КОМЕНТАР

Македонски плурализам

КРЕНА ЛИ БРАНКО РАЦЕ ОД ПРЕГОВОРИ?

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Блискиот Исток секојдневно ечи од експлозиите на бомбашите самоубијци кои го жртвуваат цивилното население за реализирање на своите фашизоидни идеи. Се настојува рецептот да се примени и на Балканот со слични проекти кои би имале за цел потклекнување на државните администрации во Белград и Скопје и нивно откажување од суверенитетот врз териториите каде живее мнозинско албанско население.
  • Оваа држава конечно треба да заличи на она што треба да биде. Во спротивно, шансите се повеќе ќе ни се намалуваат и ќе исчезнуваат.

е можат класични криминалци и киднапери да условуваат и да поставуваат барања на кои сега се обидуваат да им дадат политичка тежина. Оваа Влада ниту преговара, ниту, пак, има намера да разговара со такви криминалци. Не може да се бара континуирана амнестија или амнестија за кривични дела пред и по конфликтот".

Ова го изјави владиниот портпарол Сашо Чолаковски во контекст на затегнатата ситуација во Ваксинце и неговата околина. Ако овие се класични криминалци и киднапери и со нив не може да се преговара, што беа тогаш оние од 2001-та? Зарем тие применуваа поинакви средства и методи на работа, па седнаа на зелената маса и беа удостоени со придобивките од Рамковниот договор? Гаф до гаф од нашите "великодостојници".

За да биде куриозитетот поголем се погрижи прво расформираниот пратеник, а потоа расформиран терорист, Хисни Шаќири, кој полета кон липковско-карадачкиот регион за да ги согледа апетитите на своите "колеги". Значи, Шаќири преговараше со терористите. А, чиј претставник е Шаќири? На владината Коалиција. Од каде тогаш цврстиот став на Кабинетот на Црвенковски дека неговата Влада нема намера да преговара со криминалци? Индиректно преку пратеникот Шаќири како коалиционен партнер на СДСМ Црвенковски влезе во преговори. Грешките од 2001 година се повторуваат по истото сценарио.

Прво, Шаќири го прекрши кодексот на секоја нормална и демократска држава за непреговарање со бандити. Второ, Шаќири не само што преговараше со нив, туку и ги прифатил нивните барања со ветување дека ќе ги претстави на неговата партија и неговата Влада за решавање со сопствен став дека тие биле реални и конструктивни. Трето, Шаќири во една од точките од барањето прочита дека се бара ослободување на сите политички затвореници.

ФАШИЗОИДНИ ПЛАНОВИ

Се поставува прашањето: кој Албанец од 2001 година наваму е политички затвореник? Колку што е познато, по апсењето на Руфи Османи и Алајдин Демири, градоначалниците на Гостивар и Тетово во 1997 година, политички затвореник во оваа држава немало. Поистоветувањето на убијците, криминалците и терористите со политички затвореници е својствено само за оваа држава и политичките претставници на македонскиот Парламент. Оттука, се поставува прашањето кој го состави списокот со ултимативни барања до македонските државни институции - криминалците или лично Шаќири потпомогнат од неговиот опозиционер арачиновецот Исмет Рамадани? По малку смешна изгледаше рефлексната реакција на Премиерот да не се состане со пратениците кои преговарале со вооружените лица во Кумановско. Неговиот Кабинет за нив бил сосема недостапен. Дали СДСМ со тоа ризикува заладување на односите и соработаката со ДУИ?

Шаќири напоменува дека Црвенковски во интерес на мирот морал да ги прифати барањата на месното население, зашто во спротивно ситуацијата би можела да ескалира со несакани последици. Новиот развој на состојбите ја повлече и новата позиција на меѓународната заедница по ова прашање.

"Албанците повеќе нема што да бараат надвор од Рамковниот договор" е децидниот став на европарламентарците. Тоа е јасен сигнал дека Република Македонија е на добри позиции и основи успешно да ја реши новозапочнатата драма, но само доколку знае и умее како да се постави. Можеби Пандорината кутија за ваквата позиција неодамна ја отвори амбасадорот на НАТО во Македонија, Николас Бигман, кој отворено го потцени трудот на министерот Хари Костов со зборовите: "Доколку бев јас министер одамна ќе ги елиминирав бандите кои роварат по Скопска Црна Гора".

Доколку Хари навреме ги преземеше решителните чекори, можеби денес состојбата немаше да дојде до ова ниво. Сега Република Македонија ја има поддршката од меѓународната заедница како на стартот на 2001 година, кога Западот дури ги нарече бунтовниците со вистинското име - терористи. Тогаш државата не ја искористи ситуацијата или не знаеше како. Денес сме во иста положба. Ако денес и утре ја имаме поддршката за справување со бандитските групи, задутре можно е да ја изгубиме доколку пасивно и тромо се реагира на активностите на паравоените групи и подгрупи. Црвенковски не смее во никој случај да ја повтори грешката на Георгиевски од пред две години. Тој го има в рака Рамковниот договор, но самиот уставен акт не е доволен за позитивен исход во кризните подрачја. Веројатно повторно би била најпотребна дипломатско-воената опција која во екот на кризата членовите на широката коалиција не знаеја да ја спроведат.

Како да се оквалификуваат и последните пишувања на балканските политички магазини кои се потпираат на доверливи податоци на разузнавачките служби од регионот? Ал Каида повторно се реактивира на овие простори, но овој пат со сосема поинакви методи за постигнување на целта. Блискиот Исток секојдневно ечи од експлозиите на бомбашите самоубијци кои го жртвуваат цивилното население за реализирање на своите фашизоидни идеи. Се настојува рецептот да се примени и на Балканот со слични проекти кои би имале за цел потклекнување на државните администрации во Белград и Скопје и нивно откажување од суверенитетот врз териториите каде живее мнозинско албанско население. Арапско-саудиските инструктори и терористите се наоѓаат во специјални кампови во западниот дел на Македонија и на Косово, каде што се подготвуваат за извршување самоубиствени напади, планирани за почетокот на есента во Јужна Србија и во Македонија. Меѓу другото стои дека нивната обука е финансирана од албанската мафија која има за цел да ги спречи предвидените разговори меѓу Белград и Приштина. Оттука, не зачудуваат и последните најави на српскиот вицепремиер, Небојша Човиќ, кој рече дека екстремистите на југот од Србија подготвуваат нешто крволочно.

ПОСЛЕДНА ШАНСА

Доколку навистина се остварат ваквите фанатички планови на најразвиената светска терористичка мрежа, во тој случај Рамковниот договор воопшто не би бил средство за одбрана затоа што Ал Каида и т.н. АНА воопшто не ги интересираат човековите права и состојбата со имплементацијата на договореното од Охрид, туку напротив - тие ќе се борат за нешто што воопшто овде на овие простори не е договарано ниту пак размислувано. А механизмите за санација и неутрализирање на постапките со ваков рецепт од страна на меѓународната заедница би се свеле на нула. Таа не е способна ниту да ги осуети ваквите и слични планови, а не пак да ги елиминира. Тоа е знак дека во небрано би се нашле и мировните сили стационирани во Босна, на Косово и во Македонија. Конкордија сака да остане во земјава и во наредната 2004 година со намера доколку е потребно и воено да интервенира. Кој е начинот на кој европските сили можат да ги ликвидираат самоубиствените фанатици на Арабија, Авганистан или Косово?

Практично, тие немаат разработен план за дејствување во такви ситуации. Доколку би имале, тогаш Американците немаше да дозволат толку лесно да биде ликвидиран цивилниот администратор на Светската организација во Ирак, Ди Мељу, а покрај него уште дваесетина соработници. Значи ли ова дека земјите од нашиот регион не треба да очекуваат конкретна и практична помош од дипломатите на западниот свет? Самите не успеаја да се одбранат онаму каде што е најжешко во моментов, па оттука зошто би се понадевале дека со нивната помош би ни ги олеснале проблемите кои се надвиснале над нашите животи. Тие не се ниту умешни, ниту способни да го решат нашиот децениски проблем, а воедно не покажуваат ниту волја да го сторат тоа. Македонија и преостанатите засегнати држави од глобалниот тероризам ќе мораат предизвиците и опасностите самите да ги решаваат експресно и хируршки прецизно, да не дозволат времето да ги прегази и противникот да ги надвладее во стратегиите кои ги применува. Акциите преземени од легалните државни безбедносни ресори влегоа во совеста, свеста и разбирањето на секој слободољубив народ и на дипломатскиот свет кој досега немаше слух за нашиот проблем. Оваа Влада време е да ги искористи предностите кои самата ги изроди. Постојано да се повикува на Рамковниот договор кој пред две години ги урниса темелите на здравата македонска држава, а сега се појавува како спасоносно средство за неутрализирање на екстремизмот, тероризмот и криминалот по Липковско, Кумановско, Тетовско и Скопско. Оваа држава конечно треба да заличи на она што треба да биде. Во спротивно, шансите се повеќе ќе ни се намалуваат и ќе исчезнуваат. Во право се оние кои се чудат и како досега со ваквата пасивност, неинвентивност и нестратешка поставеност на речиси сите институции на системот сме опстојале и издржале во едно вакво опкружување. Негирани од сите, омаловажени од сите, непризнати, деградирани, а сепак сме тука. Да ја немавме и оваа тврдоглавост и попустливост која постојано се провлекува низ поминатите години, а веројатно и во иднина така ќе биде, можеби ќе стигневме и подалеку, можеби ќе ги претекневме и преостанатите околу нас кои до пред некоја година во ниту една област не можеа да се мерат со нас.

Но, враќање нема. Адути в рака имаме. Знаеме ли само да ги искористиме? Да престанеме да размислуваме дека секогаш оние во власта ни се тутурутки и дека има барем за три класи подобри од нив. Оваа деценија покажа дека ние немаме подобри. Да имаше и ќе се најдеа. Овие коишто се и актуелни и бивши ги уништија и оние за кои сметавме дека се подобри, па единствениот начин да му покажат на народот колку вредат е да ја добијат битката барем со тероризмот, бидејќи онаа со октоподот дефинитивно ја изгубија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"