ДУИ бара одговорност за акцијата во Брест
Двајцата убиени припадници на вооружените групи во реонот на Брест биле
Јакупи Муртезанов и Ќахил Шерифи од скопското село Синѓелиќ, соопшти МВР.
Полицијата има сознанија дека уште две лица се ранети, но нивниот идентитет
не е познат затоа што побегнале. Уапсен е Небија Б. (27) од скопското село
Арачиново.
ДУИ одржа седница на централното претседателство во партиското седиште во
Мала Речица, на која беше побарана конкретна одговорност за тоа што се случи
во Брест, но и барање за длабоки реформи во МВР и Министерството за одбрана.
Нема владина криза
"Владина криза нема и нема да има", истакна премиерот Бранко Црвенковски
во интервју за Македонската телевизија, поткрепувајќи ја својата изјава со,
како што рече, "резултатите од перманентната комуникација со ДУИ во
последните два-три дена".
Пријави за градоначалниците на Тетово и Гостивар
На денот на независноста пред зградата на Општината во Тетово немаше
место за државното знаме, а се веееше само знамето на Република Албанија. Во
Гостивар градоначалникот Џамаил Муртезаин донел одлука да не се истакнува
државното знаме пред Општината. На потег е МВР, кое најави прекршочни
пријави против "непослушните градоначалници".
Вооружени Косовци кон Македонија
Стотина униформирани и вооружени лица од Косово, како што дознава "Дневник",
се упатиле кон Македонија. Ваквата информација стигнала и до Министерството
за одбрана кое веднаш го известило НАТО на Косово, а американските војници
на КФОР веднаш излегле на терен. Но, портпаролот на МО вели дека немало
илегални преминувања во пограничниот појас кон Косово, а извори од НАТО
потврдуваат дека добиле таква информација, но нагласуваат дека не била точна.
Кашикара фрлена во продавница
Во понеделникот се уште неидентификуван сторител фрлил рачна бомба "кашикара"
врз деловниот објект "Детска радост", продавница за детска облека,
сопственост на А.Ф од македонска националност, која е лоцирана во станбена
зграда во центарот на Тетово. Од експлозијата нема повредени.
Албанците официјално бараат општина Кале
Албанскиот политички блок од Владата и од ресорното Министерство ќе бара
во концептот на претстојната територијална поделба да се вгради и постоење
скопска општина Кале. Ова беше официјално соопштено по средбата на
експертските работни групи на ДУИ, ДПА и на ПДП.
ДПА се враќа во Парламентот
Пратениците на Демократската партија на Албанците од средата, 10
септември, се вратија во собраниските клупи и, како што најавија, ќе
учествуваат во натамошната работа на Парламентот.
Осудени убијците на Марио
Кривичниот совет на Основниот суд Скопје1 ги осудил двајцата Роми, убијци
на скопскиот средношколец Марио Георгиевски (18). Седумгодишна казна
малолетнички затвор добил Б.Е. (17) од Скопје, а неговиот соученик Р.М. (16)
бил осуден на казна - од една до пет години престој во воспитно-поправен дом.
Осомничен поранешен полициски началник
Поранешен началник на прилепската полиција бил осомничен од МВР поради
злоупотреба на службена положба и овластување. МВР во увидот на
документацијата на СВР Прилеп утврдила дека началникот од 1999 година до
септември 2001 година без претходна проверка во казнената евиденција им дал
дозволи за оружје на криминалци и осуденици и на лица што немале постојано
живеалиште во Прилеп.
Балкоски: МВР конструира политички процес
МВР поднесе кривични пријави во кои поранешниот министер за транспорт и
врски, Љупчо Балкоски, се товари дека лани склучил осум незаконски договори
за отуѓување државно градежно земјиште со непосредна спогодба, и ја оштетил
државата за над 149 милиони денари. Балкоски тврди дека МВР конструира
политички процес против него.
|