тука, пред се, мислам на војската и полицијата како инструменти во остварувањето на независноста и територијалниот интегритет. Значи, би сакал да укажам на дефектноста во смисла на тоа - ако немаме долгорочни цели и стратегии на развој во оваа сфера, тогаш барем да имавме среднорочни. Нешто што ќе значи заокружување на системот. Еве, нека и не беа на пет години, нека беа на три, но да се знае нашата определба за развој на нашите сили и нивната структура, нивното организациско и формациско преструктуирање. Што значи, тука требаше да застанеме, бидејќи тоа ќе беше утврдена политика на државата и ќе чекавме да истече проектираниот период за да видиме на што сме пред да почнеме со нов процес на надградба. Во овој временски период партиите на власт не дадоа стабилност на безбедносните сили. Тие ги менуваа поставените цели. Можеби најголем пример за тоа е и проектирањето на големината на Армијата која, ете, по осамостојувањето тргна во една варијатна од 200.000 припадници, па 120.000, па на 60.000 припадници. Но, сепак, тоа беа трансформации кои се случуваа низ еден подолг период. Индикативно, за пример, станува проектирањето на АРМ со последната годишна национална програма за членство на РМ во НАТО, што практично трбаше да значи одлепување од Партнерството и добивање на статусот на рамноправно членство во Алијансата. Во прилог на ова, се предлагаше Армијата да има 12.500 припадници. Па имаше заговарања на 8.000 или 9.000, а сега слушам дека се стигнало на 7, односно 6.500 припадници итн. Армиската структура е гломазна. Таа не трпи ни дневни политики, како и импровизации. Токму затоа, повторно ќе се вратам на вашето прашање - трансформацијата се совпаѓа со кризните години во Република Македонија.

МС: Би сакале повторно да се вратиме на оние оперативно-тактички планови што во моментов се применуваат во кризниот регион. Колку стручњаците од АРМ, од ГШ, па и од МВР, извлекоа поука дека мораат координирано да настапуваат, но истовремено брзо и ефективно да се реагира на елементите што го нарушуваат редот и поредокот во Република Македонија? Дали очекувате дека ќе бидат пресечени каналите за поткрепа на терористите и криминалните банди и дали тоа ќе се постигне со сегашнава изолација на екстремистите?

КУЗЕВ: Јас одговорот на ова прашање ќе го лоцирам во следниов концепт. Корупцијата е иманентна во југоисточна Европа. На Балканот посебно. Корупцијата е иманентна кај сите наши соседи, а за жал, според некои проценки, дека таа најмногу е присутна во нашава земја. Се оди дури дотаму што идентификувањето на носители на корупцијата да се именуваат не само истакнати носители на власта на РМ, туку и цели органи. Едноставно, нашата држава е доведена во ситуација кога и најелементарни работи не можат да се завршат по регуларен пат, во смисла на почитување на закон и прописи. За таа цел, за да се заврши минимална работа, потребни се мали, големи мита, ургенции кои подоцна предизвикуваат ситуции во кои се бара враќање на услугата итн. Во тој круг, корумпирани се македонските граѓани , институциите, но општопознато е дека носители на корупцијата на големите зделки се Албанците од македонско потекло, токму поради нивната поврзаност со сличните групации кои живеат во соседните држави, инфилтрирани во европските и во прекуокеанските земји. Вака, како граѓанин на РМ, сакам да се согласам со тоа и да & верувам на актуелната власт дека навистина проблемите што ја нарушуваат безбедноста на Македонија се од корупциски аспект, дека се криминални и екстремни групи зад коишто се крие интересот и профитот. Но, лично мислам дека проблемот е подлабок. Дека не е чисто корупциски, дека за жал проблемот на безбедноста на РМ, покрај од овој тип како што тоа се лоцира, има и одредени политички белези. Впрочем, како да се објасни постапката кога македонските носители на власта ескплицитно не разговараа со овие групи во случајот со Ваксинце? Премиерот и министерот за внатрешни работи се оградија од разговори со водачите на тие криминални групи. Меѓутоа, мораме да бидеме свесни дека тие на определен начин и овој пат ја постигнаа своја цел. Сепак, разговараа со луѓе од власта. Да не заборавиме дека пратениците од тој регион, избрани од тој народ, седнаа и надвор од македонското присуство разговараа со нив. Пратениците се носители на законодавната власт во РМ. Тие припаѓаат на институциите на системот и тие со оваа своја постапкаја покажаа својата големина и доблест. Доколку не се одзваа на ваквите уцени од страна на водачите на тие криминални групи, и ако едноставно се придружеа на апелот на Премиерот и на министерот за внатрешни работи, ќе имавме друга ситуација. Значи директно властите не разговараа, но индиректно тоа го направија. Ова може да биде научена лекција и лошо искуство во смисла на тоа дека и понатаму со екстремни терористички групи во РМ се разговара. Но, исто така, треба да се земе предвид и искуството дека Македонија не може да санира, да лечи и да разрешува одредени проблеми без меѓународно прусуство. Ниту еден раговор не може да се случи во било која општествена сфера, а притоа да не присуствува претставник на меѓународната заедница, кои за жал се од понизок ранг.

ГРУПИ

МС: Значи, тенкиот од по жилетот покажува колку официјалната власт нема изградено цврст став во однос на решавањето на проблемот со терористичките групи. Во моментов тие го диктираат темпото на движењето во РМ, но токму тие беа основата на поранешната ОНА. Постои ли опасност токму овие терористички групи да бидат јадрото на новата политичка албанска организација за остварувањето на големите соништа?

КУЗЕВ: Во моментов тие не можат така да бидат окарактеризирани, доколку Владата и министерствата истраат на зацртаниот курс за решавање на кризата. Меѓутоа, ова мора да биде индикатор за следните настани од овој тип. Македонија, од нејзиното осамостојување па до ден денес, е богата, со искуството за коалиционо владеење. За жал, ваквите влади не ги дадоа посакуваните. Таквото владеење, таквиот модел, наместо да биде спектар за пласирање на идеи на развој, на економски растеж, на еколошки подем на РМ, се покажа дека коалиционото владеење е кочница. Односно, коалициите од различните национални блокови како да имаат различни интереси. Оттука мислам дека тие не нудат можности за доволен развој на земјава и токму поради своите различни интереси тешко се вклопуваат во проектирањето на развојните програми за РМ. Практиката покажува дека водат договорена политика во смисла на тоа да се оди само на прагот на опстанокот во коалиционото партнерство и опсанокот на власт, кои не може да дадат долгорочни решенија за развој на РМ. Дејствувањето на Владата и законодавниот дом мора да ги исклучи партиските бои и нивните партиски интереси. Македонија, единствена како целина, во наредниот период мора да се бори за остварување на националните интереси.

МС: Меѓутоа, се додека имаме рак-рани што се лечат само со ангажирање на полициски сили, без енергични акции за сузбивање на криминалците, нема решавање на проблемот. Дали освен политичката еуфорија и изолацијата, постојат други начини за ефикасно решавање на проблемот со тероризмот?

КУЗЕВ: Ја имаме таа среќа што проблемот се држи под контрола и навистна, доколку покажеме зрелост, него ќе го решиме во иднина. Тие групи во преспектива ќе имаат се помала подлога. Но, не верувам дека станува збор за една или две криминални групи. Верувам дека се повеќе. Исто така, би сакал да верувам дека во тие различни криминални групи има по тројца, петмина или петнаесет припадници. Но, моето убедување вели дека нивната бројка е поголема. Прашањето е мошне сложено. Тие групи бараат свој интерес во униформа. Тие луѓе бараат остварување на својот интерес под оружје со ознаки коишто во Македонија немаат свој регистар. Сакам да посочам на следново - стабилна држава е онаа која солидно ги чува своите граници и каде што перцепцијата и динамиката на границата се контролира. Границата е клучниот проблем за настаните во РМ. Таа граничи со четири држави. Две практично можат да се чуваат по западните модели. Тие се релаксирани и немаме некои поголеми проблеми. Третата граница е релативно мирна и е безбедна, но северната во делот на Косово не е под целосна контрола. Мислам дека овој дел од границата е темел на кризата. И затоа како и колку Македонија ќе ја контролира, така ќе се решава оваа моментална криза, но кризата долгорочно. За поцелосно и посовремено чување на границата, по мое мислење Република Македонија ја пропушти својата шанса. Во времето кога Република Македонија беше под ембарго за увоз на оружје, многу пријателски држави и влади беа расположени за донирање на опрема и средства за современо чување на границата. Сметам дека оваа шанса не ја искористивме.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"